Ако ЕУ не извади адут, Балканот ќе стане Џокер

Колумна на Сашо Кокаланов

„Don’t test the monster in me“(Џокер, 1989)

„As you know, madness is like gravity…all it takes is a little push. “  (Џокер, 2008)

„Is it just me, or is it getting crazier out there? “ (Џокер, 2019)

 

Ако среќата е добро здравје и кратко паметење, тогаш Македонецот има добра причина да развлече долга, цинична, џокерска насмевка. Со особено добро здравје не може да се пофали, но краткото паметење го служи одлично.

Доволно добро да влезе во истото лудило од кое се извлекол со тешка терапија. Доволно добро за да ја изговори репликата што веројатно најточно го отсликува неговото битисување во новиот историски момент: „Мислев дека животот ми е трагедија, но сега сфатив дека ми е комедија“.

Ова стравотно сознание на Хоакин Феникс (веројатно најдобриот Џокер по Џек Николсон, ако се исклучи Никола Груевски), само го верификува фактот дека трансформацијата на жанрот кај Македонецот е речиси завршена работа – веќе не сме трагедија, веќе сме комедија, заебанција, спрдачина, промашена точка на стендап-комичар, накратко – комедија што не е смешна, туку е тажна.

Денес кога надежите ни се како парче француски маргарин на врело македонско сонце, дајте, сепак, да се навратиме назад и да видиме каде тоа ние, всушност, вака добро се заебавме. Ќе дојдеме до трите цитати од погоре, како наслови на три поглавја од нашиот антологиски зајеб.

Не го потценувај монструмот во мене (1989)              

Оние со мамутско паметење ќе си спомнат на геополитичките епизоди на овие простори од времето на првите филмски изданија на Џокер, како метафора за злото. Го препозна или не тогаш Европа монструмот во нас?

Се чини, да, препозна дека на Балканскиот Полуостров има потенцијал за благо до умерено застранување, со можност за повремено лудило, но, не, не препозна Џокер што ќе го поулави континентот за да го врзе со синџири за кревет и да му вбризга седативи со инјекции.

На 31 јануари 2007 година, поранешниот претседател на Македонија, Киро Глигоров гостуваше во емисијата „Отворено“ на хрватската национална телевизија. Петнаесет години по распаѓањето на Југославија, поранешниот македонски претседател проговори за големиот предлог на Европската унија со намера да се спречи евентуална војна.

Денес кога надежите ни се како парче француски маргарин на врело македонско сонце, дајте, сепак, да се навратиме назад и да видиме каде тоа ние, всушност, вака добро се заебавме

Како член на Претседателството и претставник на Македонија, заедно со претставниците на останатите републики бил повикан на средба со „европската тројка“ – претседателот на Европската комисија Жак Делор, министерот за надворешни работи на Луксембург (земјата претседавач), Жак Сантер и холандскиот комесар (и министер за надворешни работи) Ханс Ван ден Брук. На Југославија ѝ бил претставен планот одобрен од Советот на ЕУ, кој требало да ја спаси тогашната земја, од која бевме дел и ние, од граѓанска војна.

„Жак Делор рече дека прво – со политичка одлука Југославија ќе биде примена во Европската унија, веднаш. Второ, за да успее реформата на Анте Марковиќ, ќе добиете од буџетот на Европската унија 5 и пол милијарди долари. Но, ние можевме никако да се договориме…“, откри Глигоров.

Тогаш пукна првиот чир во стомакот на нашите европски интеграции. Колатерална штета. Резултат на националистички заслепената и визионерската кусогледост од библиски размери на тогашното југословенско водство. Ние не сме ништо виновни, хамартиска жртва сме на шовинизмот на поголемите балкански народи.

Пропуштена е историска шанса, ама јебига, идемо даље. Сами ќе си го рамниме патот кон Брисел, тоа и не би требало да е нешто особено тешко за еден мирољубив и работлив… Добро де, главно мирољубив човек каков што е Македонецот.

Монструмот дивее по Балканиве, ама тој не е во нас. Ние сме Македонија, факинг оаза на мирот! И навистина почнуваме некако, трудно, ама сепак… да се движиме по тој пат, сè до следниот крупен пресврт во заплетот на нашата нација.

Лудилото е како гравитацијата..., потребно е само некој малку да те турне (2008)                                

Годината кога на бокс-офисите почнуваат да се продаваат билетите за „Темниот витез“ (Хит Леџер како Џокер), Македонија почнува да сфаќа дека станува заробена држава на својот мрачен витез. Технократот и економист Груевски, една појава која многу ветува, престанува да биде тоа. Си го фарба лицето, си црта насмевка, си ја облекува наметката на кловн и го почнува своето налудничаво дивеење.

Државата Македонија не може да мрдне речиси една деценија од кандидатски статус, иако е туркана како запрежна кола на монсунски дожд. За тоа време, сите тераат напред, нè престасуваат како фиќо на германски автопат. Занзибар да беше европска држава ќе нè престасаше. Процесот е жив, пука од живост, фалични држави по многу фундаментални основи се интегрираат без проблеми, уште пофалични почнуваат преговори, а ние живееме некој наш романтичен сон. Мислиме дека историјата е осамената девојка што ја среќаваме секој ден во лифтот и дека ова е шансата конечно да ѝ се качиме.

