Јас тебе војводо, ти мене сердаре

11 Октомври, 78 години потоа. Зуи низ етерот истата изветвена фраза – „На денешен ден пукнала првата пушка во Прилеп и Куманово…“, со која низ една симплифицирана реченица ги учат новите генерации за почетокот на македонската народно-ослободителна борба во Втората светска војна. Небаре пушката сама пукнала, откочена по грешка, а не по свесна волја и акција на борците против фашизмот.

И додека во предвечерјето на празникот им објаснуваат како почнал нападот на участокот, а овие прашуваат – што е тоа „участок“, одеднаш пукна нова пушка. Не барутен, туку прав фрлен во очите на јавноста ја обвитка судницата, во која поранешни претставници на модерниот таен „участок“ индиректно си разменуваа комплименти, во стилот – јас тебе војводо, ти мене сердаре.

Едниот не гледа вина во другиот за „големото уво“, другиот по таквиот исказ, нема никаков порив да постави прашање. Идила. И кој бил одговорен за незаконското следење на комуникации? Дуо-трио: Груевски, Грујевски и Бошкоски.

Секако дека Груевски имал најголем политички интерес да ги поседува тие материјали. Врз основа на тие незаконски стекнати сознанија можел краткорочно, дури и на дневна основа, но и долгорочно да крои активности против политичките опоненти и неистомисленици, кои ги третираше исклучиво како предавници и непријатели. Но, каде се изгуби Мијалков од оваа приказна во исказот на неговиот колега?

Судот е тој што ќе каже дали и каква вина има Мијалков. Но, никако не може да се прескокне неговата улога во синџирот на одговорност. Дури и да немал баш никаков удел во незаконското следење на комуникациите, тој повторно е одговорен.

Ако не знаел што се случува, значи ги преспивал мандатите на таа одговорна позиција и во тој сензитивен безбедносен ресор, со што дозволил службата да се претвори во приватен пашалак на неколку лица под контрола на неговиот братучед и премиер Никола Груевски.

Никој веќе не е подготвен да го инвестира своето драгоцено време за „шарени“ или какви било други револуции, ако стравува дека неговите идеали на крајот ќе бидат погребани во торба „луј витон“

Или, ако не учествувал во незаконските активности, но знаел за нив и молчел, исто така е соучесник во кривичното дело. Сме го плаќале за да знае и да превенира, а не за да не знае и да хибернира.

Затоа, тврдењето дека сторителите на кривичното дело работеле за интересите на Груевски – е откривање топла вода. Но, во судот не се ценат теории за тоа кој е мастермајндот на „големото уво“, туку дали СЈО има цврсти докази за тоа лице кои сигурно би завршиле со осудителна пресуда.

Ако СЈО имало такви докази за Груевски, сигурно немало да ги „заборави“, за денес да добива лекции кој би требало да биде првоосомничен во „Таргет – тврдина“.

Обидот одговорноста за прислушувањето да се адресира кон сите бегалци што сега се надвор од државава, а притоа да се прескокне клучната алка во синџирот на УБК, како да навестува дека надоаѓа некоја матна вода. За чиј интерес и кон чија воденица е насочената водата, бргу ќе се покаже.

Ваквите епизоди ја докрајчуваат и последната трошка надеж за достапност до правдата и вистината. Разочарувањето ја топи енергијата за каков било бунт, протест, крик, отпор…

Освен пушките со кои неранимајковци пукаат на свадби, никаква друга „пушка“ нема да пукне во оваа земја, во идејна или во развојна смисла. Бајракот на промените сега е на половина копје, погребан од тие што требаше да бидат негови носители

По скандалот и обвинението за поранешната специјална јавна обвинителка Катица Јанева, по гневот и разочараноста во јавноста, нема таква идеја, проект, кампања или елементарен импулс што ќе покрене каква било граѓанска енергија на улиците. Умре таа приказна.

Никој веќе не е подготвен да го инвестира своето драгоцено време за „шарени“ или какви било други револуции, ако стравува дека неговите идеали на крајот ќе бидат погребани во торба „луј витон“.

Освен пушките со кои неранимајковци пукаат на свадби, никаква друга „пушка“ нема да пукне во оваа земја, во идејна или во развојна смисла. Бајракот на промените сега е на половина копје, погребан од оние кои требаше да бидат негови носители.

И сега треба да бараме изрази на коректност затоа што Јанева, наводно, била во прединфарктна состојба. А на кого му е гајле што целото општество доживеа инфаркт заради „обвинтелцките работи“?

Некои, пак, се тешат дека ДКСК сега симболично ќе била новото СЈО. Зар? Со кои ресурси? Не е важно колку предмети планираат да отворат. Сакам да видам колку ќе затворат. Звучат крајно наивно кога ветуваат дека ќе постапуваат за сѐ и сешто. Тоа на крајот ќе се сведе на ништо.

Не сакам да звучам демотивирачки, но подобро би било да направат приоритети, наместо до бескрај да ги креваат надежите, а потоа да завршат како издишан балон.

За почеток нека го сменат она инфантилно мото „Со ум до антикорупциски бум“, небаре им го смислило збунето прваче што вежба пишување стихови во рима. Мотото само ќе си дојде ако има резултати. Не пукајте во празно.   

Честит празник!