Доне и неговите јаболка

Колумна на Сашо Кокаланов

Штотуку ги беше обрал јаболката од дрвото и ги беше однел на пазарот. Убави црвени јаболка, да ти ја наполнат дланката кога ќе поземеш некоја од нив, тешки, полни сокови, живи, иако веќе откинати од гранката… Ако ги зариеше тогаш забите во нив, ќе потечеа сокови, поточно ќе бликнеа, ќе прснеа по лицето на гладниот, мислиш растеле на еукалиптуси, не на јаболкници, и пиеле вода како жедни камили.

Нејсе, радоста не доаѓаше само од изгледот на јаболката, ами и од фактот дека првпат беше сам свој газда, веќе не продаваше на пазарот туѓи јаболка, за друг газда и за мала надница, туку си имаше своја јаболкница, една ама вредна. Ем своја ем види каков род дала. Се истурила природата и таа од радости што јаболката се во рацете што ја копале, засадиле, хранеле и напојувале јаболкницата, како родено чедо што се расте.

Дончо наполни десетина гајби, ги натовари една преку друга, и потем по една по две ги пренесе на пазарот. Зашто и Доне тогаш беше млад и орен за работа и полн со сила, а не смее да се занемари ниту ентузијазмот што како некоја слаба благопријатна струја од возбуда му го тресеше организмот однатре и му ја задржуваше насмевката на лицето од утро до мрак. Со ваква насмевка ќе им продадеш песок на Мавританците, не јаболка на гладните, си велеше Доне.

Првиот ден не продаде ништо. Можеби ја прецени почетничката среќа, можеби премногу се надеваше на својата насмевка и љубезност, можеби ги потцени комшиите од соседните тезги, кои од завист зборуваа лошо за неговите јаболка. Те црви ги имале јадено, а тие мазни како кожа на бебе; те град ги имал тепано, а тие без ниту една дамка, ниту бенка ниту младеж, црвени ќе пукнат од здравје; те отрови биле прскани, а Доне сиромашен како што го дал Господ, немал вода во очи, не пак пари за хемии, не оти еколошки образован, ами грижлив за својата единствена јаболкница како за чедо свое – со раце ги гмечеше мравките по стеблото, со нокти им ја кинеше главата на гасениците по лисјето.

Ама злобни јазици, бог да чува од такви, полоши и од мракви и од црви и од други инсекти-штетници. Не можеше да разбере – од каде толкав лошотилак, од каде толку злоба, та тој со своите сè на сè десет гајби јаболка ниту може да им наштети на пазарот, ниту да им го турне прометот, а најмалку пак да им ги земе муштериите. Ќе продаде тоа што има, па со грошевите ќе си проживее некако до следниот род. Толку. Не дека беше амбициозен и алчен па да почне да купува овоштарници наоколу, да прави монопол, да станува голем газда. И да сакал, од толку малку јаболка не се станувало.

Мораше Доне да викне еден од синовите. Никола, голем трговец што го мислеа сите, чунки и трговија едно време ресор му била во фамилијата. Тој знаел за маките на татка си, па кога му ја дошол на тезгата на’апан, кога почнал со сите соседи војна да тера, тие нему еден лош збор ќе му залепеле, тој ними два ќе им врател

Не продал ниту следните денови, ниту следните недели, ниту следните месеци, а и годините лека полека почнале да врват.

Арно ама мудар бил овој наш Доне, не се расправал со соседите. Ќе зборат, ќе кудат, ќе плукаат, ама еден ден ќе им секнат и плунката и злобата, та и злобата изморува не само работата, верувал Доне, ќе сфатат дека неговите десет гајби јаболка не се никаква опасност за нив. Трпение-спасение, еден ден можеби дури и ќе се спријатели со нив.

Ама, не беа само лошите комшии, да си бидеме искрени. И Доне малку си ги беше натценил јаболката. Кај може родител да удри точна цена за чедо свое, а рековме веќе колку беше татковски настроен кон јаболкницата, дали зашто единствена, дали зашто своја, со години чекана. Затоа постои пазарот, тој сам да ја одреди цената, ама Доне немаше голем опит за продавање свои јаболка, рековме веќе, саде туѓи беше продавал во животот, а и беше опиен од убавината на своите чеда. Јаболката беа убави, нема збор за тоа, ама па да бараш толку многу грошеви само за еден килограм, и тоа беше претерано. Некои муштерии, оние малку помуабетчии, ќе прашаа: „Бреј, Доне, од злато да не ти се правени?”, други само ќе одминеа, со подбивна насмевка подмустаќ кога ќе ја чуеја цената.

Но, Доне не попушташе. Ниту грош. Со маки сум ги изродил јаболкава, нема да ги дадам пошто-зашто, си велеше Доне, за роднините Дончо, во крштеницата пак Македончо, иако никој не го викаше така.

Не дека Доне не го фаќаше нервоза со текот на времето. Убави беа јаболката, ама планот беше друг – да продаде троа од нив, за да може и лепче да си касне, а и да однесе дома, зашто Доне не имаше само чеда-јабока, ами и вистински чеда-деца. Не едно, два милиона. Колку и да се убави, само јаболка кај се јадело по цел ден, душа човечка и леб си сака.

