До гледање до следната поплава

Кога поплавата ќе открие кои и какви полуписмени кадри раководат со институции поврзани со превентива и заштита од непогоди, луѓето сфаќаат дека изгубиле нешто многу поголемо и од куќите и од нивите. Дека е изгубена државата.

Прашањето на политичка одговорност за последиците од поплавите, пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Илија Димовски, го оцени како „нецивилизациско и неодговорно во вакви моменти“. Всушност, тој и не кажа ништо ново, бидејќи цела недела неговата партија ја тера водата на таа воденица – сега не е време за критика и барање одговорност туку за помош на настраданите. Ова би бил сосема прифатлив аргумент, кога би имале власт што досега била подготвена да се соочи макар и со најмала аргументирана критика.

Но, власта не е таква. Или самата се смета за целосно безгрешна, па затвора секаква дебата за нејзината политичка одговорност (и во редовни, а не само во кризни состојби), или темите на критика не ги смета за доволно „цивилизациско“, па одбива разговори под тоа „ниво“.

Јасно е дека во светот не постои безгрешна власт. Но, има власти кои се искрено подготвени да се соочат со критиките и да ја прифатат одговорноста за грешките. Има власти кои нерадо го прават тоа, но сепак го прават. И има таканаречени „тефлонски власти“, на кои ниту се лепи критика, ниту ги интересира критика, ниту има одреден момент кога се подготвени да разговараат за неа. Во која група спаѓа нашава власт, оценете сами.

Јас во оваа прилика ќе се посветам на расчленување на тоа „што е цивилизациско, а што не, во вакви моменти“. Како што Груевски милуваше да каже – „Миле ми текна“, еве Иле и мене ми текна, тебе, на твојата и на другите партии со кои ќе дебатирате за поплавата во недела во парламентот, да ви донирам неколку исклучиво цивилизациски прашања.

Државата на местото на катастрофата доаѓа задоцнето, парадерски, во суви панталони, во бели кошули и во лакирани обувки. Таа станува невидлива, а граѓаните сѐ повеќе се препуштени сами на себе и на растечката емпатија и солидарност меѓу нив

Дали е цивилизациски во 2016 година, односно 72 години од државноста на Македонија и 25 години од нејзината независност, нејзини граѓани сѐ уште да немаат асфалтиран пат до нивните домови? Дали е цивилизациски дострел и тоа што сѐ уште немаат атмосферска канализација? Цивилизациски ли е дел од нив сѐ уште да не ги почувствувале ни благодатите од пронајдоците на Никола Тесла од пред повеќе од еден век? Што е цивилизациско во фактот дека на дел од нив ни во 21 век дома сѐ уште не им светнало? Кому треба да му се стемни за ним да им се „раздени“?

Цивилизациски ли е, наместо фекална канализација сѐ уште да користат септички јами, кои, еве деновиве, драматично се излеаја во населбата Илинден, па сега таму смрди толку многу нецивилизациски. Цивилизациски ли е и векните леб да се делат по партиска линија? Цивилизациски ли е во време кога се труби дека „знаењето е сила и моќ“, на раководни позиции да се именуваат такви дунстери, чиј дилетантизам токму во време на вакви катастрофи може да доведе до уште посериозни последици, бидејќи нивниот аналфабетизам е посилен дури и од добрите намери што можеби ги имале? Цивилизациски ли е општински службеник да удира волонтер пред очите на министерот за внатрешни работи, само за да не падне грам критика врз ликот и делото на Никола Груевски?

Да, верувам дека ова е целосно цивилизациски, бидејќи токму Груевски ја воведе шлаканицата како партиски метод што најпрво требаше да се тестира врз Жерновски („Еден граѓанин да дојде да му удри три шамари јаки, и да си искочи…“). Цивилизациски ли е, нестручни партиски кадри да се именуваат за раководители на институции и тела за справување со кризи, на стручни служби, на УХМР? Па дури и гатачката од Царина да ја прашаа верувам дека повеќе ќе предвидеше и превенираше, отколку целото ова раководно друштво заедно.

