Орвеловска држава на дискриминацијата

Се чини дека новиот Закон за спречување и заштита од дискриминацијата доживеа дискриминација од страна на Собранието, а богами и од медиумите. Имено, во медиумите речиси не се појави ниту ред за одбивањето на Комисијата за труд и социјална политика на Собранието да го стави овој закон на дневен ред, кој, патем речено, е заглавен во таканаречените собраниски процедури речиси цели шест месеци. Само едно немушто соопштение на партијата ДОМ за нивната разочараност од постапката на Комисијата, неколку реакции по социјалните мрежи и – толку!

Наводно, членовите на комисијата од редовите на ДУИ гласале против ставањето на овој закон на дневен ред, образложувајќи го својот став со религиски причини. Демек, законот ги навредува религиозните чувства на нивните гласачи. Или световните закони на смеат да ги кршат религиските догми!? Или, ете, дозволувам (дури и се надевам) дека јас погрешно сум ја сфатил пораката.

Затоа што ако е така, како што јас мислам дека е, тогаш е навистина – страшно! Страшно затоа што, не само што не се нуди „живот за сите“, туку безмалку ни се проповеда некаков небесен живот.

Основната политичка логика наметнува барем неколку прашања. Прво, каква врска има каква било религија со работата на законодавниот дом во една држава во овој век во кој живееме? Второ, како тоа партија која наводно се залага за европските вредности и за евроинтеграциите е против закон што ги прокламира токму овие вредности? И, трето, како тоа превенцијата од дискриминацијата може да навредува какви било и чии било религиски ставови и чувства?

Правата се обезбедуваат, а државата како сервис на сите граѓани е должна тие права да ги обезбеди за секого од нас, во случајов да нѐ заштити од дискриминација

Да, се согласувам дека прашањата се реторички, но, сепак, не е на одмет и врз нив да се донесат одредени заклучоци. Прво, држава во која верските заедници од една страна се занимаваат со бизнис со недвижнини, а од друга се поставуваат како главни морални, па дури и политички арбитри, тешко дека може да се нарече секуларна, а уште потешко дека егзистира во 21 век.

Второ, очигледно дека ДУИ, како впрочем и половина држава, само декларативно ги прифаќа европските вредности, да не кажеме дека не ги прифаќа. Стана обичај во Македонија, на Европа да се гледа како на некакво мени од некој ресторан – го земаме само она што ни се допаѓа и нам ни одговара, а она што е евентуално прифатен европски стандард за кој ние немаме стомак, тоа го отфрламе.

Но, се чини, дека третото прашање, поточно третиот одговор, иако е познат, е најинтригантен. Во текстот на новиот закон, за првпат се спомнуваат термините „сексуална ориентација“ и „родов идентитет“. И не само што се спомнуваат, туку, замислете, ве молам (!), законот им обезбедува заштита од дискриминација!

Се чини дека во оваа грмушка се крие зајакот, односно пратениците во Комисијата за труд и социјална политика. Како тоа на човечки суштества, кои се различни или поразлични од нашето сфаќање на „нормалното“ да им се дадат исти права како нам?

Се чини дека нешто фундаментално тука воопшто не е јасно! Пратениците или не знаат или се прават дека не знаат дека правата не се даваат. Дека нив не ги дава ниту МПЦ, ниту ИВЗ, а богами ниту Комисијата за труд и социјална политика, па ни Собранието! Правата се обезбедуваат, а државата како сервис на сите граѓани е должна тие права да ги обезбеди за секого од нас, во случајов да нѐ заштити од дискриминација!

Всушност, одговорот на сите три погоре поставени прашање е единствен: ние сме орвеловска држава, во која владее правилото дека сите сме еднакви, само што некои се поеднакви од другите! На крајот на краиштата, изгледа не е случајно што Џорџ Орвел го запишал ова правило во романот под наслов „Животинска фарма“!

Стана обичај во Македонија, на Европа да се гледа како на некакво мени од некој ресторан – го земаме само она што ни се допаѓа и нам ни одговара, а она што е евентуално прифатен европски стандард за кој ние немаме стомак, тоа го отфрламе

Тука некаде треба да ги бараме и причините за индолентноста на медиумите кон ова прашање! Длабоко заглавени во процепот меѓу центрите на политичката и финансиската моќ од една страна и таканаречениот јавен интерес, тие речиси веќе по вроден инстинкт ја следат неолибералната логика на „небранување“ по длабоките општествени болки, односно давање приоритет на разно-разни изјави на уште поразно-поразни портпароли, осомничени криминалци, бивши и сегашни политичари од сите ешалони, наводни експерти итн., отколку на важните феномени на ова општество.

Ете, сѐ уште е поважно што ќе каже лидерот на ВМРО-ДПМНЕ во Велес (иако, како обично, нема да каже ништо), отколку одложувањето на начелото на еднаквост во државава.

Да, навистина, што зборуваме кога зборуваме за Европа?

Кога сме веќе кај дискриминираните и новиот закон, сепак постојат некои исклучоци за кои се заинтересирани сите: и медиумите, и Собранието, а богами и судските органи. Имено, Комисијата за заштита од дискриминација, која, како и сѐ друго, беше претворена во сопствена карикатура во минатиот режим, процени дека осуденикот и некогашниот премиер Никола Груевски е дискриминиран во неговиот судски процес. Врз база на овој документ, Груевски доби азил во Унгарија и сега слободно се шета низ Будимпешта, а овдешните медиуми со нетрпение ја голтаат секоја негова тамошна фотографија.

Да се потсетиме, таа иста карикатурална комисија сѐ уште решава за прашањата на дискриминацијата. Знаете зошто? За да не бидат повредени религиските чувства на пратениците на ДУИ.

За нашите чувства ќе расправаме во оноземскиот живот. Само да бидеме живи и здрави!