А времето е најголем убиец на светов. Ратко Младиќ не му е рамен на времето, колку тоа има убиено ниеден воен злосторник нема отепано, а ниту можеш в Хаг да го судиш, ниту в зандана да го фрлиш. Време. Ќе те втаса, ќе те убие. А попат ќе те старее. Така е со луѓето, така е со се животните и со сè живо на светов, а уште повеќе е така со обраните овошки. Прво ќе омекнат, потоа ќе потемнат, па однатре ќе за’рти семето на трулежот и кога ќе се покаже на кожата, веќе не е за јадење, не е за ништо, можеш само да го фрлиш, и тоа не близу ами таму потаки, да не ти ги префати другите јаболка наоколу. А не дека и тие нема да потемнат и омекнат, зашто времето не е пес да го врзеш со синџири, ниту река да ја сопреш со брани.

Ги газеше времето јаболката на Доне како десеттонски валјак, ама тој си ги сакаше. Веќе не бараше пет гроша за кило, што е право, бараше само три, ама и таа цена не врвеше, зашто тоа не беа истите јаболка од оној ден кога ги обра со радост во срцето и ентузијазам во рацете и кога без проблем ќе ги дадеше за ден-два сите по три гроша кило.

Дали од многу чекање на тезгето, дали од староста што си доаѓаше со она ѓубре, со онаа наказа што ја викаа време, Доне се разболе. А кај смее човек да се разболи со непродадени плодови на пазар? Не смее, ама болеста не прашува.

Мораше Доне да викне еден од синовите. Никола, голем трговец што го мислеа сите, чунки и трговија едно време ресор му била во фамилијата. Тој знаел за маките на татка си, па кога му ја дошол на тезгата на’апан, кога почнал со сите соседи војна да тера, тие нему еден лош збор ќе му залепеле, тој ними два ќе им врател. Го занејќеле сите на пазарот, па кога ќе легнел да дремне, сетики му имале зулуми разни правено и нему, а најпојќе на јаболката.

Уште полош пазар и од татко му Доне беше направил, за десет години на тезгето, ептен ја беше зафркнал работата, муштериите почнале да го одбегнуваат, веќе ни за цена не прашувале. А Коле, од инает, и зашто знаел колку татко му се измачил со јаболката, ја вратил цената на пет гроша.

Добронамерници ќе прошле покрај тезгето, ќе речеле: „Аман Коле, не си терај инает сам на себе, ќе ти скапат и јаболката, а и децата дома ќе ти скапат од глад”. А Коле им одговарал: „Ако, нека скапат. Ако треба корењата од јаболкницата ќе ги јадеме, ама јаболката не ги даваме за џабе”.

Ене го сега последниот син од Доне, Зоран, Зоки на прекар што го викаат, како си стои зад тезгето. Пројдоа од стопанството за сокови, дадоа понуда сите да ги земат, ама не даваат ни пара појќе од грош по килограм

Е, сега, вистина, децата дома скапувале од глад, ама Никола не гладувал баш многу. Си имал тој еден богат братучед, со имоти надвор од селото, што едвај некој да ги знаел, па се ујдисале и ниту за глад знаел, ниту црева некогаш му закркореле, како на татко му Дончо некогаш и на децата сега.

А јаболката скапувале, што ќе правеле кутрите, оставени на тезга, на јулско сонце и на јануарски мразови, на ветрови и на дождови.

Доне никогаш не оздравел. Ама не дека не се кренал од постела еднаш, колку да си ги види последен пат јаболката, пред да објави конечен пораз од времето. Сите ќе ја изгубите таа битка, не туку му се сожалувајте на Донета. И пошол Доне на пазар, и што ќе види, кутар Доне, ако не бил веќе болен, сигурно таму ќе се разболел, на тезгето со јаболка. Некогаш јадри, големи, сочни, сега јаболката корнеле на трулеш, мувлата и на гајбите прешла од што немало појќе јаболка за уништување. Соседите не само што ни поглед не фрлале накај тезгето на Доне, туку и своите тезги ги повлекле подалеку, за смрдеата да не им ги брка и нивните муштерии. Сите биле на еквидистанца, што би  рекле учените, односно поточно е да се рече на пристојна дистанца.

А Коле, синот, го беше мамел семејството цели десет години. Парите што ги носел дома, божем од продажбата на јаболка, сигурно биле зајмени, та Доне пустиот – кај со полна тезга скапани јаболка, уште сигурно и со големи долгови. Посакал да се отвори земјата и да го голтне сосе јаболката.

Ене го сега последниот син од Доне, Зоран, Зоки на прекар што го викаат, како си стои зад тезгето. Пројдоа од стопанството за сокови, дадоа понуда сите да ги земат, ама не даваат ни пара појќе од грош по килограм.

И нема да ви се верува, пак има луѓе околу него, пријатели џанам, што го советуваат – немој Зоки, не ги давај на сокарите сите по еден грош, барај им три. Та и твои браќа претходно можеле да ги дадат за три, ама тие, што, будали ли биле, ти попаметен ли си од нив за еден грош да ги дадеш?

Киниса Зоки на пазар во град што добил име по божица на мудроста. Ќе ги даде ли јаболката за грош на сокарите или три ќе им бара, прашање е сега. И, има ли уште синови Доне за на тезгето, има ли јунаци што еден ден ќе можат за полојна грош да измолат „купци“, ако сега не бидне пазарот со сокарите.

Накратко речено, знае ли Зоки дека ако не ги продадеме јаблката, го обравме бостанот.