Го гледам бронзениот востаник на Мечкин Камен, како со години го носи на неговите плеќи оној голем и тежок камен. Го гледам извиен кон небото, небаре стои рамо да рамо со високата крушевска корија, нахранета од крв, коски, страдања и надеж. И секоја година на Илинден ме мачи истото прашање: Ќе издржи ли, а да не падне во искушение еднаш да го фрли тој камен од плеќите, да ни го струполи врз главите, додека не гледа така поделени, обележани со разни телесни и ментални тетоважи, псевдосимболи и вербални пелини.
Бидејќи ние му станавме потешки од тој камен. Бидејќи не знаеме што да правиме со слободата за која тие гинеле на ова место, каде наместо почит денес доминираат молотови коктели од омраза и верност кон еден простачки ритуал – како да се испогани празникот.
Ако продолжиме да ги каменуваме вредностите кои заслужуваат почит, мислам дека тој нема да издржи. Ќе го фрли каменот. Ќе го пушти да се тркала по ливадата, се додека не заврши во дупка соодветна на свеста со која секоја година се тестира нивото на срам што може да го поднесе празникот. Нема да нѐ смачка, бидејќи сами се смачкуваме. Само што уште никој не ја објавил таа вест. Единствено Блаже Конески предупреди на тоа во негова песна: „…Уште рика истата мака во мене/ дека сум роден во смачкано племе“.
Тешка е таа македонска приказна. Многу потешка од карпата што илинденецот ја носи на неговите плеќи
Се сетив на тие стихови кога Сребра Тодевска ја пресече лентата за отворање на срамната сезона на празнувањето, „обраќајќи му“ се на тогашниот претседател Киро Глигоров „со непозната течност од устата“, а со уверување дека направила невиден „патриотски гест“. Се сетив на тие стихови и кога честа на Илинденците беше оддавана преку исвиркувања и навреди на државни делегации и ревиии на различни знамиња и симболи.
Дури и ако срамниот чин на Сребра го сместиме во периодот пред полнолетството на државава, факт е дека ништо подобро не се случи ни по матурирањето. Пред три години (2016-та) и празникот и тв-преносот го украдоа „патриотски здруженија“ во црни маици, кои некој ги глорифицираше на Мечкин Камен, за потоа да ги употреби на 27 април следната година.
А тогашниот премиер, му го заборавам името (далеку од очите, далеку од сеќавањето), во говорот не го ни спомна Питу Гули, чија чета крварела на местото каде тој држеше говор. Следната, 2017 година, петчлена делегација на ВМРО-ДПМНЕ, ден порано, на 1 август го одбележа Илинден на Мечкин Камен. Демек, за да се воздржале од давање легитимитет на прослави организирани од Владата на СДСМ и ДУИ, а ценејќи дека е можно некои одлуки да го иритираат народот, како одлуката Талат Џафери да се обрати на Мечкин Камен. Жално.
Знам дека созревањето е бавен процес, но претеравме и со бавноста. Толку ли е тешко да се разбере придобивката од единството?
Не беше подобро ни минатата, 2018 година. Дипломатските гости, меѓу кои и тогашниот американски амбасадор Џес Бејли и заменик помошникот државен секретар во Стејт Департментот на САД за Европа и Евроазија, Метју Палмер, заедно со државната делегација беа почестени со свирежи, навреди, пцовки и со фрлање разни предмети кон нив. Веруваа дека фрлаат по некој друг, а не сфатија дека фрлаат врз себе и врз достоинството на земјата што, наводно, ја сакаат.
Не беа осамени. И говорот на тогашниот претседател на државата, му го заборавам името, беше претворен во подобен носач на звук за таквите испади. Очекувано, со оглед дека претходеа долги години на тренинг за темни улички каде некој ќе се пресмета со некого, ќе го исплука или ќе му ги здроби предавничките коски со високопатриотските раце, низ кои треба да потече крв на брат, небаре е некаков архинепријател. Сето тоа Македонија го виде и искуси. Тешка е таа македонска приказна. Многу потешка од карпата што илинденецот ја носи на неговите плеќи.
Денес стојам пред тој споменик и по којзнае кој се прашувам дали еднаш ќе заврши тој срамен, понижувачки и погубен серијал на провокации на големиот историски датум. Пред 116 години Илинден бил ден кој обединува, кој ги повикувал сите заедно, без разлика на вера и припадност, да застанат под исто знаме… Денес, знамето на земјава некои бесрамно го нарекуваат вентилатор. А она „вистинското“ што го преферираат, го газат секој ден бидејќи му нашле место како декор меѓу бекатонките на градските плочници. Па дури и на корпи за смет. Достоинствено, ептен. На оној што има таков „провев“ во критериумите, „нормално“ е се да му личи на вентилатор.
Честит празник, со надеж дека дека востаникот на Мечкин Камен и сите што крвареле на местото на кое денес стоиме, нема сами да ја крепат тешката карпа
Знам дека созревањето е бавен процес, но претеравме и со бавноста. Толку ли е тешко да се разбере придобивката од единството? Толку ли е тешко сите да застанат под исто знаме? Толку ли е привлечно тоа параполитичко плацебо, тој лажен анестетик, со кој дел од јавноста се труе дека ако не направи празнична ѓурултија, ќе се изгуби „патриотската“ супстанца. За што? За сечење на гранката на која сите заедно седиме?
Ми се допадна слоганот за годинашното чествување на празникот – Сите сме деца на Илинден. Но, еднаш треба да пораснеме. За да не се срамиме од другите генерации деца на Илинден, кои доаѓаат по нас. И тие имаат право на достоинствено празнување.
Честит празник, со надеж дека дека востаникот на Мечкин Камен и сите што крвареле на местото на кое денес стоиме, нема сами да ја крепат тешката карпа. Дека секоја генерација одговорно ќе преземе дел од товарот. И дека свирежите и навредите ќе замолчат пред победничката симфонија на единството.
Се друго е тежок пораз. Не само на празничната атмосфера, туку, пред се, на свеста како се гради, чува и почитува државата, и споменот на оние кои придонеле ова парче земја да тежи на своето место.