Време е Македонија да смогне сили и да избере Јавен обвинител, специјален, кој наместо на балови, ручеци и седенки, ќе почне да се „меша“ во својата работа!
Специјалниот јавен обвинител, кој и да е, што ќе биде избран на 15 септември, мора да има расчистено со себе дека на оваа позиција не смее да биде „глув и слеп“ како што сега се однесува Јавниот обвинител и неговите верни сенки во скопското и во обвинителството за организиран криминал.
Ниту пак, да се надева дека од позицијата на „специјален“ за успешно завршена работа ќе биде прекомандуван од власта (која и да биде) на друга позиција.
Во обвинителот што ќе се нафати да биде „специјален“ и ќе го расчистува криминалот регистриран во прислушуваните разговори, ќе бидат вперени сите очи, а од него ќе зависи спроведувањето на изборите, кроењето на министерските и пратеничките листи, враќањето на довербата во правосудниот систем и, не помалку важно, враќањето на парите кои од даночниците завршиле на нечии приватни сметки.
По примерот на меѓународните трибунали, специјалниот обвинител мора да добие овластување да ги истражува сите материјали кои потекнуваат од бомбите, да има мандат да ги комплетира (истражи и застапува) сите кривични дела кои ќе се докажат, без разлика на видот и висината на запретената казна.
Сега надлежноста кај злоупотребите е поделена, па, за дел од нив постапуваат основните обвинителства, а доколку има штети за буџетот, постапува обвинителството за организиран криминал.
До 15 септември мора да се направи попис на оформени предмети по пријавите од бомбите, сите да се вратат во фаза на пријави, без јавно обвинителска одлука и да се предадат кај специјалниот јавен обвинител.
По примерот на решенијата од земјите во опкружувањето (Хрватска, Босна и Херцеговина и Србија -УСКОК, СИПА или Специјалниот обвинител за воени злосторства), за македонскиот специјален обвинител во законот треба да се предвиди пред кој суд ќе постапува (би требало да е само Скопскиот кривичен суд), но и да му се даде мандат да ги застапува предметите и пред Апелацискиот суд.
Ако не ја добие оваа надлежност, која е многу важна, специјалниот обвинител веднаш ќе влезе под капата на постојното Јавно обвинителство, а тоа секако, ниту е целта, ниту би бил постигнат ефектот на независност (се согласивме дека постојното обвинителство не е кадарно да ги спроведе истрагите, па затоа се избира специјален обвинител, нели!).
Јавниот обвинител мора да добие тим на обвинители кои ќе истражуваат и постапуваат по пријавите, да ги користи сегашните решенија од Законот за јавното обвинителство кој дозволува да земаат тимови од полицајци, инспектори од други органи или други стручни лица и тие под нивна контрола, за одреден период да работат на предметите.
Без тим, или без оружје, ако добиеме обвинител „специјаец“ кој ќе пука со „ќорци“, тогаш, јасно е дека резултати ќе нема!
Не помалку важно ќе биде, обвинителот да добие и посебна надлежност, врз основа на прислушуваните разговори и собраните докази да иницира повторување на веќе завршените судски постапки.
Ова би му дошло нешто помеѓу заштитата на граѓаните што сега ја има Јавниот обвинител во делот на Заштитата на законитост и проширена надлежност, барање за повторување на постапката по службена должност , без за тоа да има барање од самиот обвинет. На таков начин, со непосредно собраните нови докази, би можеле да се повторат многу предмети, за кои во „бомбите“ се слушаа разни договарања, местенки, нарачки.
Меѓу тие предмети беа споменувани „Кампања“ и „Ровер“ каде што е осуден Љубе Бошкоски, „Пајажина“, „Монструм“ и кој било друг судски процес за кој ќе се појави и најмало сомневање дека е „монтиран, лепен и креиран“.
Обвинителот треба да добие надлежност да ги застапува и веќе завршените предметите за кои ќе има нови докази и во фазате во која се (ако не се правосилни или се по вонредни правни лекови ). Само на тој начин ќе може да го тргне констатираниот статус во извештаите на Американскиот стејдепартмент и ЕК дека во Македонија има „политички затвореници“.
Паралелно, со повторувањето на судските постапки за кои ќе се пронајдат нови докази, специјалните обвинители ќе мора да водат и постапки и за досегашните обвинители и судии, и да ги отстранат сите сомневања дека се судело по нечиј налог, со однапред наметната казна, без почитување на правната процедура, без фер и правична судска постапка.
Законот им дава функционален имунитет на судиите за носењето на одлуките, но доколку два пати некоја пресуда е укината, а судијата упорно носи иста одлука, функционалниот имунитет треба да се стави на проверка преку нестручно и несовесно работење, во најмала рака.
Доколку пак, се утврдат намерни пропусти, криење докази и инструирани заштитени сведоци, секој мора да е свесен дека подлежи на кривична одговорност или надомест на штета.
Затоа, во периодов, до почетокот на септември, мора да се подготви сериозен закон, во кој на обвинителот ќе му се даде екипа, мандат за непречено гонење и одговорност само пред Парламентот кој би требало да го избира и разрешува со двотретинско мнозинство.
Обвинителот треба да добие право да издава таен налог за апсење, а евентуалното пробивање да значи покренување кривична одговорност. На ваков начин ќе се намали можноста да му прават опструкции во неговата работа.
Јавното обвинителство функционира по принципот на „наредби“, па се постапува така како што ќе нареди шефот и затоа имаме такви ефекти, бидејќи сите предмети кои се од нечиј интерес ги решава „наредбата на шефот“, а не правото и јавнообвинителскиот разум.
Затоа, партиските експерти не треба да бидат шкрти туку да му дадат „оружје“ на јавниот обвинител . Зашто, со ќорци не се оди на лов. Јавен обвинител со правна мисла водилка пред себе , треба да ѝ биде приоритет на секоја власт. Нему, единствената работа му е да открива, а не да покрива криминал. Сѐ друго, од ловот со ќорци, ќе нема ефект! Веќе се вртат и првите имиња. Нема да биде изненадување ако специјалниот обвинител биде обвинителка!