Победата и по неа

Денес е Денот на победата. Најголемиот празник на нашата цивилизација. Дури би се осмелил да кажам дека речиси станува збор за своевиден секуларен Велигден. Денес е денот со кој се обележува падот на Третиот рајх и поразот на една идеологија, всушност вистинска тешка индустрија на смртта, која убивањето милиони невини луѓе и деца ќе го правда со исправање некаква човечка или Божја грешка.

Денес е денот кога се одбележува создавањето на новиот европски поредок, поредок кој има за цел да докаже дека луѓето можат да се здружат за постигнување повисоки цели, дека заедно можат да го победат злото и дека слободата и мирот се врвните приоритети за секој поединец и секоја заедница.

Денес е денот што Европа, а богами и светот, ќе го прослави тажно, можеби и најтажно во сите овие 77 години откога капитулираше Третиот рајх. Денот на победата годинава се прославува во сенката на војната меѓу Русија и Украина, два народа кои дадоа најмногу жртви во борбата против фашизмот.

И нема сомнеж дека овој ден и најавената воена парада Русија ќе ги искористи уште еднаш да потенцира дека, како и пред осум децении, таа се наоѓа на браникот во битката против нацизмот. И нема сомнеж дека Западот ќе го искористи овој ден уште еднаш да ја спореди руската армија со нацистичките окупатори. Апсурдно е, ама, ете, 77 години подоцна, сведоци сме на претворањето на монументалната победа во еден сериозен – пораз!

Денот на победата и Денот на Европа, најголемите современи цивилизациски празници, ако ништо друго, претставуваат добра можност да се потсетиме дека сопствените победи не мора да ги претвораме во актуелни порази

И, секако, нема сомнеж дека Македонија, како што впрочем тоа го прави и години наназад, овој ден ќе го одбележи срамежливо, без многу помпа, без црковни панихиди, без дефилеа и знамиња, без свечени приеми и кафеански прослави, без јагниња на ражен, без празнични денови… Како да се срамиме од сопствената историја и од нашата улога во глобалната антифашистичка коалиција.

Да се разбереме, Македонија, целиот свој државен легитимитет, целиот свој меѓународен субјективитет го темели токму врз антифашистичката борба. Значи, македонската модерна држава не се темели ниту на Александар Велики или Цар Самуил, па ни на ВМРО, туку токму на партизанското движење во Втората светска војна.

Македонскиот антифашизам како дел од југословенскиот партизански антифашизам е извонредно познат и ценет во светот и затоа е прилично чудна денешната тивка ревизија на сопствената понова историја. Како е тоа можно да се гордееме со терористи и убијци од типот на Ќосето, Владо Черноземски, па Тодор Александров, да регистрираме здруженија со името на нацистичкиот колаборационист Ванчо Михајлов, а, од друга страна, да ги прогласуваме антифашистите за злосторници и/или да ги „ставаме под тепих“ и да ги фрламе во историски заборав.

Изгледа дури и фарсично колку сме денес алергични и колку сме потценувачки на овој дел од заедничката југословенска, а би рекол и европска, историја, дел со кој малку народи и држави можат да се пофалат во светот. Додека југословенските и македонските партизани ослободуваа територии и градови, француското движење на отпорот, на пример, не ослободи ниту едно село. А, сепак, неговата улога во француската историја и тоа како е глорифицирана.

Се разбира дека не е случајно дека 9 мај во 1985 година е прогласен за Ден на Европа. Европската Унија дефинитивно е најуспешниот мировен проект во целата европска историја, проект кој првенствено доведе до помирување на милениумските непријатели, Германија и Франција.

На петгодишнината од германската капитулација, на 9 мај 1950 година, тогашниот француски министер за надворешни работи Роберт Шуман пред насобраните новинари во Орсеј им ја претставува декларацијата на француската влада со која се предлага севкупното француско и германско производство на јаглен и челик да се стави под заеднички надзор на една организација, на која ќе можат да ѝ се придружат и другите европски земји.

Овој документ, подоцна познат како „Шумановата декларација“, е нуклеусот на денешната Европска Унија и темелот на нејзината претходничка, Европската заедница за јаглен и челик, основана со договорот од Париз од 18 април 1951 година. На Заедницата, освен Франција и Германија, веднаш ѝ се придружуваат Белгија, Италија, Холандија и Луксембург, додека Велика Британија, иако поканета, во тој момент одбива да влезе во Заедницата.

Нема сомнеж дека Македонија, како што впрочем тоа го прави и години наназад, овој ден ќе го одбележи срамежливо, без многу помпа, без црковни панихиди, без дефилеа и знамиња, без свечени приеми и кафеански прослави, без јагниња на ражен, без празнични денови…

Велиме дека 9 мај не е случајно избран ниту за обелоденување на Шумановата декларација, ниту, пак, како Ден на Европа, затоа што тој само ја потврдува далековидоста на тогашните француски и германски влади. На извесен симболички начин со овој датум сака да се каже дека не е Германија таа што е поразена во Втората светска војна, туку дека е поразена идеологијата на германската политичка врхушка што доведе до најголемиот колеж во светската историја.

Ваквото сфаќање и гледање на работите каде што нема држави што се победници или поразени, туку идеологии и политики, овозможува да се избере пат на соработка наместо омраза, или, ако сакате, на иднина наместо историја. Токму ваквиот пристап го овозможи создавањето на највеличествениот геополитички проект во историјата на цивилизацијата – Европската Унија.

Македонија и овој ден ќе го одбележи срамежливо, во кругот на потесното семејство, што би се рекло. Како да се срами од сопствените европски аспирации. Во ред, ваквото однесување би можело донекаде и да се оправда со повеќедецениското „висење“ и тормозење пред европските порти. Велам „донекаде“ затоа што не видов ниту една македонска малку подалекувида иницијатива за формирање некаква економска заедница со Бугарија, Грција и Србија, државите што ја парчеа македонската територија во балканските војни. Да, постои полууспешната (српска) иницијатива за таканаречениот Отворен Балкан, ама таа опфаќа три држави што се, како што сега стојат работите, далеку од портите на ЕУ.

Денот на победата и Денот на Европа, најголемите современи цивилизациски празници, ако ништо друго, претставуваат добра можност да се потсетиме дека сопствените победи не мора да ги претвораме во актуелни порази. И да научиме дека со здружување можат да се постигнат повисоките цели. А мирот и слободата се секако на врвот на оваа скала.