Ако нешто најмногу ме иритира, тоа е максималното потценување на јавноста. Талат Џафери до завчера ни го цитираше Уставот, мавташе со објаснувања дека штом е доверен мандатот, тоа значи дека мандатарот има обезбедено мнозинство, и тоа мнозинство мора веднаш да избере претседател на Собранието.
Арно ама, вечерта добил внук и одеднаш – сето претходно кажано стана небитно. Пред семејната радост падна во заборав и Уставот, и итноста на седницата. Колку е сè релативно.
Се разбира, човек треба да биде крајно наивен за да поверува дека внучето ги променило намерите на Џафери да ја продолжи конститутивната седница на парламентот, за која веќе имаше и најавен термин – четврток, 15 часот. Еве, поминаа мекиците, каде е седницата?
Во време кога Охридскиот договор ги коригира нееднаквостите во правата меѓу мнозинската и малцинските зедници, во албанската заедница сè уште има голема разлика во правата меѓу Албанец, и Албанец под патронажа на ДУИ
Џафери сигурно не го дои бебето, ама, исто така, е сигурно дека изворот од каде што се надоил со идејата за експресна седница, му го секнале директно од Мала Речица. Толку за конзистентноста.
И неговиот партиски шеф Али Ахмети, цело лето чека принова: дали ќе се роди првиот премиер Албанец, не сфаќајќи дека тој е одамна е роден. Не мислам на Зибери, извлечен од шеширот на Ахмети. Мислам на еден куп потенцијални премиери Албанци (исто како и Македонци, Турци, Срби, Власи, Бошњаци, Роми), кои денес „премиерствуваат“ далеку од матичната земја, каде што нивните дипломи, знаења и вештини се вреднуваат според мерит, а не според споил систем, или етнички принцип.
Таа сурова реалност му се покажа на Ахмети вчера, во целиот нејзин раскош: остана сам на масата, на која требаше да бидат лидерите на парламентарните партии на Албанците, а по нивното одбивање – очекуваше барем партиски претставници. Тоа што за ден на средбата го избра 13 август (19 години од потпишувањето на Охридскиот договор), не му помогна никого да доведе на истата маса.
ДУИ со години се јавува како иницијатор за прославите на тој датум, и не суптилно, туку најотворено го монополизира и капитализира Договорот како нејзино дело. Ако се има предвид дека негови потписници се тогашните лидери на СДСМ, Бранко Црвенковски, на ВМРО-ДПМНЕ, Љупчо Георгиевски, на ПДП, Имер Имери, и на ДПА, Арбен Џафери, некоректно, нескромно и крајно суетно е тој договор во практика да се третира како моноетнички и монопартиски напор за придобивките на помалите етнички заедници во земјава.
Фактот што Ахмети вчера остана сам е резултат токму на тие напори партиски да го узурпира она што беше примарна и општествена цел на Договорот: уставни и законодавни измени, со кои се гарантираат правата на помалку бројните етнички заедници.
Позитивната дискриминација, применета преку начелото за соодветна и правична застапеност, стана неговата златна кокошка. Со неа требаше да се елиминира дефицитот од помалите етнички заедници при вработувањето на државни и јавните службеници, но врз основа на стручност и компетентност, а не врз основа на партиска лојалност кон ДУИ.
Но, во голема мера токму низ вакви аршини, ДУИ во изминатите 18 години преку партиски овозможени вработувања си создаде свој стабилен клиентелистички гласачки контингент, кој ѝ помага да нема многу изненадувања при изборните резултати, односно секогаш таа да го држи приматот на партијата „мајка“ и Ахмети како „татко“. Имајќи ја предвид ваквата константна и огромна предност на ДУИ, за супер успех може да се смета изборниот скор на Алијанса за Албанците и Алтернатива.
Лидерите на македонските партии се проценети како луѓе кои побргу би си ги извадиле очите едни на други отколку да соработуваат на кој било план, што на ДУИ му отвора простор секогаш да има сигурен партнер меѓу крајно поларизираните македонски опоненти
Во време кога Охридскиот договор ги коригира нееднаквостите во правата меѓу мнозинската и малцинските зедници, во албанската заедница сè уште има голема разлика во правата меѓу Албанец, и Албанец под патронажа на ДУИ. Голем дел од вториве дури и мораа да бидат ни на работа, ни во земјава, ама земаа плата. За разлика од други. Тоа не е напредок, туку злоупотреба на сегменти од Договорот што завршува со партиска мајоризација во интраетнички атар.
Токму за да го покрие или ублажи тој факт, како и бројните бизниси под партиски патронат, Ахмети бара премиер Албанец. И да е трагедијата уште поголема, од Мала Речица, на некои медиуми им презентираат ваква „аргументација“, за да ја опишат потенцијалната поддршка на нивната идеја: „за премиерот Албанец ќе гласаат 74 пратеници (значи македонска коалиција плус сите партии на Албанците), а за премиерот Македонец ќе гласа 61 пратеник (нема да гласа другата македонска коалиција, која и да е)“.
Ова е одлична лекција за политичарите од „македонскиот блок“, да видат дека нивните поделби и кавги се вградени како константа при проектирањето на плановите на ДУИ. Лидерите на македонските партии се проценети како луѓе кои побргу би си ги извадиле очите едни на други отколку да соработуваат на кој било план, што на ДУИ му отвора простор секогаш да има сигурен партнер меѓу крајно поларизираните македонски опоненти.
Не дека е ова нешто ново, благодарение на тие состојби, ДУИ 18 години седи во власта. И не ме чуди што сѐ уште се обидуваат да играат на таа карта. Ме чуди што другиве и покрај сѐ, не престанаа да им го овозможуваат тоа.