Чудното патешествие на една фискална сметка

Колумна на Сашо Кокаланов
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  

Повратот на ДДВ од секоја фискална сметка во семејството Сиротановски го дочекаа во домашна атмосфера, апсолутно подготвени за предизвикот и во прекрасно расположение. Како стапи во сила мерката, жената веднаш направи список на најнеопходните потрепштини, додека мажот го облекуваше свеченото одело за свадби и избори, зашто ова, сепак, беше специјален момент: не паметеше кога претходно му се вратиле в џеб пари од државата, секогаш тие се движеа во некоја обратна насока.
Децата го гледаа залепени на прозорците додека тој со торбата на тркалца се движеше кон најблискиот супермаркет. Им мавна. Тие му се насмеаја. Имаше во списокот и за нив по некоја ситница, животинско царство и две лижавчиња.
Откако испазари, мажот уште на касата си ја измазни со рака фискалната сметка и внимателно ја превитка над кодот за да не се оштети, па ја смести во внатрешниот џеб на палтото. Кога стаса дома, се сликаа целото семејство за спомен на денот и потоа замина на работа.
Кога се врати од работа, мажот Сиротановски беше невообичаено добро расположен. Иако три месеци немаше земено плата, во душата нешто му играше, радосно му потскокнуваше. Ја прегрна жена си, која секако ја најде таму каде што ја остави – дома, зашто беше невработена и, не насетувајќи ја големата несреќа, ја замоли да му го извади оделото зашто сакаше да си ја види уште еднаш фискалната заштеда. Поточно, не само да ја види, туку и да ја процесуира, зашто на пауза на работа ја беше симнал потребната апликација.
– Не е дома оделото.
– Како не е дома!?
– Така, ти го однесов на хемиско.
– На хемиско!? Дали си ти луда, немаме пари за хемиско!
– Не викај! Не ти беше испрано од изборите во 94-та…
– Ги бојкотиравме тие избори!
– Да, ама твојот колега Стојан правеше тогаш свадба, не се сеќаваш…
– Добро, ајде, биднало, дај ми ја фискалната да ја внесам во системот – рече помирувајќи се со непланираниот трошок за хемиско чистење.
– Фискалната!? А кај ти е фискалната, не е кај тебе?

Тогаш Сиротановски сфати што се случило. Без да губи време, го грабна бројчето од салонот за хемиското чистење, се облече и со трчање отиде до таму. „Можеби уште не го ставиле во машина“, си велеше, тешејќи си се додека целиот капнат од трчањeто чекаше да заврши паузата за ручек.
Кога вработената конечно ја отклучи вратата, влета внатре како избезумен. Таа го зеде ливчето и рече дека уште оделото уште не е испрано, имал среќа, веднаш ќе му го донесе. Сиротановски си ја избриша потта од челото, воздивна олеснувачки. Но, чекајте… Зар е можно…
– Госпоѓо, ова не е моето одело!
– Како не е? Па, тоа е бројчето господине… Дваесет и осум, така?
– Така, ама ова не е моето одело!!!
– Изгледа колегата од прва смена ги измешал. Често осмицата ја меша со тројка…
– Дајте ми го дваесет и три тогаш! – веќе викаше нервозно.
Госпоѓата погледна прво во тефтерот, па потоа извинувачки погледна во него.
– Веќе е подигнато тоа одело.
– Што!? Дали сте вие нормални!
– Полека, господине, зошто толкава нервоза, ќе се среди, се случува…
– Не разбирате, госпоѓо, внатре имав нешто многу важно… Драгоцено… Фискална сметка…
– Ве разбирам, господине, ама верувајте, се направила замена, кога ќе ја увидат грешката, ќе го вратат… и ќе ви биде вратено…

