На кого се однесува приказната?

  •  
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  

Многумина ме прашуваа деновиве – што си запнал толку со таа Грција? Одговорот место мене го даде Жижек, цитирајќи ја латинската поговорка – DE TE FABULA NARRATUR. Или, во превод, приказната за Грција се однесува и на нас.

Ова што се случува деновиве и сите овие години во Грција не е воопшто борба на Грција против Германија, или против озлогласената Тројка. Ова е онаа вечна борба на народот против елитите. И тоа во три епизоди. Првата е онаа кога елитите, додека се на власт, неодговорно трошат, т.е. колоквијално кажано – го крадат народот.

Втората е онаа кога ќе дојде времето за враќање на долговите направени за да се плати неодговорното трошење, и кога големите светски банки ќе наплаќаат високи камати кои по некое време самостојно се перпетуираат и прераснуваат во должничко ропство.

Третата е кога должничкото ропство ќе ескалира и државата ќе нема повеќе пари за да ги враќа кредитите земени за да се платат каматите на каматите, и меѓународните институции ќе ги натераат властите да продадат државен имот, т.е. национални богатства, за да го направат ова.

Грците низ првата од овие епизоди поминуваа со децении, за време на владите на фамилиите Папандреу и Караманлис, кои постојано неодговорно трошеа. Втората ја поминуваа последниве 20-ина години, кога постојано плаќаа високи износи како камати за јавниот долг. Третата ја поминуваат деновиве, кога Тројката им наложи да приватизираат државен имот во вредност од 50 милијарди евра.

Грција е она што ние бевме, што моментално сме, и што најверојатно и во иднина ќе бидеме.

Бевме – зашто и нас нè тераа, на почетокот на транзицијата, да приватизираме сè вредно што имаме, вклучувајќи ги рудниците и телефонијата, а нешто подоцна и електростопанството како што ги тераат нив сега.

Сме – зашто и кај нас фамилијата го пљачка народот веќе 9 години, како што пљачкаа кај нив фамилиите со децении . За време на владеењето на нашата фамилија јавниот долг порасна за 2,4 милијарди евра (23% од БДП) во рок од 7 години, заради непродуктивни и нетранспарентни трошења.

Ќе бидеме – зашто и кај нас ќе дојде време кога ќе враќаме кредити земени за плаќање камати на камати на денешните кредити кои ги зема фамилијата. Ова последново сè уште можеме да го смениме.

Третава епизода сè уште можеме да ја спречиме. Aко се побуниме против елитите. Времето е сега.