Костен-торта

Има некоја симболика во важниот настап на премиерот Зоран Заев во Смоларе на таканаречената Костенијада, позната уште и името Ден на празот.

Ако нешто е навистина симболично за филозофијата позната под името „Живот за сите“, тоа секако е – костенот, гордоста на струмичко Ново Село и на цела Македонија, што би рекол самиот Заев. Костенот е типичен пример на победата на македонската фантазија врз обилните есенски костенести плодови.

Имено, со текот на времето, да не кажеме историјата, Македонецот успеал да совлада повеќе начини на подготовка на овој есенски симбол. Дури – два! Да го пече и да го вари. Добро, има повеќе варијанти на делот со печењето. Една е костенот едноставно да се засече, но оние поголемите мајстори знаат дека тој може да се засече на врвот, на средината, во долниот дел, а вистинските стручњаци ќе ви кажат дека постојат варијанти на засекување и во некои меѓупростори.

Ете, како што луѓето направиле костенијади, празијади, ракијади, калинкијади, пастрмајлијади, пивтијади, чваркијади… можат да направат и свадбијади. Има тука работа за македонската фантазија и имам претчувство дека допрва ќе се изненадуваме од сопствениот иновантен дух

Нема сега да ги откриваме сите тајни на големите мајстори на кулинарските ремек-дела на македонските мајстори на костен-кујната туку само ќе кажеме дека костенот се фрла на оган и таму се чува сѐ додека не се – испече! Нешто слично е и со варењето на костенот. Само што овојпат тој не се засекува, туку се става во вода и се вари, сѐ додека не се – свари.

Добро, се разбира дека ова е поедноставено гледање на нештата. Од костенот, имено, се прават и повеќе десерти – дури два. Можете да направите костен-пире и костен-торта. Костен-пирето се прави така што сварениот костен ќе го изгмечите и ќе му ставите шеќер според вкус и потреба, а можете богами да го јадете и без шеќер. А костен-тортата? Таа е, всушност, приказна за себе и вистински одраз на македонскиот дух. Во народот е уште позната како „торта за сиромашни“, а во некои краишта и како „торта за мрзливи“. За неа, имено, не ви е потребно ни млеко, ни брашно, а богами ни ореви. Доволно е да отидете во некоја шумичка, да си наберете диви костени, да ги сварите и од нив да направите пире што ќе го покриете со шлаг (шне) од три изматени белки.

А ако имате шума како во Смоларе, тогаш можете да наберете и цел тон костени, па така да направите манифестација што се вика Ден на костенот и на тој начин да го развиете туризмот во вашата општина. Бидејќи, како што се знае, во светот речиси и не е познато поатрактивно средство за привлекување на илјадници и илјадници туристички номади од – печениот костен!

Затоа и ги сметаме за злобни сите забелешки што ги слушнавме и ќе ги слушнеме за посетата на премиерот Заев на оваа значајна македонска традиционална манифестација. Тој само сакаше да покаже дека идејата „живот за сите“ веќе добива интернационални карактеристики и не важи само за граѓаните од Македонија туку и за милионите туристи кои нагрнаа во Смолари од соседната Бугарија. Нека ги вадат малку и тие жешките костени. Нам и онака ни здодеа да живееме за сите.

Но, се разбира, костенот би ја немал толкавата привлечност, ако на неговиот празник не го приклучите и Денот на празот. Од и со празот, исто така, можат да се направат безброј специјалитети. Кои главно се нарекуваат – пита со праз! Само што ваквото гледање на работите е многу поедноставено. Се разбира дека питата со праз може да биде мазник со праз, зелник со праз, бурек со праз, баница со праз… Потоа мазник со сирење и праз, па зелник со урда и праз, па бурек без праз итн.

Ако нешто е навистина симболично за филозофијата позната под името „Живот за сите“, тоа секако е – костенот, гордоста на струмичко Ново Село и на цела Македонија, што би рекол самиот Заев

Иако се чини неповрзано, на оваа костенеста празијада ќе ја додадеме и одлуката на оној неготински градоначалник за родова рамноправност во македонскиот дел од светскиот идиотизам – кој реши дека не само ергените што првпат ќе стапат во брак на над 40-годишна возраст туку и на невестите на иста возраст што ќе застанат на лудиот камен да им биде исплаќано еднократно по 500 евра. Следниот чекор е нивните свадби да се направат туристички атракции, а сватовите-туристи да бидат пречекувани со еден тон костени и со праз во – пита!

Но, сега малку сериозно. Сериозно? Ма, шега, шега… Навистина не знам што значи таа мерка на еден тазе брачен пар во наводно зрели години да му се даваат илјада евра како еднократен финансиски стимул. Со тоа ќе се стимулира стапувањето во брак? Или ќе се дестимулира? На пример, вака: вие и вашата партнерка имате по 30-тина години и сакате да се венчате. А дизелот веќе поскапел. И што правите? Се разбира, се договарате да почекате уште едно десетина години за да добиете илјада евра стимул за да се венчате откога ќе наполните 40 години.

Ете, како што луѓето направиле костенијади, празијади, ракијади, калинкијади, пастрмајлијади, пивтијади, чваркијади… можат да направат и свадбијади. Може да се стимулира дури и соборување на гинисовиот рекорд на најстари младоженци. Има тука работа за македонската фантазија и имам претчувство дека допрва ќе се изненадуваме од сопствениот иновантен дух.

Единствено што ми недостасува на овие македонски празници е речиси опипливото отсуство на нивниот редовен посетител и обожавател, претседателот Ѓорге Иванов. Ама, тој, изгледа има попаметна работа. Ги решава геостратешките позиции на Кина и Русија.