Водиме љубов со историјата, лечиме сексуални комплекси на адолесцентна нација, си правиме интервенции на пластична хирургија за евтини пари, абортираме шанси за брз напредок, зашто времето, нели, работи за нас.

Излегува дека девојката со која се онаквал Македонецот постоела само во неговата глава. Историјата е можеби курва, ама немаме пари да ја платиме, а уште помалку шарм да ја заведеме.

Заробената држава се ослободува години подоцна, и тоа прангите ни ги вадат така што екстремитетите ни ги разнесуваат со бомби. Македонецот, во историска смисла, станува инвалид, што во превод значи невалиден историски чинител, или барем невалиден самостојно да си ја крои судбината.

Но, за почит, е неговиот став да продолжи да се бори. Европа не крева раце од нас. Сепак, и таа чувствува извесна вина за лудилото во кое западнавме, зашто со години, директно или индиректно, таа беше тој final push за да летнеме во слободен гравитациски пад кон бездната.

На крајот на краиштата, иако држава со разнесени екстремитети, која не може да застане на свои нозе, имаме орган(и) што се смета(ат) во тој момент сè уште важни за европските интеграции – по многу години конечно имаме малку разум и многу срце. Со тие малку разум и срце полно верба се впуштаме рицарски кон отстранување на пречките посадени од претходниот режим, а кои Европа ги нарече добрососедство. Веруваме, така и нè убедуваат, дека Преспанскиот договор е нашата рампа за да може во инвалидска количка да се дотуркаме некако до ЕУ. Рампата е спуштена, излажани сме.

Дали е до нас, или сите се мрднале таму надвор (2019)

Со оваа мисла влегуваме во третото најново поглавје, кое симболично го означи француското октомвриско вето, истовремено кога оваа реченица најновиот Џокер почна да ја изговара на големото платно.

Сега сме невеста напуштена пред олтар. Надежта која последна умира – лежи на смртна постела, срцето слабо ни работи, скршено од разочараност, притисокот ни се стабилизира на вредности карактеристични за гуштер – единаесет со четириесет, западнавме во длабока егзистенцијална тишина…

Комплексите на пониска вредност веќе не се кнедли што може да поминат низ нашето грло, една од нив ни е заглавена во душникот. Скалата на европските вредности веќе не ни вреди ништо, сфаќаме дека се имаме сопнато на последната скала и сега се тркаламе надолу, притоа, во мислите победуваат револтот и тој познат ретрограден нагон: дури сега има да плукам на улица до последен шлајм, вода од колено има да исплукам, ќе поминувам „на жолто“ десет секунди откако се вклучило црвено, ќе доцнам, ќе прдам, ќе смрдам, ќе се оженам со партијата, не читам веќе ништо, ќе умрам (медиумски) неписмен, ќе се колнам во мајка дека земјата е плоча, до гроб ќе мразам сè што не е како мене… и низа слични мисли кои може да се сведат на една: Европо, еби се!

Последиците нема да ги чекаме долго. Првите „жртви во метрото“, Европа ќе ги види наскоро, зашто со Џокер е така – додека е под институционална контрола, не е опасен, но кога ќе биде препуштен сам на себе, опасен е и по себе и по околината

Реформите и досега наместо да ги правиме со брзина на газела што слушнала истрел, ние ги правиме со брзина на слон со отсечени уши. Отсега… Отсега се придржуваме само на едно правило: колку е поважно, толку мора да се турне подалеку од рабовите на тепихот. Цркни Европо! Во главата на Македонецот веќе не постоиш!

Франција е виновна, секако. Макрон ги уби нашите соништа. Европската идила нема да се случи уште долги години поради тоа арогантно макро на вавилонската курва. Но…

Имаме ние сè уште џокери во рацете. Тоа што и овие две-три години истрајавме на следниве погубни постулати: 1. катастрофална кадровска политика; 2. реформите сведени на промена на закони; 3. нереформирано образование со некакви квазикембриџ постапки за идиотизирање на новите генерации; 4. нула познавања на кризен менаџмент; 5. потценувачки однос кон комуналните теми…; 6. незнаење како да не им се претвори слободата во хаос; 7. неотстранувањето дури ни на симболичните знаци на лудилото (среќен празник на ВМРО денеска и да ви е вечно „Скопје 2014“!); 8. неправосудството успеа да преживее (фала ѝ на Катица); 9. Корупцијата преживеа (фала на сите); 10. неспособност од епски размери да се променат.., апсурдно, но тоа е сега нашиот најголем адут.

Сево ова одмогна да фатиме некој побрз воз за Европа, но помогна да останеме доволно луди за последнава капка разочарување со која Макрон ја прели чашата да нè претвори сите балкански лудаци во Џокер. Извинете, ама сега ова веќе не е лудило на пациент кој само малку жали дека не успеал да стане стендап-комичар. Сега е сеопшто лудило, лудило-феномен, заразно лудило, стихијно лудило, сега веќе не сме Џокер, луда толпа сме која нема што да изгуби.

Последиците нема да ги чекаме долго. Првите „жртви во метрото“, Европа ќе ги види наскоро, зашто со Џокер е така – додека е под институционална контрола не е опасен, но кога ќе биде препуштен сам на себе, опасен е и по себе и по околината. За жал на ЕУ, таа е нашата околина. За среќа за нас.

Во оваа адутска игра, ЕУ знае дека мора да извади адут, ако не сака да стане Готам сити, жртва на малиот, неважен, полуден и разочаран Западен Балкан.