***

Трајче, приправник во адвокатската канцеларија Златко Кешарски, се враќаше од хемискиот салон со оделата на својот шеф. Си ја мразеше работата, иако не беше претерано напорна, кога не одеше по бурек или по испраните одела, главно чмаеше и сурфаше на интернет. Сепак, се чувствуваше некако нереализирано како за магистер по правни науки.
Кога стаса, адвокатот Кешарски внимателно ги провери оделата и веднаш забележа дека едното не е испрано.
– Зошто ти го вратиле ова неиспрано?
– Испрано е, шефе, како не е – се обидуваше приправникот да се спаси од ново премерување на патот од канцеларијата до хемиското.
Адвокатот, сепак, беше врвен стручњак за изведување докази. Бркна во џебот од палтото и извади фискална сметка.
– Да беше испрано, ќе беше испрана и оваа фискална сметка!
Приправникот безволно го зеде оделото и излезе од канцеларијата. Адвокатот тогаш ја отвори завитканата фискална сметка и со чудење ја гледаше некое време. Не му се случило да пазари во маркет, а сметката да е помала од пет илјади. За помалку не го ни пали мерцедесот…
Петстотини денари, мизерија! Па, нему само отклучувањето на адвокатската канцеларија му чини петсто денари, а ако седне на кожената фотелја, веќе чарџа илјадарче. Со резигнација ја фрли фискалната низ прозорецот.

***

Верникот Димче одеше по улица и се прашуваше како е можно сè во животот да му е наопаку. Секој ден се моли, а гледај, о Боже неправеден, гледај што му се случува: прво му умре жената, добро тоа беше лани, ама уште не ја преболел, потоа му се запали станот, за вчера да му се случи и тоа од што најмногу стравуваше – промаши на спортска ливче со седумнаесет тениси од Вимблдон, и тоа само за еден.
Дали можеби не се моли доволно? Да не заборавил да пости некој тежок празник? Да не пуштил машина за перење на Петровден или на Крстовден? Да не го опцул Бога некогаш несакајќи, во афект, во кладилница? Не можеше да се сети дека направил кој било од овие гревови.
„О, Боже, ако постоиш ти горе на небесата, дај ми некаков знак“, си помисли и токму во тој миг од небото директно на челото… го посра пиле.
„Е, фала ти, Боже, ама можеше и некој похигиенски знак да пратиш“. Додека бараше марамче за да се избрише по џебовите (немаше, нормално, какво марамче, саде недобитни ливчиња имаше насадено по џебовите), се случи чудесниот миг: нешто книжно, лесно како пердув, падна на неговото рамо.
Полека, нежно ја заврте главата и виде дека е тоа фискална сметка. Се насмевна од уши до уши. Ја зеде внимателно и си ја положи на дланките така како што се држи капка вода во пустина, светулка во ноќта или, или… па да, секако, фискална сметка од 1 јули наваму. Погледна кон небото и му намигна на горниот во знак на благодарност.
„Значи, стварно постоиш, куче едно“, духовито го прекори.
Потоа се наведна пак кон фискалната.
„Види ја, Боже, колку е прекрасна“, ѝ се воодушевуваше искрено, како вистински предан верник. „Има и код за скенирање“, си мислеше додека ја целиваше точно во кодот, благословувајќи си го денов кога и него конечно го огреа сонце.
Го извади веднаш мобилниот и тргна да ја скенира, но таман да го стори тоа, нешто го сепна. Можеби беше од алкохолот, стопати си имаше ветено дека нема да пие повеќе од литро ракија макар промашувал секогаш само по еден меч, ама, ете, како да го чу гласот на Бога во себе: „Тоа не е твое, смртнику! Таа фискална припаѓа на некоја друга душа, не на твојата!“
Не собра сили да го стисне копчето за скенирање на апликацијата. Наместо тоа, реши да ја донира фискалната на оние на кои им е најпотребна. Верничка топлина му дојде од кај градите, или можеби тоа беа киселини во желудникот од пиењето… Сеедно.

