Првин се појави Исус Христос, а потоа PCR тестот.
Вака некако звучи толкувањето на охридскиот градоначалник Кирил Пецаков за неговата „позитивна“ појава меѓу охриѓаните и останатите гости на Богојавление. Плус на неговото егзалтирано гушкање на уште поегзалтираниот народ, кој во недостиг од можност да го гушне лично Христос, ете си најде сурогат во Пецаков.
И, навистина, како е можно куп луѓе што на минусни температури рипаат во замрзнатите осветени води, искрено верувајќи дека само ако го допрат фрлениот крст од поповска рака, цела година ќе имаат здравје и бериќет, да не бидат опасност за јавното здравје, а прошетката на градоначалникот меѓу своето стадо да биде, рационално размислува Кирил. И зошто, по ѓаволите, само нему да му биде оневозможено да се тиска во толпата за да види како неговите гласачи го прославуваат Водици? Само затоа што е пандемија? И што омикрон сојот завладеа со короната? Или затоа што сабајлето се тестирал да види дали е позитивен или негативен? Па, ајде ви се молам. Сите знаат дека тоа тестирање е чиста формалност и не служи за детектирање на болеста, туку за одење во странство на зимување.
Особено ако немате никакви симптоми, како што немал ни градоначалникот, кому очигледно му недостасуваат и неколку симптоми на здраворазумско размислување.
Според него, излегува дека компетентната институција што го тестирала, направила грешка во резултатот, па затоа решил повторно да се тестира во истата институција, која потоа не направила грешка во резултатот, прогласувајќи го Пецаков за „негативен“. Затоа што е компетентна. Само кога ќе го прогласи градоначалникот за здрав.
Па, ајде ви се молам. Сите знаат дека тоа тестирање е чиста формалност и не служи за детектирање на болеста, туку за одење во странство на зимување
И затоа, вели Пецаков, излегувањето во јавност со деталите на неговата охридска променада не е ништо друго, туку негов политички прогон.
Ви звучи ли ова познато? И Исус, во чија чест, два дена пред Меѓународниот ден на гушкањето, Кирил Пецаков ги изгушка сите околу него, речиси од истите причини беше политички прогонуван. Ако сте атеист по некој неверојатен случај, нема никакви проблеми, и Новак Ѓоковиќ, за многумина тука божество што оди по земјата, речиси од истите причини, исто така, беше политички прогонуван во Австралија.
Ете, и Ѓоковиќ се тестираше. И бил без никакви симптоми. И делел пехари на млади тениски надежи. Па што? И Новак, како и Кирил, отпосле разбрал дека е позитивен. Затоа не носел маска во затворен простор, како што, ако се суди според фотографиите, не носел ни Кирил. Затоа Новак не ја држел пропишаната дистанца, како што не ја држел ни Кирил, бидејќи е навистина тешко да се гушкаш на отстојание од два метри.
Сега Ѓоковиќ се заканува со тужба против австралиската држава за малтретирање и душевна болка. Сега Пецаков се заканува со тужба за клевета и несовесно работење против директорката Ирина Бухова и менаџментот на Државниот санитарен и здравствен инспекторат.
„На 19 јануари, ден Водици се тестирав во Центарот за јавно здравје Охрид, не поради чуствување на симптоми поради ковид, туку поради патување и потребата за поседување негативен ПСР тест. Нормално не бев во изолација, затоа што што би се случило доколу илјадници луѓе кои поради потребата за патување во странство би се изолирале чекајќи резултати и секако не постои НИТУ ЕДЕН пример кој се изолирал додека чекал резултати на ПСР тест за странство, така што јас во текот на тој ден бев со охриѓани кои го славеа големиот христијански празник.“, вели почитуваниот градоначалник.
И навистина што би се случило ако илјадници луѓе, кои поради потребата за патување во странство би се изолирале, чекајќи резултати? Градоначалникот не одговара на прашањето што го поставува. Ниту јас не го знам одговорот. Можам само да претпоставувам. На пример, би се намалил бројот на заболени од ковид, би се намалил притисокот врз здравствениот систем и бројот на болнички лекувања…
Ете, само по објавувањето на информацијата дека Пецаков е ковид-позитивен, околу 300 охриѓани побарале тестирање поради тоа што биле во контакт со ова ковид-суспектно лице. Иако којзнае колкав е бројот на оние што по примерот на Пецаков не побарале, за, не дај Боже, да мора да се изолираат потоа, доволна е само оваа цифра за да се направи сериозен, а непотребен притисок врз здравствениот систем. И, ајде, вака хипотетички да замислиме дека компетентната институција, како во случајот со градоначалникот, ќе направи грешка и сите овие 300 контакти ќе ги прогласи за позитивни, иако немаат никакви симптоми. И тие, повторно по примерот на градоначалникот, од истата институција ќе побараат ново тестирање. А во меѓувреме таму ќе се јават нивните контакти да се тестираат, затоа што, како што тврди нашиот Кирил, ниту еден што немал симптоми не се изолирал додека ги чекал резултатите од тестот.
И навистина што би се случило ако илјадници луѓе, кои поради потребата за патување во странство би се изолирале, чекајќи резултати? На пример, би се намалил бројот на заболени од ковид…
Но, она од што сум навистина импресиониран е токму владеењето на градоначалникот со статистичките податоци околу тестирањето. Навистина, од каде му е тој податок дека НИТУ ЕДЕН (потцртано од К.П.) не се изолирал додека чекал резултати од тестирање пред патување.
Навистина, јас не се движам толку многу во круговите што имаат потреба да одат во странство во време на пандемија, па не знам дали ова децидно тврдење на градоначалникот треба да го сфатам како комплимент или како навреда за ќерка ми, која, кога се враќаше за Лондон, каде што живее, се самоизолираше додека ги чекаше резултатите од задолжителниот PCR тест. Со други зборови, дали беше пресовесна така да го изгуби последниот ден во татковината или беше преглупава? Дали згреши што мислеше дека PCR тестот, како и другите корона-протоколи не се измислени поради формалности и правење политички прогон на охридскиот градоначалник, туку дека имаат некакво значење во заштитата на јавното здравје?
Му оставам на градоначалникот да размисли за одговорите на овие прашања. И да донесе заклучок дека правилата се создаваат само за да се кршат. И дека луѓето не го гласале за да се изолира. И, впрочем, знаеме ли ние кој е тој? Па, тој е градоначалникот на Охрид! Ееееј…
И, секако, нема да го тужам за клевета и изнесување неточни податоци, бидејќи тој и онака си има свои проблеми што треба да ги решава.
Само нека ни е здрав и жив.