Македонската економија не е лидер според економскиот раст, странските директни инвестиции воопшто не се зголемени, а невработеноста не е намалена.
Вистина број 1 – Не сме лидери во економски раст…
…Ни во регионот, а уште помалку во Европа. На пример, во 2013 година македонскиот БДП пораснал за 2.9%, а црногорскиот за 3.5%. Косовскиот за 3.4%, романскиот за 3.5%, а на Молдавија – за дури 8.9%.
Резултатите се уште полоши ако се набљудува подолг временски период. Така, во периодот 2007-2013, кој соодветствува со периодот на владеењето на владите на Никола Груевски, просечниот раст на македонскиот БДП бил 2.6%, што е исто колку растот во Црна Гора, а е помалку од растот во Албанија (3.5%), Косово (4.3%) и Молдавија (3.8%).
Всушност, растот за време на владеењето на Груевски, од 2.6%, е понизок дури и од растот од пред неговото доаѓање на власт. Така, просечниот раст на БДП во 2002-2006 изнесувал 3.5%.
Знам, ќе речете, за време на владеењето на Груевски имаше два големи шока во светската економија – глобалната финансиска криза и евро кризата, заради што не може да се споредува растот во 2002-2006 со растот во 2007-2013. Во право сте. Ајде тогаш да го споредиме растот во Македонија во однос на светскиот раст, за овие два периода.
Растот во Македонија,минус глобалниот раст, во периодот 2002-2006 изнесувал -1%. Истиот овој раст во периодот 2007-2013 изнесувал -0.9%. Скоро идентично.
Значи, ниту сме лидери во регионот во економски раст, ниту пак растот од последниве седум години е нешто посебен, ниту пак за тоа можеме да ја обвинуваме светската криза.
Вистина број 2 – Колку и да е висок растот, тој е многу лошо дистрибуиран
Секако, побитно од висината на економскиот раст е неговата распределба. Ако растот завршува во рацете на неколку луѓе, нема големо фајде ни ако е тој 100%.
Сè до 2006 година, доходот кој завршува кај најбогатите 1% од населението во Македонија изнесувал околу 5-6% од вкупниот доход. Тогаш ова учество почнува вртоглаво да расте, и до 2010 година, која е последната година за која има податоци, достигнува 12%.
Ова е убедливо највисоко ниво во регионот. Романија, која е на второ место, има учество од 10%. Во Европа, само Велика Британија и Германија имаат повисока нееднаквост, со учество на најбогатите 1% од 13%.
Дуплирањето на учеството на најбогатите 1% во вкупниот доход во овие четири години практично значи дека скоро две-третини од вкупниот економски раст во овој период завршил кај најбогатите 1%. Или, доходот на најбогатите 1% во овие четири години растел со просечна стапка од 25% годишно, додека доходот на останатите 99% растел со стапка од 1% годишно. За споредба, во периодот 1996-2006, доходот на најбогатите 1% растел просечно годишно за 4%, а доходот на останатите 99%, за 2.5%.
Што се случило од 2010 наваму? Бидејќи нема податоци за учеството на доходот на најбогатите 1% од популацијата по 2010 година, можеме само да проценуваме. Согледувајќи ја структурата на економскиот раст од 2010 наваму, може да се тврди дека растот и во овој период е нееднакво распределен.
Растот во периодот 2010-2014 скоро целосно се должи на градежништвото (Скопје 2014) и индустријата (новите странски инвестиции). Во градежништвото, вкупните средства кои завршуваат кај работниците во овој период пораснале за 25%.
Во индустријата, за 10%. Во истото ова време, профитите на сопствениците на капиталот во градежништвото пораснале за 90%, а во индустријата – за 100%. Бидејќи профитите завршуваат во рацете на помал број луѓе и се во просек повисоки од средствата на вработените, може да се каже дека нееднаквоста продолжила да расте и по 2010 година. Или, со други зборови, од градежната експанзија финансирана од страна на државата, и од „силните“ странски инвестиции, полза имаат пред сè малкумината „газди“.