***

Попот Таско ги пребројуваше свеќите. Имаше некој хроничен страв дека ќе има помалку петденарки од бројот на продадени свеќи и затоа ги броеше на секои петнаесет минути. Тогаш нечиј глас го прекина во броењето, и тој сосема изуми до каде беше стигнал.
– Попе, сакам да донирам.
Се обидуваше да ја сокрие нервозата што ќе мора да брои одново, зашто кога верникот има потреба, и таа потреба треба да биде услишена.
– Колку ќе донираш, чедо?
– Петстотче.
– Положи ги на мојата рака, чедо, да не те мачам да одиш до иконана.
– Веднаш, попе, само да ти кажам, во форма на фискална сметка се.
Верникот Димче, како што му беше речено, ја положи фискалната на раката од попот. Што е право, Црквата не издава фискални сметки, но тоа не значи дека е гадлива на нив. Попот го зеде дарот црковен, зашто дар не се одбива, го попрска со осветена водица, за да го фати полесно скенот, и се обиде да го скенира со попскиот ајфон. Арно ама, не можеше да ја најде апликацијата. По кратко сурфање, ја узна страшната вистина – нема апликација за iOS сè уште.
– По ѓаволите, зошто нема апликација за ајфон! – крикна попот.
– А да си земете самсунг ес-10? Го имате со Магента 1 пакетот, тој за најстраствените верници со гратис 100 минути разговори со Господ и бесплатен Јутјуб за преслушување молитвени песни и црковни хорови…
– Молчи, сотоно! Не ми скоривај јадови сега, од три икони пари се потрошени за овој ајфон! Зар на тоа ме наведуваш да се фрлам на овоземни задоволства и два мобилни да имам!?
– Не, не, таман работа, проштевај попе. Јас само сакав да донирам…
Попот не го ни дослуша, излезе со фискалната надвор во дворот, погледна лево-десно дали некој го гледа (добро де и горе) и откако се увери дека нема никој, ја фрли фискалната.

***

Инфлуенсерката Лили, плавуша со изразито црн корен, само што ја беа исплатиле за последната кампања: нова колекција креми за сончање со фактор приближно ист колку и нејзиниот IQ-коефициент. Заработката беше феноменална и само што таа си помисли дека не може да биде подобро, ветрот ја демантираше. В рака ѝ падна нова премија, фискална сметка.
Добро, сега, не мора да бидеме до крај прецизни, така се вели в рака, инаку фискалната се заглави во деколтето, меѓу двете гради.
„Знаев дека подлабоко деколте носи повеќе пари“, си помисли мудро додека ја вадеше уловената фискална, внимавајќи притоа да не си ги изгребе силиконите со вештачките нокти од седум сантима.
Фискалната не беше на некоја голема сума, но пара на пара се лепи. Добро не на пара, се залепи на… Ајде сега да не давиме со детали. Кога ќе раскаже на Инста како ѝ долетала среќичката, има на селфито да се лепат лајкови ко муви на… ко пчели на мед.
Направи неколку (стотици) селфи со фискалната на нејзиното оригинално место, таму каде што самата си слета. Кога дојде дома, направи мал филтер на фотките и веднаш ги објави нив неколку (стотини) најдобри.
Фрчеа прекрасни пораки: „Ех, да сум на местото на фискалната“, „Најслатка“, „Две цуциња, ти и фискалната“, „Може во инбокс цена… (на фискалната) хахаха…“.
Лили го остави телефонот да трепери од нотификациите и излезе да ја прошета пудлицата Лили, која си играше околу нозете на Лили. Да, ја беше крстила по себеси, иако беше свесна дека некои можеби ќе помислат дека е нарцисоидна.
Не виде дека во жарот на играта, фискалната заврши во устата на пудлицата. Кучињата се паметни и штедливи животни, па Лили, кучката, си ја закопа во паркот каде што инфлуенсерката ја носи за мочање, додека Лили маваше неколку нови селфија.
Лили, инфлуенсерката, потоа дома не ја најде фискалната. Не стаса ни да ја скенира. Но не ѝ беше ни потребна, каде-каде повредни и беа тие 1.326 лајкови што ѝ ги донесе.

