За разлика од многумина мои пријатели и колеги, јас воопшто не ја сфатив несериозно информацијата дека футуристот и некогашниот инженер во „Гугл“ Реј Курцвајл (Ray Kurzweil), кој предвидел дека од 2030 година луѓето ќе станат бесмртни. И не само поради фактот што овој компјутерски научник досега предвиде низа, за нас обичните смртници, во тоа време незамисливи работи (медиумите веќе прецизно и таксативно пресметаа дека „погодил“ 87 проценти од своите 147 досегашни предвидувања), туку затоа што светот, кој пред којзнае кој пат се наоѓа пред распаѓање, е навистина проколнат и затоа што за рационалните песимисти, каков што сум јас, ваквото проклетство воопшто не претставува никакво изненадување.
Добро сега, Курцвајл не вели баш дека ќе станеме бесмртни, како што пренесуваат медиумите, туку вели дека развојот на вештачката интелигенција и нанотехнологијата ќе овозможат замена на „лошите“ човечки ќелии со „добри“ и на тој начин карциномот, како една од најсмртоносните болести, во целост ќе се елиминира, но и куп други болештини што доаѓаат со годините.
И тоа предвидување не е без основа, туку е врз база на некои досегашни истражувања, вршени главно врз експериментални глувци, и тоа за лекување на очниот вид, односно слепилото. Имено, овие истражувања, ако добро разбрав, покажуваат дека белите глувци, не само што го вратиле видот, туку и се „подмладиле“, при што се појавува хипотеза дека, на пример, 80-годишен човек со истата или слична метода ќе може да се врати во здравствената форма на 30-годишник.
Како и да е, првата помисла кога ја прочитав оваа информација ми беше „Македонија вечна и јас вечен во неа“. И веднаш си ја замислив иднината: по едно два века, на мојот 265. роденден пишувам колумна за корупцијата во општеството, за недовербата во судскиот систем, за препукувањата меѓу ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ, за сиромаштијата, за неефикасната администрација, за тоа дека светот е пред распаѓање, за… И веднаш добив мачнина во стомакот. Можете ли да замислите такво проклетство!
Ако сакам да ја терам дистопијата натаму, можам да го замислам и вечниот Артан Груби како тера разно-разни јавни бизниси преку неговата позиција во Владата, како Христијан Мицкоски бара вонредни избори, како Маричиќ отвора пристапни преговори за влез на Македонија во Европската Унија, како автопатот Кичево – Охрид само што не е пуштен во употреба, како земјоделците протестираат поради ниските откупни цени, како граѓаните се преокупирани со некои чудни дивоградби што никнуваат во нивна близина, како Скопје распишува тендер за приватни превозници во јавниот превоз, како застарува уште еден судски процес против Мијалков… И така натаму.
Замислив дека на мојот 265. роденден пишувам колумна за корупцијата во општеството, за недовербата во судскиот систем, за препукувањата меѓу ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ, за сиромаштијата, за неефикасната администрација, за тоа дека е светот пред распаѓање, за… И веднаш добив мачнина во стомакот
И да бидам искрен, вечност – не, благодарам! Доволно се занимавав со залудни работи и во она што и досега ми било дозволено да го живеам.
Втората асоцијација на ова предвидување ми беше последниот роман на Драги Михајловски „Пагански времиња“ („Просветно дело“, 2019), каде што Смртта останува заробена во нечиј двор, во некое село на Скопска Црна Гора и луѓето одеднаш стануваат бесмртни. Прекрасни описи, со еден уште попрекрасен цепенковски јазик, има Михајловски на сите можни последици од ваквата состојба.
Она што ми остана во помнење е неминовниот генерациски судир. Имено, „старците“ стануваат далеку побројни од младите и ги зафаќаат сите делови од јавниот простор. Младите, едноставно, немаат и не можат да го добијат своето место.
Нема, се разбира, тука да раскажувам какви сѐ последици настануваат поради оваа ситуација и какво решение наоѓа Михајловски (конечно, книгата уште ја има во книжарниците на „Просветно дело“ и кого го интересира може да си ја купи и да ја прочита), само ќе кажам дека и кај Михајловски „бесмртната солуција“ не изгледа баш розово. Светот на старите останува!
Зошто му верувам на Курцвајл?
Не толку поради неговите и досегашни успешни предвидувања и не толку поради неговиот безмалку генијален ум (тој е еден од главните творци на она што го нарекуваме „гугл транслејт“), туку најмногу затоа што технологијата, барем според моето сфаќање на работите, денес најуспешно се имплементираше токму во медицината. За само некои 150 години, односно за само една мала временска отсечка во историјата на човештвото, бројот на жителите на Земјината топка е зголемен за повеќе од осум пати.
Според проценките, а наспроти сите лелекања за намален наталитет, денес на Земјата живеат над осум милијарди луѓе. Просечниот животен век, покрај сите војни и природни катастрофи, е драстично продолжен. Сосема или речиси сосема се истребени низа болештини што го десеткувале човештвото. Од туберколози, дифтерии, маларии, големи сипаници, беснила до разно-разни грипови, еболи, сиди…
Но, навистина какви решенија има човекот ако си го продолжи животот во недоглед? Како ќе реагираат Французите, на пример, ако некој вечен Макрон им воведе одење во пензија наместо на 62 на 262 години? Што ќе правиме со недостигот од храна? Што ќе правиме со водата за пиење? Што ќе правиме со глобалното затоплување? Па, ако сакате, што ќе правиме со паркинг-просторот, со јавниот превоз, со инфраструктурата…
Се разбира дека технологијата има свои добри страни. И се разбира дека на некоја имагинарна вага тие претежнуваат над негативните. Ама, ете, од некоја етичка гледна точка, јас лично и не би сакал баш толку долго, да не кажам вечно, да чекорам по земјата.
Што се однесува до мене, Македонија може да биде вечна, ама без мене во неа. Ако е можно. Како што сфатив многу порано, а во мојата седма деценија од животот, тоа можам само да го потврдам, Македонија нема некоја особена потреба од мене, односно може да си живее онака како што си живее и без мене. А богами ниту јас немам некоја особена потреба од неа.
Зошто тогаш да бидеме вечни? Јас и Македонија! Не, благодарам на понудата.
Мислењата и ставовите изнесени во колумните се на авторите и не нужно ги рефлектираат позициите и уредувачката политика на БИРН Македонија