Не ме загрижува тајна дипломатија ако е чесна, не ме загрижуваат лица што пешки ја поминуваат границата, туку лица што патуваат со бизнис класа, овластени да разговораат за спорот, како за бизнис со конкретна цена.
Не ја разбирам хистеријата што завладеа кај дел од медиумите по објавувањето на информацијата дека нема нов предлог, ниту напредок во преговорите за спорот за името. Бараат извинување од колеги за наводни манипулации, спинови и ексклузиви. Зошто толкава нервоза? Што е (не)точно? Ако дел од новинарите процесот на разговори за името го следат рутински, нешто како дневна прогноза за времето, јасно е зошто не разбираат дека „нов предлог“ по дефиниција не значи и предлог за ново име.
Нов предлог може да се однесува на измена во модалитетите кои ја сочинуваат структурата на последниот или на комбинацијата од повеќе досегашни предлози. Директна потврда дека решението нема да се бара во ново име, даде и германската канцеларка Ангела Меркел. Најавувајќи свој личен ангажман во решавањето на спорот, потенцираше: „Размислував за сите можни комбинации за името, но некогаш мислам дека не постои ништо повеќе што може да се измисли“.
Лично и медијаторот од Њујорк потврди дека се разговарало за варијациии на „иста тема“: „Зборувавме за некои идеи од минатото, до каде можат да функционираат и како може да се допрецизираат и подобруваат”. Кратко и јасно. Не треба човек да е пророк за да процени дека ризницата на кумските креативности е исцрпена и дека и натаму разговорите се вртат околу местото на кое ќе биде фиксирана географската одредница во сложеното име (Горна Република Македонија), за опсегот на негова употреба и за дел од идентитетските одредници.
Впрочем, „благодарение“ на несогласувањата околу тие точки, Нимиц годинава одбележува неславен дведецениски јубилеј од неговото медијаторство. Не се знае точно колку пати го прелета Атлантикот за да дојде во Скопје и Атина, ниту колку пати беше домаќин на средбите во Њујорк, но факт е дека и по 20 години нема никакви ефекти од тоа посредништво. За такви „резултати“ во некогашната матична адвокатска канцеларија „Пол, Вaјс, Рифкин, Вортон и Гарисон“, би добил отказ уште по првиот месец. Но, Скопје и Атина не му даваат. За Атина ми е јасно зошто. Грција не губи ништо со нерешавањето на спорот, Македонија губи многу, безмалку сѐ.
Но, неможноста да се реши спорот со години е одлично алиби за туркање проекти кои немаат никаква врска со целта кон која декларативно земјава се стреми – евроатланските интеграции.
Затоа, и можам да разберам зошто, и под чиј диктат, толку се измести фокусот од оваа тема.
Наместо да се спроведуваат хајки и да се нарекуваат „предавници“ новинарите што професионално и легитимно се интересираат за оваа исклучително важна тема, острицата треба да се насочи кон прашањето – што конкретно направија властите во Македонија за да се ефектуира хашката пресуда, односно меѓународно да го институционализираат прашањето зошто Грција спротивно на меѓународното право ја блокира Македонија во интеграциските процеси?
Освен вербално потсетување на важноста на меѓународното право по ходниците и говорниците на меѓународни форуми, досега нема никакво пусулче, никаков документ, депониран, заведен со архивски број, со кој земјава официјално реагира на игнорирањето на хашката пресуда и бара дебата за тоа. Зошто? Одговорот треба да дојде од „Илинденска“ број 2. Но, досега не сме го чуле.
Патем, кога го велам ова, сосема ми е јасно дека средбите во Њујорк се само естрадниот дел од приказната и дека Нимиц е принуден да се дружи со дублери. Таму се преџвакуваат точките за кои извесна согласност постигнуваат вистинските преговарачи – протагонистите на тајната дипломатија. Ги имаше во изминативе 20 години, заедно со власта се менуваа и тие, но досега нивните имиња помалку или повеќе успешно остануваа под превезот на тајноста.
Не велам дека е погрешно да има тајни преговори, ако тоа ги скрати формалностите и го забрза процесот. Но, она што е најважно, е дали протагонистите од македонска страна тие разговори ги водат за пакетот решенија и раководени од интересите на државата или повеќе разговараат за некакви други, неформални „анекси“ кои многу малку имаат врска со спорот и неговата разврска, а многу повеќе со прашањето – што потоа. Односно, како да се препарира јавноста доколку „се договорат да се договорат“, како и за некакви гаранции за потребите, кариерите и други „дребулии“ на оние што ќе ја пресечат лентата на евентуалниот компромис.
Со еден збор, не ме загрижува тајна дипломатија ако е чесна, не ме загрижуваат лица што пешки ја поминуваат границата, туку лица што патуваат со бизнис класа, овластени да разговораат за спорот, како за бизнис со конкретна цена. Во електронското издание на еден грчки медиуми неодамна се појави текст кој индицира вакви активности со кои е прегазена црвената линија на преговарачкиот морал, но на експресен начин беше тргнат. Како никогаш и да не бил објавен.
Можеби затоа некому му е исклучително важно новинарите што повеќе да се обвинуваат меѓу себе. Сѐ додека се занимаваат со тоа, остануваат непоставени вистинските прашања, на вистинското место. Можеби нема да добиеме одговори, но и тој молк нешто ќе каже.
Во една прилика, странски дипломат со впечатлива драматика ми потенцираше дека медијаторот Нимиц има повеќе години од нашата државност. „Колку што има години, има исто толку причини да се грижи за респектот на вашето име, како и за своето при посредништвото во спорот. Разликата меѓу неговите и годините на вашата државност ќе треба вие да ги компензирате со мудрост, активност и такт“. Овој совет, во некоја прилика дипломатот наводно им го посочил на „двете страни“.
Нимиц е роден 1939 година. Значи, пет години е постар од државноста на Македонија. Доволно искусен да суди за значењето со кое Македонците ја доживуваат сентенцата Nomen est omen (името говори само за себе, името не дефинира), но и доволно странец за да не може да ги разбере нашите дневно-политички ажурирања и внатрешни диференцијации на предавници и патриоти, кои постојано сами си ставаат сопки на каква било можност за добар исчекор.
Се плашам дека битката за името ќе ја компромитираат токму оние кои се уверени дека со хајки и диригирани пропаганди најмногу го бранат. За жал, такви „бранители“ маршираат секој ден. Некогаш потпишани, некогаш не. Сепак, верувам дека и за нивните имиња е обезбедено достојно место. „Nomina stultorum scribuntur ubique locorum.” За некои од нив подобро да ја разберат, ќе ја преведам на српски: „Имена луда, налазе се свуда“.