Бргу стигна одговор на изјавата на министерот Османи дека „има еден документ што ние сме подготвени да го прифатиме, меѓутоа сè додека не добиеме одговор дека е прифатлив и за Бугарија, не се созреани предусловите тој да ги информира пратениците и јавноста“.
Бугарското МНР веднаш појасни дека уште на средбата, на 11 февруари, бугарската страна ги информирала македонските претставници дека нивните предлози не се прифатливи, дека разговорите треба да продолжат, а „кога ќе има изгледи за значителен напредок, бугарската страна ќе испрати свој предлог со цел приближување на ставовите“.
Според тоа, произлегува дека од февруари до денес не е постигнат никаков напредок на експертско ниво. Генчовска завчера тоа го потврди и во изјава за медиумите: „Да ви кажам искрено, по линија на политичките прашања, нема никаков напредок“.
По прашањето за РСМ, Владата во Софија во моментов наликува на возило со четири различни наредби зад воланот: двајца притискаат на гас, третиот на сопирачка, а четвртиот врти на лентата за застанување и чека знак од врховниот „сообраќаец“
Во таква ситуација, единствената новост стигна од трета адреса: Албанија ќе бара да се одвои од Северна Македонија доколку не се отворат преговорите со ЕУ во јуни. Очекуван потег, а за нас добра шанса да видиме колку навистина тежи добрососедството со Софија. Го чекам денот кога Софија ќе ѝ даде поддршка само на Албанија, како што претходно ѝ даде и на Србија, ама без никакви забелешки какви што нам ни става на товар.
А да биде апсурдот поголем, единствено нам ни го тријат носот со Србија. Демек сме биле под комплетно влијание на Белград, не сме расчистиле со југословенското минато, поради српско влијание сме биле антибугарски настроени, сме ја краделе нивната историја.
Ако Србија навистина била архинепријателот што ја уништил хемијата и историјата меѓу браќата Македонци и Бугари, зошто Бугарија не ѝ ставила вето на Србија?
Ни денес не престануваат бугарските жалопојки по медиумите, како Србија на нејзино тло ја искоренувала бугарската култура и ја фалсификувала бугарската историја, како ги србизирала реоните населени со бугарско население (Босилеград и Димитровград), а на граничните премини, борбата против бугарските книги и симболи била посилна од борбата против шверцот на дрога.
Но, тоа го има само во медиумите. Немаше рамковна позиција на Бугарија за Србија, немаше декларација на парламентот, немаше објаснувачки меморандум испратен до членките на ЕУ, немаше вето за почеток на преговорите на Србија со ЕУ. Имаше вето само за Македонија. Тоа е суровата вистина и тоа ќе се запамти.
Затоа, подобро е Софија да прекине со таа демагошка приказна и замена на тези за српското влијание во Македонија. Ниту во Брисел ќе го продадат тоа, ниту овде, каде што бугарските медиуми триумфалистички најавија „бугарски културен и политически десант овој викенд во Македонија“.
Повод за „десантот“ е тоа што здружението „Балкански хоризонти“ ќе отвори читалница во Охрид, а во Битола ќе никне клуб и библиотека во „Бугарскиот културен центар Иван Михајлов“. Нека им е со среќа.
Тоа што некому му изгледа како политички десант (доаѓањето на премиерот Петков, потпретседателката Јотова, министерката Генчовска, но и бившите министри Захариева и Каракачанов) практично е јавно манифестирање единствена национална позиција, односно зацелување на последните свежо нанесени рани.
Тие беа добиени при жестоко отворен коалициски оган, со обвинувања дека Петков турка лична агенда за РСМ, дека Генчовска е заобиколена и неинформирана, дека владата е пред распад, но оти тука се БСП, ИТН и Радев, да го чуваат светото тројство што ги штити националните интереси.
Тоа се Рамковната позиција од 9 октомври 2019 година, едногласно поддржана од декларацијата на Народното собрание од 10 октомври 2019 година, како и од состанокот на Консултативниот совет за национална безбедност од 10 јануари 2022 година.
Колку за илустрација, три од сегашните четири партии во владината коалиција не учествувале во донесувањето на таа декларација на парламентот.
Затоа и по прашањето за РСМ, Владата во Софија во моментов наликува на возило со четири различни наредби зад воланот: двајца притискаат на гас, третиот на сопирачка, а четвртиот врти на лентата за застанување и чека знак од врховниот „сообраќаец“.
А Радев постојано го покажува знакот „стоп“ за Македонија, дава зелено светло само за Албанија и држи лекции како надворешно-политичките советници на Петков треба да ги квалификуваат македонските Бугари – не како малцинство, затоа што тоа не соодветствувало на реалноста!
Кога добрососедството ќе се закопа на најнепријатен и најтежок начин, но и на долг рок, ни Софија, ни ЕУ не ќе можат да се справат со бројните последици и домино ефекти
Да кажеше Пендаровски такво нешто за Македонците во Бугарија, пискотници ќе се слушаа од Софија до Брисел. Ќе беше тоа мешање во внатрешните работи.
Но, не е проблемот само Радев. Петков нема доволно партнери со европски светоглед, кои имаат капацитет за исчекор. Половината од нив со свртени кон минатото, заветени на политики од минатиот век, заробеници на националистички догми, кои, при секој поместен милиметар од тие позиции, одговараат со закана за стабилноста на владата. Не може да има напредок во такви услови.
Тоа е еден вид прокрустова постела. Сѐ што штрчи надвор од нивната замисла на правилната рамка – осудено е да се пресече. За да не пушти ластарки. И сѐ во името на европските вредности.
Но, колку и Бугарија да го има в раце големото оружје – ветото, се чини дека нејзината позиција сѐ повеќе ќе станува неодржлива во сегашниот политичко-безбедносен контекст. Ако нејзината блокада остане во сила и во јуни, нема да биде високо затрупан само македонскиот интеграциски пат.
Кога добрососедството ќе се закопа на најнепријатен и најтежок начин, но и на долг рок, ни Софија, ни ЕУ не ќе можат да се справат со бројните последици и домино ефекти. Зашто таа цена нема да се фактурира само во Скопје, туку во сите престолнини на Западен Балкан.