Опрости ми Папе

Колумна на Сашо Кокаланов
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  

1.

И после некој ќе каже не сме биле библиска земја – за помалку од една недела добивме и претседател и папа. Тоа не ни успеало уште од изборот на Бранко Црвенковски. И тоа не е сè, за помалку од една недела ќе се случи уште едно мало чудо: по десет години, неговата екселенција Хорхе ќе замине во историјата.

Успеавме да дојдеме до целосниот текст што Иванов се подготвувал да му го прочита на Папата за време на приемот во претседателската вила. За жал, во интерес на времето (а и на некои друг фактори), Ѓорѓе не беше во можност да го исчита целиот текст, туку само оние реченици што не му беа пречкртани со црвено.

Но, тоа не е причина, трогателната исповед да не биде споделена со читателите на оваа колумна:

Драг Папа. Господ ве прати на крајот на мојот мандат. Случајно? Не би рекол. Со должна почит кон евентуалните други, споредни цели на Вашата посета, јас мислам, сепак, дека Севишниот имаше јасна намисла јас да се исповедам, па Ве прати тука кај мене, во ова свето парче земја од планината Водно, колепката на единствените антички христијани на светот. 

Доаѓате во време кога македонската држава е тешко ранета. Како што можеби сте чуле и од други, нашата земја беше десет години злосторнички силувана, а јас како нејзин татко си молчев. Клучот беше кај мене, овде во оваа палата, но јас немо набљудував, уценет од силувачите и никогаш не побарав помош. Гледав да не одмагам, а кога можев и колку можев помагав.

И така државата ни остана тешко ранета. Многу од раните останаа незалечени. Новиве што дојдоа, не само што го оставија Господ да ги казни грешниците наместо правосудството, туку и најдрско ја прекршија осмата божја заповед – не кради – ми ја здиплија и дрско си ја присвоија амнестијата за свои потреби. Жалам што не успеав навреме да го патентирам, па да барам процент за секој амнестиран, но времето не можам да го вратам и грешките не можам да ги исправам.

Затоа молам да ми бидат простени гревовите. Сум чул и за вашата надалеку позната индулгенција, односно можност со пари да се откупат гревовите. Мене за една недела ми почнува заслужената доживотна пензија со платен кабинет, за што граѓаните ќе издвојуваат милион денари секој месец, па би сакал дел од овие пари да ги инвестирам во индулгенција. Затоа, најпонизно замолувам за жиро-сметка и ако може на излегување да ја оставите Вашата света визит-карта кај мојата секретарка.

Опрости ми Папе, за све ове грубе речи.

2.

А во пресрет на историската посета на Папата, во христијански дух помина и завршната реч на Христијан Мицковски по изборите во неделата. Иако цел ден тој и кандидатката Пресвета и Подмладена Гога зборуваа дека дошол Рајот во Македонија, пролет, цвеќиња, преродби и слично, кога стасаа резултатите, Мицко излезе и вети дека ќе ја претвори земјава во Пекол. 

„Ве очекува вистински политички пекол што ќе го предводи ВМРО-ДПМНЕ…“, се закани шефот во сенка на партијата. Видете, јас оваа закана би ја сфатил сериозно. Ако нешто знае да предводи ДПМНЕ, тоа сигурно е Пеколот. Проверено.

3.

Кога веќе сме кај Пеколот, тој за ВМРО некогаш се вика(ше) СЈО. Додуша, акцентот е на тоа „ше“ во заградата. Зашто, СЈО и власта денес дејствуваат ко добар и лош полицаец. СЈО ги тужи, за власта потоа на слобода да ги спружи. Си играме правна држава. За да не ни е здодевно додека чекаме датум од ЕУ.

4.

Во меѓувреме, додека власта као спашава СЈО-а од зле опозиције, а ови као не дају СЈО да буде спашен (стара балканска), Груевски ја наметнува својата кандидатура за Нобелова награда во најмалку две категории.

Да, таа за мир се чини му ја лапна Заев пред нос, но затоа за литература и за економија може да ги отепа со еден удар. Ударот има тврд повез, неколку стотици страници и се вика „Искуства за иднината“.

Симболичен наслов мора да се признае. Уште појако ќе беше ако неговата борба ја наречеше „Никогаш да не се повтори“, како единственото вредно искуство од неговото владеење што не успеавме да го претвориме во научиме за во иднина. Ај, можеби ќе се сетат за второто издание. Првово, сепак, е издавано во егзил, можеби е и лош превод од унгарски.

5.

Во таа смисла, за поздравување е цинизмот што ги краси центарските сдсмовци.

Нивното скандирање „Шутка не ти бега Никола“ во постизборната еуфорија е низок прелет врз главите на луѓето со метлата што ги избриша трагите од бегството на Грујо и мочање од керамиди врз Дацовата метла на Заев што ќе треба да го зачисти дворот на власта.

Најдобар одговор на ова уринарно празнење врз здравиот разум на граѓаните е твитот на м-р Моџо Килингтон: „Саем на книга не ти бега, Никола, Николаааа“…

6.

А, пак, политичкиот близнак на овој наш познат писател, господинот Александар Вучиќ, вчера изјави: „Додека сум жив нема да го признам Косово во вакви граници.“

И без многу абење на сивата маса на мозокот, од изјавата може да се заклучат две работи: 1. Вучиќ планира да го признае Косово, во некакви граници; 2. Вучиќ планира да владее до смрт.

Ако треба да избираат помеѓу една од овие две страшни премиси за иднината, мислам дека мнозинството Срби искусно и без двоумење за своја иднина ќе ја изберат првата. Колку и да звучи страшно признавањето на Косово, вторава е многу поужасна.

7.

И за крај нешто навистина хумано.

Супермаркетите во Чешка веќе нема да можат да ги фрлаат намирниците на кои им истекува рокот на траење. Тоа се забранува со закон, а смрзнатите производи, овошјето и зеленчукот, како и други употребливи намирници, ќе се донираат во банката за храна, од каде понатаму ќе се проследуваат до најсиромашните слоеви граѓани.

Ова е мал чекор за Чешка, но голем за човештвото. Светот одамна живее во социјална и хуманитарна катастрофа, која конечно, лека-полека ќе биде озаконета.

Зошто расипаната храна да ја јадат кучињата, кога има гладни луѓе за труење? Зошто лековите со поминат рок да завршат на депонии, кога има вишок луѓе на планетава за елиминирање?

Десничарската логика „да не се фрла храна и таа чини пари“ и левичарската „да им помогнеме на сиромашните“, ете, конечно се помирија. Отличен чекор, само напрет!