Отпечаток на плуканката врз пописот

Ѕвездан Георгиевски е млад човек. Висок, со зелени очи. Дипломирал новинарство. Од недвижнини поседува половина стан во Скопје и сопруга која има ишијас. Пуши и не се занимава со спорт. Извонредно е талентиран. Способен е сам да се облече, но не по модните текови. По вероисповед е ништо. Има симпатична фризура и брада.

Што од горенаведеното е точно, а што не? Се разбира, станува збор за пописот, тој македонски недофатлив и неостварен подвиг. Дали е доволно вкрстувањето на мојата самоперцепција со перцепцијата за мене од страна на попишувачите за да се види дека постојам? Или можеби треба да ми се направи компјутерска томографија, анализа на крвта и да ми се земе генетски материјал за да се види кој сум навистина?

Во таа смисла, идејата на опозицијата да се земаат отпечатоци од прсти при попишувањето ми се чини прилично, како би рекол, млака и недозовриена. Како недоварен грав. Како нешто што прави проблеми во стомакот уште пред да го пробате.

Пописот е важно, но, сепак, само помошно средство во планирањето на развојот. Замислете само, кога фабрика за кондоми би работела исклучиво според сознанијата добиени од анкета меѓу мажите за големината на својот полов орган!

Кога сме веќе кај проблемите при варењето и нус-производите при овој процес од дигестивниот тракт, треба да укажеме дека постојат и други, многу пософистицирани методи за да се затвориме во своите трла при попишувањето. На пример, може да се анализира плуканката. Уште кон крајот на 80-тите години на минатиот век е утврдено дека кај говорители на различни јазици во плунката се излачуваат различни ензими.

Со оваа метода, не само што може да се утврди кој е Македонец, а кој Албанец, туку може да се види дали некој навистина е струмичанец, ресенчанец или дебарчанец. Оваа метода, позната под името „Плукни ме за да ти кажам кој си“, со годините доби свои поусовршени верзии („плуканка 2.0“, „плуканка 5Г“, „парламентарна плуканка“ итн.), според кои може да се одреди, не само етничката, туку и политичката припадност на попишаната единка. Во таа смисла, доволно е само да плукнете на пописните формулари и попишувачите веднаш да ги знаат сите релевантни податоци за вас.

Но, како што сега стојат работите, нашата наука не застанува тука и на ова поле прави брзи, да не кажам тркачки чекори кон нужната цел. Како што е познато, ензимите помагаат при варењето на храната, па логично е да се претпостави дека и изметот на различните говорители е различен. За таа цел се развива таканаречената СМИС метода, што е кратенка од Самостоен мобилен изметски скенер.

Станува збор за апликација, која се инсталира на вашите мобилни телефони и со која можете да го фотографирате нус-производот од вашето тело, со што изметот автоматски ќе се скенира и дополнително ќе ги даде не само податоците за вашата имотна состојба, туку и деталниот попис на она што сте го јаделе денес. Проценката е дека денес многу повеќе луѓе поседуваат мобилни телефони отколку терминали за препознавање отпечатоци од прсти, па на тој начин многу поевтино ќе се спроведе оваа статистичка операција.

Дали со отпечатокот на прстот точно ќе се знае степенот на образованието на попишаниот, неговото познавање на работа со компјутери, неговата имотна и семејна состојба и што уште треба за да се пополни оној пописен формулар?

Ако се констатира дека некои домаќинства немаат мобилни телефони, тогаш чуварите на погоре споменатите етнички и политички трла можат да им ги позајмат сопствените апарати, со краток курс за нивна употреба. И онака се прилично надарени во оваа вештина, наречена – „изметќарење“.

Да, навистина, што значи и кому му треба отпечаток од прст? Зошто не предложат, на пример, да ни се земаат отпечатоци од забите? Покорисно е. Ем е познато дека секој човек има уникатна вилица, ем кога ќе треба да прави вештачки заби, оваа пописна метода и тоа како ќе му биде полезна. Дали со отпечатокот на прстот точно ќе се знае степенот на образованието на попишаниот, неговото познавање на работа со компјутери, неговата имотна и семејна состојба и што уште треба за да се пополни оној пописен формулар?

На крајот на краиштата, познато е дека нема подобар начин за спроведување на оваа статистичка операција, освен оној што се употребува буквално во сите земји на светот – луѓето слободно да кажат и самите себеси да се проценат во поглед на ентитетот, религијата, транспортот до работното место, семејната состојба итн. Значи, нема никакви проблеми со пописот.

Има со политиката. И со нејзиното пресериозно сфаќање на ова прашање. Па, по ѓаволите, пописот е важно, но, сепак, само помошно средство во планирањето на развојот. Замислете само, кога фабрика за кондоми би работела исклучиво според сознанијата добиени од анкета меѓу мажите за големината на својот полов орган!

Во пописот ќе има и Џедаи и Марсовци, и премногу надарени и талентирани, и луѓе што се телепортираат до работните места, како и оние што ќе кажат онака како што ќе им биде кажано да кажат. Сосе отпечатоците од прстите или без нив. Државата, едноставно, треба да се зафати со темелни, продлабочени и добро организирани научни истражувања во областите што ја интересираат и така навистина да знае што и како треба да прави натаму.

Три прашања засекогаш ќе останат тајна на човештвото: како Мојсеј го пресекол Црвеното Море; што навистина значи насловот на песната на „Битлси“ „Lucy in the Sky with Diamonds“ и како и зошто Македонија никако не може да спроведе една ординарна статистичка операција, која се нарекува попис!