Изборите како дел од политичката криза

Еве, и Исус (повторно) воскресна, а ние уште немаме претседател. И не знаеме дали, кога и како ќе го избереме. Зад ваквата цинична констатација стојат неколку согледувања или сценарија, како што тоа би се рекло во актуелниот политички новоговор.

Ако се суди по излезноста во првиот круг на претседателските избори, прашањето на исполнување на цензусот ќе остане отворено сѐ до затворањето на гласачките кутии на 5 мај. Како што сега стојат работите, кампањата по првиот изборен круг го задржа континуитетот на бледилото и, без оглед на тесниот резултат, со ништо и никако дополнително не ја изанимира јавноста помасовно да излезе на избирачките места во вториот круг. Секако кон ваквиот впечаток придонесуваат и празничните денови и продолжениот викенд, кога секој што можеше излезе од сопственото место на живеење.

Но, еве, ако и се исполни цензусот од 40 проценти од избирачкиот список, тогаш новиот државен претседател ќе има легалитет, но ќе има и проблеми со остварување на сопствениот легитимитет. Имено, во овој случај голема е веројатноста кандидатот што ќе победи всушност да освои само нешто повеќе од една петтина од вкупното гласачко тело, односно нешто повеќе од половината на цензусот. Во тој случај конкурентскиот политички блок секогаш ќе се повикува на легитимитетот на оние наводни четири петтини кои не гласале за новиот претседател.

Предвремените парламентарни избори (и било какви други) не се дел од решението, туку напротив – тие се дел од македонскиот политички проблем

Тоа, се разбира, не е најголемиот проблем. Ние и онака имаме богата традиција на непризнавање на претседателите од дел од политичките фактори во земјата (всушност, ниту еден од досегашните претседатели бирани на непосредни избори го нема добиено легитимитетот како претседател на сите граѓани), па белки ќе го истрпиме политичкиот фолклор и во следниот петгодишен мандат. Поголемиот проблем е неисполнување на цензусот.

Според сегашната регулатива претседателската функција ќе ја извршува Претседателот на Собранието до распишување на нови претседателски избори, кои би требале да се одржат во рок од три месеци. Меѓутоа, кој гарантира дека кондицијата на гласачите нема уште повеќе да падне, односно дека и во следните изборни циклуси нема да се повтори неисполнувањето цензус, процес што на крајот од изборни циклуси ќе метаморфозира во изборни циркуси, со нагласка на политичката недозреаност на целата држава и на нејзината подготвеност непрекинато да живее во политичка криза.

Претпоставувам дека во таа насока е и изјавата на Зоран Заев дека во случај да не успеат претседателските избори, заедно со новите претседателски ќе бидат распишани и вонредни парламентарни избори. Имено, праксата покажува дека парламентарните избори имаат далеку поголем набој и значително поголема потентност за излезност од претседателските избори, па на тој начин ќе се постигне и тој фамозен претседателски цензус. Само како напомена на неупатените бојкотирачи – и неважечките избирачки ливчиња влегуваат во броењето на цензусот.

Изборниот модел, вака како што е поставен – пропорционален, со партиски (партократски) изборни листи и во шест изборни единици, и во услови во кои се одвива – со крајно сомнителен начин на формирање на избирачкиот список и без реален попис, очигледно нема да може да ги задоволи дури и скудните демократски капацитети на државата

Но, ако сакаме да бидеме до крај политички искрени, тогаш ќе кажеме дека предвремените парламентарни избори веројатно би можеле привремено да ја прекинат оваа изборна голгота, но никако и да доведат до некакво потрајно решение. Или попластично кажано, со чаша вода не се гаси шумски пожар.

Предвремените парламентарни избори (и било какви други) не се дел од решението, туку напротив – тие се дел од македонскиот политички проблем. Изборниот модел, вака како што е поставен – пропорционален, со партиски (партократски) изборни листи и во шест изборни единици, и во услови во кои се одвива – со крајно сомнителен начин на формирање на избирачкиот список и без реален попис, очигледно нема да може да ги задоволи дури и овие скудни демократски капацитети со кои располага државата.

И не само што нема да ги задоволи, туку ќе ги донесе во дополнителен дефицит, повторно доведувајќи го во прашање легитимитетот на застапниците на јавниот интерес, продуцирајќи нови Мири Дизел и слични феномени во македонскиот законодавен дом.

Крајно е, значи, време да се олабавиме малку од продуцирање непродуктивни избори и да се зафатиме со итна реформа на изборниот систем. Одамна веќе се говори за една изборна единица и отворени изборни листи. Ако не се лажам тоа конечно беше и едно од ветувањата на актуелната партија на власт во претходниот предизборен период. Но, на крајот на краиштата, можат да се проверат и други изборни модели, односно да се направи една поцелосна и порадикална изборна реформа.

Во принцип, изборните модели се познати и во глобала станува збор за пропорционален (она што сега го имаме) и мнозински систем (она што го имавме на првите парламентарни избори). И двата имаат свои предности и свои недостатоци. Што се однесува до мене, вреди сериозно да се размисли за повторно воведување на мнозинскиот систем.

Во овој случај се гласа за личности со име и презиме, а не за партиски листи. На тој начин пратеникот многу повеќе го црпи својот легитимитет од гласачите, отколку од партијата која го ставила на добитно место на изборната листа. На крајот на краиштата, го знаете вашиот претставник во Парламентот со име и презиме и во секое време можете да барате конкретна одговорност ако не ги застапува вашите интереси.

Лошата страна на мнозинскиот систем е можноста голем дел од гласачкото тело да не биде воопшто застапен во Парламентот. Имено, како и во претседателскиот изборен модел (само овојпат без цензус), победникот во една изборна единица (од 120, колку што има пратенички места) може да победи со тесно мнозинство, па така на оние, на пример, 40 проценти што гласале за противкандидатот нема да има кој да им ги застапува интересите. Од друга страна, тоа подразбира посилни влади, односно помала потреба од коалиции и коалициски натегања, особено околу кадровската политика. Во мнозинскиот систем ќе се обезбеди и соодветна застапеност на помалите етнички заедници, без при тоа нивните партии да мораат да одат во предизборни коалиции, затоа што нивните кандидати ќе имаат речиси загарантирани пратенички места од изборните единици каде што овие етнички заедници се во мнозинство.

Како и да е, без оглед на исходот на изборите на 5 мај, целосната изборна реформа веќе мора да се работи.