Сега е кризна ситуација и власта не сака да биде прекинувана со непотребни прашања кои ќе го нарушат нејзиното засукување на ракавите. Но, зошто таа не одговори ни на прашањата што ѝ беа поставени од опозицијата на 17 јули, кога немаше ни поплава, ни никаква кризна ситуација. А прашањето гласеше: Зошто огромни суми пари преку програмата за рурален развој без контрола на претходно извршената работа завршувале кај фирми и лица за чистење канали? Вкупната исплатена сума на овој начин, што ја навел ревизорот во најновиот извештај, била околу 3 милиони евра.

Значи, дали е цивилизациски (во согласност со законот) парите за наводно исчистени канали да ги добиваат лица или фирми, само врз основа на барање и документација, без притоа овластени контролори на Платежната агенција да ја проверат фактичката состојба на терен и да направат записник? Дали Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и рурален развој била должна согласно со законот, пред да ги исплати парите да ја утврди состојбата на теренот? Ако ревизорот констатирал дека не се вршеле контроли пред одобрување на новите барањата, тоа секако укажува на можност за злоупотреби.

Јасно е дека сите сили ќе бидат впрегнати што поскоро да ја заборавиме оваа тажна августовска недела, за животот „да продолжи нормално да тече понатаму“ и да не се чепка по темните кадровски петна. Нема ништо нормално во ваква ненормалност претставена со судбинско тројство – на небото Господ, на земјата Груевски, во куќите вода

Зошто на ова прашање не беше одговорено во време на некризна состојба? Ако му било посветено должно внимание, можеби каналите кои минатата недела не го апсорбираа и евакуираа вишокот вода, навреме ќе беа исчистени и од отпад и од неодговорност и ќе ги ублажеа или спречеа последиците што денес не можеме да ги доброиме. Освен загубата на човечки животи, која е немерлива, најголемата утврдена штета од овие поплави не е материјалната туку онаа спознајната.

Кога поплавата ќе открие кои и какви полуписмени кадри раководат со институции поврзани со превентива и заштита од непогоди, луѓето сфаќаат дека изгубиле нешто многу поголемо и од куќите и од нивите. Дека е изгубена државата. Дека кадрите од чија стручност и вештини зависат нивните животи, се всушност неспособни потрчковци кои не прават ништо друго, освен што се влечат за грбот на Груевски и во тефтерче ги запишуваат неговите наредби. Тие врз грбот на маката на граѓаните допрва учат што требало да сработат за да не се случи тоа што се случи.

По сето ова, јасно е дека сите сили ќе бидат впрегнати што поскоро да ја заборавиме оваа тажна августовска недела, за животот „да продолжи нормално да тече понатаму“ и да не се чепка по темните кадровски петна. Нема ништо нормално во ваква ненормалност претставена со судбинско тројство – на небото Господ, на земјата Груевски, во куќите вода. Се разбира, поплава од неодговорност . Во една пристојна држава експресно би уследила сериозна истрага за утврдување на одговорноста за тешки кривични дела против општата безбедност, за изгубените животи, за уништените домови…

Ете тоа е цивилизациска постапка. Но, ние не сме пристојна земја. И нема да станеме таква сѐ додека „нецивилизациските прашања“ ги туркаме под талогот од поплавите. Од аспект на активна превентивна и безбедносна функција во вакви случаи, државата станува сѐ помала и невидлива, а граѓаните сѐ повеќе се препуштени сами на себе и на растечката емпатијата и солидарност меѓу нив. Државата на местото на катастрофата доаѓа задоцнето, парадерски, во суви панталони, во бели кошули и во лакирани обувки.

Прво ги игнорира проблемите, а кога ќе кулминираат, се враќа таму, но не за да ги реши туку за да ја демонстрира својата наводна оперативна моќ во нивното санирање. И на крајот, сите се надлежни, но никој не е одговорен. Ако е ова посакуваната цивилизациска практика, Илија, немој да нѐ будиш од тврдиот нецивилизациски сон. Ни случајно да не ти текне. До гледање до следната поплава.