Култура во времето на корона

„Креативната храброст на креативните луѓе може да помогне во надминување на кризата. Треба да ја искористиме секоја можност да создадеме добри дела за иднината. Уметниците не се само неопходни, туку се и од витална важност, особено сега.“

Ова го изјави германската министерка за култура Моника Гритерс, образложувајќи ја одлуката на германската сојузна влада да издвои дури педесет милијарди евра како помош и поддршка на германските уметници, малите бизниси што се занимаваат со култура и креативните индустрии што трпат штета во времето на пандемијата на Ковид-19.

Германската поддршка подразбира грантови за изнајмување објекти и уметнички студија, кредити за бизнисите, но и парични стимулации за уметниците. Акцент е ставен и врз таканаречените фриленсери, односно слободни уметници, кои во следните шест месеци ќе добиваат социјална помош, осигурување од невработеност, а ќе им бидат платени и трошоците за домување. За таа цел, Германија издвојува дополнителни десет милијарди евра.

Во ред, Германија е далеку од нас во секој поглед, па и во поглед на подредување на приоритетите во оваа состојба. Додуша, веста дека Германија издвојува 50 милијарди евра како поддршка на уметниците и  креативните индустрии прозвучи како научна фантастика и за многу други и многу побогати земји од нашата. Затоа ќе се обидеме да се симнеме малку појужно.

Словенечкиот парламент, на 2 април донесе интервентен закон, вреден три милијарди евра, за ублажување на кризата предизвикана од корона вирусот, чие спроведување треба да заврши до почетокот на јуни. За самовработените, вклучувајќи ги тука и оние во културниот сектор, предвидени се примања од 350 евра во март и по 700 евра за април и за мај, при што во април и во мај се ослободени од плаќање придонеси за социјално осигурување.

Овие мерки не ги задоволија културните работници во Словенија, па тие преку неформалната група за помош на самовработените во културата упатија петиција до Парламентот (со 12 илјади потписи), предупредувајќи дека на културната сцена, освен вработените и самовработените за кои е предвидена помош, функционираат и мнозина што не припаѓаат на ниту една од овие две категории, односно своите приходи ги остваруваат преку авторски хонорари и авторски договори.

Со оглед на фактот дека сега речиси сите програми се прекинати, овие луѓе се наоѓаат во комплетно незавидна ситуација. Зад овие предлози застанаа повеќе од 20 струкови и други здруженија, како и кровната мрежа на невладини организации и на самовработените во културата.

Иако новиот словенечки министер за култура, Васко Симонити, на почетокот на својот мандат (16 март) одбиваше да ги прифати барањата за државна интервенција во културниот сектор, веќе на 31 март објави дека државата ќе покрива 80 проценти од просечната плата на сите вработени во небуџетираниот културен сектор, односно на она што се нарекува независна културна сцена. Плус ќе им бидат платени и придонесите за социјално осигурување. Оваа мерка стапува во сила на 13 март, а ќе важи за април и за мај.

Несфаќањето на важноста на творештвото, уметноста и културата, воопшто, токму во овие карантински денови само ќе ја зацврсти социо-психолошката криза на општеството, кое и онака се наоѓа на работ на колективна хистерија

Хрватска ги донесе првите мерки за заштита и помош на културните работници уште на 17 март, а деновиве донесе и нови сет-мерки во оваа област. Самостојните уметници имаат право на финансиска помош во висина на минималната плата, додека нивното Министерство за култура го одложи извршувањето на договорените програми, притоа обврзувајќи се дека ќе ги исплати сите договорени хонорари, без оглед на фактот дека програмските активности не се реализирани.

Хрватската министерка за култура, Нина Обуљен Коринжек вели дека со мерките треба да се опфатат сите уметници и културни работници и дека затоа забрзано се работи на регистар на оние уметници и културни работници што не се опфатени ниту со една владина мерка за помош, односно оние што своите приходи ги остваруваат преку хонорари. Во таа смисла, непроценлива е помошта на струковите здруженија, кои би требало да достават, а и доставуваат податоци за своите членови.

Обуљен Коринжек уште додава дека нејзиното Министерство ќе распише ад хок конкурс за програми што ќе бидат изводливи на дигиталните платформи и посебно финансирани. „Тоа е многу важно“, вели таа.

И конечно стасуваме до најнесодржајниот дел на приказот за односот на државите кон културата – до Македонија! Ако смееме да ја парафразираме хрватската министерка, тогаш би рекле дека тука е многу тажно. Не се случува ништо. Има некои процени дека речиси една четвртина од севкупниот број на луѓето што работат во културниот сектор и во креативните индустрии всушност се ангажирани во неинституционалната, односно во независната култура. Тие во моментот се целосно маргинализирани и оставени на егзистенцијалниот раб.

Со цел респект кон моментот и со целосно уважување на волјата за спроведување на концептот за спасување на таканаречениот продуктивен дел од стопанството, мораме да заклучиме дека несфаќањето на важноста на творештвото, уметноста и културата, воопшто, токму во овие карантински денови само ќе ја зацврсти социо-психолошката криза на општеството, кое и онака се наоѓа на работ на колективна хистерија.

 Да, уметниците и творечки потентните луѓе се обидуваат да се одржат во форма и се обидуваат преку сегашните достапни средства колку-толку да им овозможат и на другите малку духовен мир во ова невреме, само што останува неизбришливо чувството за нивната дискриминација во овој момент.

„На нашето демократско општество му треба единствен и разновиден културен и медиумски пејзаж во оваа историска ситуација, незамислива до неодамна“, вели германската министерка за култура, Моника Гритерс. Прашањето е што ни треба нам.