***

Вечерта на локацијата во паркот се паркираше џип со охридски таблици. Луѓето во џипот, вкупно четворица, некое време седеа внатре со изгасени фарови. Кога се осигурија дека теренот е чист, излегоа.
Беше тоа еден старец со долга бела коса и со бела брада, за кои некои подоцна ќе тврдат дека бил Паско Кузман, заедно со уште двајца копачи, некој политички некоректен би рекол цигани, ама, за среќа, ние сме политички коректна генерација, која уште од мали години кога ја читаше лектирата на Видое Подгорец „Белото циганче“, со пенкало пречкртуваше и пишуваше Ромче. Четвртиот, оној што им чуваше стража на белокосиов и на копачиве, погодувате, беше лицето Рашко, се извинувам до небото ако не беше така.
Копаа, копаа, но ништо не најдоа.
– Зш море нишчо не најдовте, неопрани едни, морат да имат нешчо, на мапава вељит имат златна маска.
– Немат – рече едниот копач на лош охридски.
– Нишчо немат? Баш нишчо? Истај раката да видам да не кријаш некое византијско паре!
Едниот копач со тешко срце ја отвора раката што му беше стегната во тупаница.
– Шчо е море ова?
– Фискална, шефе – рече попарено копачот.
– Ам фискална за тебе нишчо е? Рашко ела море да видиш како не крадет, при очи слепци не прает.
– Крадат ко цигани, брат – викна Рашко од своето стражарско место.
Така фискалната заврши на сигурно, кај Рашковски, зашто двајцата заклучија дека Паско не е баш најбезбеден човек за чување фискални артефакти по дома.
Арно ама, следниот ден, Рашко на работа по ходници го сретна главниот за економија во државава, Кочо, и му ја предаде фискалната, зашто тој најдобро ќе знае што да прави со неа. Кочо веднаш му одржа лекција:
– Оваа, Рашко, ти е чиста пара, сакаш можеш да ја уновчиш, сакаш можеш да ја претвориш во енергенс и да ја запалиш.
Да, Кочо, освен во пари, се разбираше и во енергенси.
Арно ама, судбината така сакаше, Кочо беше тргнал на прес-конференција, на која еден од новинарите толку многу го изнервира, што тој почна да претура луто по џебовите да бара фломастер за да фрли по него. Ја најде само фискалната, ја згужва во топче и го погоди новинарот точно во тиквата што не разбира ништо од фискална економија.

***

Вообичаен работен ден за адвокатот Златко Кешарски. Приправникот го беше пратил по бурек и јогурт, па тој прелистуваше што има ново по Службените весници и по Твитер. Се изненади кога секретарката му го внесе во офисот новинарот Перо.
– Кажи Перо, пак некоја клевета?
– Не, сега јас сакам да тужам.
– Кого бе Перо?
– Кочо.
Адвокатот го ислуша, па слатко се изнасмеа, изложувајќи му ги темелно правните аргументи зошто не е паметно да се тужат со Кочо. Човекот само малку се изнервирал, фискалната е, сепак, хартивче, повредите од хартивче тешко се докажуваат на суд итн.
Перо, виде-не виде, сфати дека правото не е на негова страна и си замина. Не го понесе крунскиот доказ, ебати доказот што не може ни глава да ти дупне.
Откако Перо си замина, Златко некое време само се смешкаше за чудниот случај со Кочо и новинарот, играјќи си со згужваната фискална во рацете. Тогаш се сети на „Мој ДДВ“ и си помисли дека Кочо не држи в џеб фискални на мали суми, кога…
О, не! Го обли студена пот! Тоа беше истата фискална сметка од претходниот ден. Да, таа што некој му ја имаше вметнато во џебот од палтото! Дали некој го мести! Дали згазнал на жуљ на некоја битна фаца во државава!
Го фати невидена параноја. Панично ги избриша отисоците од прстите од фискалната сметка и се ослободи од неа фрлајќи ја во најблискиот контејнер.

***

Рамиз го туркаше моторот со приколка. Би го возел, ама денеска не сакаше да запали. Во приколката, неговите седум дечиња се расправаа за некоја играчка што ја беа нашле на претходната станица.
Стасаа до следната станица. Два големи метални контејнери, кои често знаеја да кријат различни изненадувања. Зиме некогаш знаеја да најдат и десетина смрзнати сарми, често имаше недојаден леб, а пластични шишиња – колку ти душа сака, а лете жедта во околните згради им носеше илјадници, илјадници пластични шишиња.
И денеска не беше ништо поразлично. Вистинско богатство. Имаше дури и кутија со сладолед. До пола изеден и растопен, ама сепак имаше и сладолед.
Им го даде на децата, а тој се фокусираше на еден предмет, кој од први јули наваму ретко го наоѓаше по контејнерите. Фискална сметка!

***

Ете, тоа беше приказната што ја чув денеска во супермаркет додека си ја диплев фискалната со мојот ДДВ на неа за да ја ставам в џеб. Чуден, многу необичен пат како за една обична фискална сметка, ама со хепи енд.
Зашто таа, по низа перипетии, сепак заврши во рацете на социјално најранливата категорија граѓани. Останува само уште да се реши тој мал проблем со малиот процент на користење на мобилната телефонија кај питачите, но нека остане нешто и за во втората половина од мандатот.