Динамитот е поставен

  •  
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  

Деновиве се слушаат разни верзии за прапочетокот на „Рекет“: чие е сценариото, од кој центар потекнала идејата да се насанка на тенок мраз СЈО, кои и колку лица имале задача да играат двојно, кои лица за политички потреби требало да бидат ископромитирани во таа операција, и со колку „камен“ врзан околу нивниот врат да биде удавена вербата на јавноста во елементарна нормалност во државата. Правната држава е непристојно да ја спомнувам во овој контекст. 

Дури и под претпоставка дека ваквите верзии се стопроцентно точни, ниедно сценарио не би успеало, кога на другата страна би стоеле карактери со максимална професионалност и цврст морален интегритет и имунитет пред какви било коруптивни понуди. Но, фактот дека операцијата сепак успешно завршила, индицира дека другата страна била и морално и професионално мртва, штом дозволила несвесно да биде вовлечена или свесно да прифати учество во срамна интервенција на отворено срце (џеб) во градите на неправната држава. Но, тоа е само првото ниво. 

Второто ниво открива дека ваков епилог не бил посакуван само од засегнати со истраги (ослободени или оптоварени од изнуда), туку и од домашни партиски субјекти, кои природно се обидуваат да направат пресврт врз граѓанското расположение и да стават крај на опозициските денови. Тоа е второто ниво, во кое, очекувано, се користи легитимното право за атак на политичкиот противник. 

Но, третото ниво открива една многу опасна игра. Имено, третманот на темата и конекциите искористени за интернационализација на случајот открива дека опозицијата воопшто не е сама во оваа игра, туку вгнездена во едно поголемо друштво, чиј предзнак е анти-ЕУ, анти-НАТО, анти-демократски вредности, а зад кои стојат крајно десни и популистички политики. 

Така што, наводната конструктивност на домашната опозиција, во контекст на реформите за европската иднина на Македонија, се стопи како сладолед на сонце пред миланските скали на една редакција построена за брзи политички интервенции и саботажи, каде што извршители на салвинисти, идеолошки близнаци со орбанисти и путинисти, го кројат концептот за создавање ред и поредок по нивни аршини, во неконвенционална војна, со други средства. 

Не случајно, италијанскиот „новинар“ (кој не е новинар и како што го дефинира моја колешка (новиот Џејсон Мико на опозицијата), образложението зошто ги објавил снимките го сведе на класичен политички памфлет за пресметка со бриселски функционери и политики кои не им се допаѓаат на неговите политички патрони. 

Наводната конструктивност на домашната опозиција, во контекст на реформите за европската иднина на Македонија, се стопи како сладолед на сонце пред миланските скали на една редакција построена за брзи политички интервенции и саботажи

Ако не беше отворена истрага за „Рекет“, ако случајот се туркаше под тепих, немаше ништо поприродно од тоа да се бара начин да се информира домашната и меѓународната јавност за обиди за забошотување на случајот. Но, при отворена истрага, да туркаш интернационализација на случајот преку избрано друштво од саботери на европските вредности, тоа значи обид предметот да се префрли од правен, исклучиво на политички терен и за политички потреби со многу ризичен вредносен и идеолошки предзнак. 

Едно е темата да се глода и преџвакува во контекст на предвремени избори, за локално мерење на силите, друго е да со неа да се хранат противници на македонската интеграција и да се банализираат доказите, наместо да се инсистира на ефикасна истрага и судска разрешница, овде, дома. 

 Ваквиот манир изведен преку браќа по популизам и демагогија, не е конструктивно однесување, и не води кон трасирање на правната држава, туку кон саботирање на обидот за нејзино востановување, продолжување на принципот на неказнивост и создавање перцепција дека се сите исти. Не се сите исти. Ако истрагата утврди инволвираност во „Рекет“ на еден, двајца или тројца обвинители или политичари, тоа не значи дека сите други се исти.  

Се разбира, ако се докаже дека чувари на правдата загазиле во криминални дела, тоа секако ќе донесе огромно чувство на разочараност, но немаме право однапред сите да ги ставаме во ист кош. Особено не во оваа салата „Македонија“ толку преферирана и во Италија, а во чиј мастраф засега се измешани неколку „овошки“: забеганост, лакомост, нестрпливост, неодговорност, неморал, непрофесионалност, со прилично јасна идентификациска контура. 

Не мислам само на она што го рефлектираат сомнежите за сињора Катица и Боки тредичи, туку и на дефилето од придружни ликови за кои можеби нема ни индиции, ни докази дека се омрсиле од колачот, но не покажале ни минимум професионална дистанца од една неформална каста на посредничка орда, која се шлепа кон полугите на моќ по секоја промена на власта и го храни метастазираното ткиво. Тие што ја дружеле таа група, свесно или несвесно, секогаш одново ѝ го полнеле акумулаторот подарувајќи им перцепција за пренесена моќ. 

И сега кога сѐ е измешано како во блендер, ако се обидам да компарирам со италијанското антимафија искуство, и да дефинирам кој во нашиов случај е Салваторе (Тото) Рина, човекот кој сакал да ги елиминира борците против мафијата, па ставил половина тон динамит на патот по кој требало да помине храбриот обвинител Џовани Фалконе, навистина имам голем проблем. 

Прво, во нашиов контекст е крајно непристојно воопшто да споредиме некого со Фалконе, иако имавме такви надежи пред четири години. Второ, ако претпоставените Тото и Фалконе си ги менуваат улогите (од обвинет до свиркач, од обвинител до сомнително лице), ако целосно се губи разликата меѓу нив, за што разговараме ние? За потреба од итно враќање од одмор на сите што имаат обврски околу истрагата. Јасно е дека и обвинителите имаат право на одмор, но некогаш, како во случајов, има ситуации кога одморот мора да биде одложен за друг период. 

Тие што ја дружеле таа група, свесно или несвесно, секогаш одново ѝ го полнеле акумулаторот подарувајќи им перцепција за пренесена моќ

На крајот, фрапирана сум од објаснувањето што го даде специјалната јавна обвинителка откако во разговор меѓу Јовановски и Камчев, се слуша и нејзиниот глас. Таа објаснува дека како специјален јавен обвинител имала обврска да контактира со сите осомничени, како и со други лица против кои се воделе кривични постапки. Од ваквите разговори „се обидувала да извлече што повеќе информации“ во корист на истрагата.

Сето тоа е во ред. Но, зошто таа активност за контактирање обвинителката ја реализирала преку Бојан Јовановски? Тој ниту е обвинител, ниту истражител, ниту на каква било позиција во СЈО, за обвинителката во негово присуство и преку негов телефон „да извлекува информации“ во корист на истрагата. 

Од друга страна, токму обвинителката што го води предметот „Империја“ Лиле Стефанова, вели дека  Јанева без нејзина согласност одлучила да им ја укине мерката притвор на осомничените со случајот „Империја“. Ако Јанева не се консултирала со нејзината колешка што го води предметот, како да се објасни фактот дека преку неовластено лице (Бојан Јовановски) контактирала со осомничен во „Империја“? 

Затоа велам, не знам кој е Тото, а кој Фалконе. Но, гледам дека динамитот е поставен. На сите три нивоа.