Вистина број 3 – Странските директни инвестиции воопшто не се зголемени
И тука доаѓаме до странските директни инвестиции. Многу работи околу странските инвестиции не се познати – не знаеме колку пари се потрошени на роуд-шоуа и кампањи за нивно привлекување, не знаеме какви сè привилегии добиваат странските фирми што инвестираат, не знаеме колку луѓе се вработени во нив… Но, знаеме колку инвестиции се влезени. Помеѓу 2007 и 2014, секоја година во македонската економија влегувале во просек277 милиони евра странски инвестиции. Или, околу 4.8% од БДП.
За споредба, во периодот 1998-2006, секоја година во македонската економија влегувале во просек околу 5.1% од БДП. Без роуд шоуа, без скапи кампањи.
Од земјите во регионот, Македонија во 2007-2014 имала повисоки странски инвестиции само од Босна и Херцеговина, Хрватска и Романија, кои имале инвестиции од околу 4% од БДП. Албанија, Србија, Бугарија, Косово, Црна Гора, Молдавија имале многу повисоки странски инвестиции, во просек околу 10% од БДП.
Но, да, како и во случајот на БДП, можно е да има глобално забавување на инвестициите по 2006, заради што има забавување и во инвестициите во Македонија. Затоа, ајде да видиме колку се странските инвестиции во светот во овие два периода. Во 1998-2006, вкупнитеглобални странски инвестиции изнесувале околу 2.5% од светскиот БДП. Во периодот 2007-2013, тие изнесуваат 2.8%. Значи, и покрај финансиската криза, и покрај евро кризата, во светот има зголемување на странските инвестиции по 2007, а не намалување.
Тогаш, зошто нема зголемување на странските инвестиции и во Македонија? Затоа што стратегијата на владата за привлекување на странски инвестиции е погрешна.
Таа базира на два главни столба – промотивни активности (преку роуд шоуа, промотивни кампањи и слично) и на ниски даноци. Во едно мое истражување се покажува дека промотивните активности воопшто не влијаат на привлекување на странски инвестиции, додека ефектите од намалувањето на даноците се многу мали. Така, намалувањето на данокот на добивка од 5 процентни поени (како што беше направено кај нас помеѓу 2006 и 2008) би ги зголемило инвестициите само за околу 6 проценти. Од друга страна, намалувањето на данокот на доход, дури и да води до намалување на трошоците а труд, воопшто не би влијаело на инвестициите, зашто трошоците за труд не се битен фактор за инвестирање во земјите од Источна Европа.
Вистина број 4 – Невработеноста не е навистина намалена…
…Од 36% во 2006, на 28% во 2014. Како прво, треба на сите да ни биде јасно дека вистинската невработеност во Македонија не е толку висока колку што покажуваат официјалните податоци на Државниот завод за статистика (ДЗС). Причината за тоа е – неформалната вработеност, то ест, сите оние лица кои работат, а во анкетата на ДЗС се изјаснуваат како невработени. Тоа може да го прават од многу причини, пред сè, заради стравот дека ако се изјаснат како вработени, може да бидат казнети од инспекција, или да им биде укината социјалната помош.
Во едно друго мое истражување кое допрва треба да излезе (заради што не можам да го линкувам сè уште), правам проценка на неформалната економија во Македонија. Резултатите укажуваат дека таа во 2006 изнесувала околу 24% од официјалниот БДП, а до 2013 се намалила на 12%. Аналогно на тоа, неформалната вработеност во 2006 изнесувала околу 170.000 лица, за до 2013 да падне на околу 100.000. Оттука, вкупната вработеност во Македонија (формалната + неформалната) во 2006 изнесувала околу 750.000, а во 2013 пораснала на 790.000.
Бидејќи и активното население во овој период пораснало, од околу 900.000 на околу 960.000, фактичката невработеност помеѓу 2006 и 2013 воопшто не се намалила, т.е. останала околу 17%. Со други зборови, падот на официјалната вработеност од 36% во 2006, на 28% во 2014, скоро целосно се должи на преминот од неформална во формална вработеност.
Вистина над вистините
Сè на сè, „на западот ништо ново“ по 2006 година. Освен што сè поголем дел од малиот колач завршува кај најбогатите.
Потребни се промени. Суштински промени…
(Авторот е економски аналитичар и член на „Солидарност“)