Метење под тепих

Искуството нѐ учи дека доминантната партија на сите нивоа на власта, порано или подоцна подлегнува на целосна партократија, бирократизација, па и корупција, што во крајна линија не ја загрозува само партијата како политички чинител на власта, туку уште повеќе функционирањето на јавните институции, а со самото тоа и државните интереси.

Во таа смисла, потегот на Зоран Заев, односно разрешувањето практично на комплетното раководство на неговата партија, потег без преседан во македонската партиска историја, има свој политички и практичен резон. Детектирани се слабости во практикувањето на власта, а иљачот се бара во нова кадровска поставеност.

 „Дај друго дете“, што би се рекло. Само што останува прашањето колку „други деца“ има во партијата и што е уште поважно, колку „други деца“ воопшто има во државата за да можат да се прават „грандиозни“ кадровски чистки.

За волја на вистината, ваквиот начин на пресметка со „мангупите во нашите редови“, барем засега не дава јасни назнаки како натаму ќе се одвиваат работите, односно останува нејасно на кои кадри „од своите редови“ и натаму смета Зоран Заев, односно колкава по обем навистина ќе биде оваа партиска чистка.

Со други зборови, „почнувањето одново“ изгледа примамливо и убаво за плебсот, вечно жеден за политичка крв, но останува прашањето на капацитативната подготвеност навистина да се постават нови темели на партиската, па и државната структура, односно впечатокот дека се оди на една тенка линија меѓу континуирано привлечниот популизам и државничката политика.

Кадровските промени се само дел од приказната. И тоа, помалку битниот. Едноставно, системот има свои фабрички грешки, кои не дозволуваат изградба на здрава системска структура, без оглед на какви кадри тој и да се потпира

Бројните изјави од типот „го слушаме гласот на народот“, „ја примивме пораката од народот“ и слични популистички фрази, само го потврдуваат сомнежот кај тој ист народ дека се работи за искрена волја работите (а не само луѓето) да се сменат.

Но, ете, да ја респектираме искрената волја за подобрување на квалитетот на владеење, сепак ќе констатираме дека кадровските промени се само дел од приказната. И тоа, помалку битниот. Едноставно, системот има свои фабрички грешки, кои не дозволуваат изградба на здрава системска структура, без оглед на какви кадри тој и да се потпира. Парадоксално, ама токму тука всушност лежи вредноста на потегот на Заев: во покажаната волја за „ресетирање“ на системот.

Иако можеби не беше реално да се очекува „пустошот“ создаден со владеењето на ВМРО-ДПМНЕ преку ноќ да се претвори во „цветна ливада“, ако сакаме да бидеме искрени, прилично малку е направено во отстранувањето на неговите аномалии. Јавноста, која традиционално има преголеми очекувања, очекуваше уште при „првата метла“, односно првата реконструкција на Владата, дека „се слуша гласот на народот“, но тогаш, како што е познато, беше реконструиран само министерот за култура Роберт Алаѓозовски, а Рената Десковска беше прекомандувана од Министерството за образование во Министерството за правда. И оваа „операција метла“ практично и симболично почна со оставката на министерот за култура Асаф Адеми.

Премиерот Заев најавува дека ќе бидат сменети една третина од министрите, што ќе рече дека станува збор за нова влада и ново гласање во Собранието. Злобниците ќе кажат дека и при првата реконструкција на Владата беа најавувани крупни промени, ама тоа не се случи. За добра метла секогаш се потребни вешти раце, па наскоро ќе видиме колку и до каде навистина допира метлата на Заев или целата работа ќе остане на ниво на одржување на партиската хигиена, која, иако е важна, не е во некој особен интерес на јавноста или барем не е во толкав интерес како што е тоа извршната власт.

„Дај друго дете“, што би се рекло. Само што останува прашањето колку „други деца“ има во партијата и што е уште поважно, колку „други деца“ воопшто има во државата за да можат да се прават „грандиозни“ кадровски чистки

Но, „метлата“ на Заев може да се гледа и од друга перспектива – како потег за поправање на рејтингот на партијата, кој, поради низата компромиси и мали и поголеми афери, очигледно е во пад. Односно, како почеток на неформалната предизборна кампања за следните парламентарни избори.

Изборите се следната година, што значи дека останува многу малку време новите кадровски решенија на Заев да покажат што и како умеат. Токму овој временски теснец сериозно ја хендикепира идејата за „поставување квалитетни кадри“ на функционерските позиции.

Имено, и онака сведочиме со која брзина „горат“ и се компромитираат луѓето на челните политички позиции, па останува нејасно зошто „квалитетните кадри“ би го жртвувале својот дигнитет за „чување фотелја“ во нецела година, кога за тоа време и онака не можат да спроведат многу од сопствената идеја за политиката.

Значи, „метлата“ нема никаква смисла, ако ѓубрето се напика под тепих, односно ако „кадровското чистење“ биде сфатено само како обична комунална операција (иако системот покажува сериозни слабости и во спроведувањето на обичните комунални операции), туку таа ќе има ефект само како средство за целосен ремонт на буквално сите витални делови на институционалниот систем.