Поуката од случајот „Годишен одмор на Шеќеринска“

Ако некогаш неподобните и политичките опоненти „ги јадеше мрак“, денес „ги јаде светлоста“. На фотографските блицеви и на телевизиските камери, се разбира. А таа „светлост“ сериозно заслепува.

Случајот со медиумското покривање на годишниот одмор на Радмила Шеќеринска и нејзиниот сопруг ќе остане само како мал придонес во овдешниот фолклор на ставање на неистомислениците и политичките опоненти на вжарената медиумска клада и како таков не е и нема да биде интересен за каква било, барем малку посериозна анализа. И тоа ќе биде грешка!

Повеќедневното следење на одморот на заменичката-претседателка на СДСМ е токму сигнификантниот пример на повеќегодишното практикување на македонското „истражувачко новинарство“. Поткрепени со наводни „папарацо“ фотографии (што значи дека сите се фотографирани од огромна далечина, што остава впечаток на мистериозен престој и тајно патување, небаре ја фотографирале Грета Гарбо, а не Шеќеринска), испратени од наводен ревносен читател на неделникот „Република“, извештаите за годишноодморските „луксузи“ на опозиционерката, зачинети со милиони извичници, ги прекрија ударните термини на главните телевизиски канали, на сите провладини портали и на останатите „куративни“ медиуми.

Наводно, станува збор за монденско летувалиште во Грција (иако не е јасно како токму во тоа монденско летувалиште се нашол анонимниот читател на „Република“), тврдење што нема никаква поткрепа во објавените фотографии (напротив!), иако, и да е така, не се гледа зошто е тоа лошо, самото по себе. Па ќе наидете на наслов дека Шеќеринска таму се сончала во бикини (!) и – ќе добиете фотографија на жена која лежи на лежалка на не многу угледна плажа во – едноделен костим за капење. Па, како во сите учебници за правење вести во низа, во секој следен текст ќе се нижат нови детали: летувала во вила со базен (!), па познавачите велат дека едно ноќевање во таква вила чинело од 400 до 1.000 евра (?!), па отишла таму со автомобил (?), па автомобилот бил службено возило на фирмата каде што нејзиниот сопруг е прв човек (!)… И на крајот доаѓа крунскиот факт, кој ќе се користи како адитив за силно разбуктување на огнот – Шеќеринска е фотографирана на јахта што има исто име како нејзината ќерка, што, нели, е дефинитивниот доказ дека јахтата е нејзина и плус плови под грчко знаме. Тоа би требало да биде крешчендото на повеќедневните напори за линчување на метата, бидејќи во тој момент од некаде се појавува и владејачката партија со соопштение во кое се наведува дека СДСМ не демантира оти Шеќеринска има јахта! Божем е во партискиот статут влезено дека членовите на СДСМ не смеат да имаат јахти. Како и да е, на фотографијата ќе видите нешто што во вообичаената терминологија се нарекува – глисер. Односно, нешто што плови во близината на брегот (односно не плови под ничие знаме) и на него е закачено едно сувенирско знаменце на Грција. Во таа смисла, очекувам следниот наслов да биде: „Додека голем дел од Македонија нема канализација, Шеќеринска летува во апартман со купатило“.

time

Да, и покрај целиот овој опис на „вестите во низа“, навистина не би се занимавал со медиумските извештаи за одморот на Шеќеринска, доколку не беа важни за разбирање на виртуелниот медиумски свет во кој живееме. Доволно сум возрасен да го паметам времето на „оловните години“ и тогашното медиумско пресметување со „неподобните“ и политичките неистомисленици. Конечно, работев како новинар во „едноумието“ седум-осум години. Тогаш постоеше една специфична терминологија, која (сведок сум на тоа) не беше баш најразбирлива за луѓето од западната хемисфера. Една од тие колоквијални социјалистичко-комунистички фрази беше: „го изеде мрак“.

Некои се сеќаваат: овој израз се употребуваше за елиминирање на неистомислениците, проследено со вешто и педантно искреиран медиумски и општествен молк. Ако, на пример, Димитар Димитров објавеше „неподобен“ текст („Разгледи“, „Спизалит“), списанието ќе го снемаше од јавниот простор, а на авторот дефинитивно ќе му беа затворени сите врати за јавно дејствување. Ако се судеше Ристо Шишков, медиумите (евентуално) ќе ја објавеа судската пресуда, се разбира без следење на процесот, а од театрите, телевизиите, кината,.. ќе беа тргнати сите остварувања каде што тој се појавува и, секако, немаше повеќе да добива улоги. Или Јонче Котески, или Ќамуран Тахир, или Славко Милосавлевски итн.

Веќе со појавата на плурализмот, методологијата сосема се смени, па можеме да кажеме дека „неподобните“ и политичките опоненти „ги јаде светлоста“. На фотографските блицеви и телевизиските рефлектори, се разбира. Авторот на овие редови се сеќава дека во неделникот каде што своевремено работеше („Пулс“) беше објавен здравствен картон на еден од врвните тогашни опозициски лидери. Авторката на тој текст и денес е важен аналитичар и истражувачки новинар во постојната журналистичка номенклатура. Се објавуваа љубовни афери, семејни односи, кој кому му е пријател, разно-разни, главно непроверени, пикантерии итн., но она што тогаш нам (на наивните) ни изгледаше како инцидент, случаен отклон од професионалната и моралната вертикала, денес е правило без кое речиси е незамисливо да функционира тукашниот медиумски простор. (Верувам дека авторот на памфлетите за годишниот одмор на Шеќеринска е сериозно награден, како вреден и инвентивен „истражувач“.)

Денес луѓето стануваат осомничени, апсени или обвинети со гарантирана „светлост“ на рефлекторите. Огромно количество лукси е вперено во нивните спуштени погледи. За разлика од некогашната диктатура, демократијата што ја наследи, емитира состојба слична на некогашниот мрак, само што тоа го постигнува со засилена илуминација. Впрочем, најзначајниот сегмент на државната и политичката репресија е токму неговата спектакуларност. Сегашниот контекст на толку (зло)употребуваната „транспарентност“, односно на „правото на вистина“ – термини што ентузијастички ги користиме во актуелниот демократски новоговор – всушност е заслепување. Значи, прикривање. А што се крие? Па, задните намери, јасно. Нешто што јавноста не треба да го види или не треба да го знае. Или нешто погрешно да перципира.

Дури е и интересно да се гледа како „правната“ држава во транзиција ја остварува својата моќ низ секторот за информирање. Но, не на начин самата да се репрезентира туку така што низ него го исцрпува речиси целото свое дејствување. Затоа е поучна приказната за медиумското следење на годишниот одмор на Шеќеринска, затоа што преку овој парадигматичен пример може да се набљудува како медиумите, вооружени со „правото на јавноста да знае“, стануваат клучен дел од репресивниот апарат.

А можеше да биде сосема поинаку. На пример, некој да ја прашаше Шеќеринска каде, како и со што ќе оди на годишен одмор. И да ја замолеше за неколку фотографии. Но, тоа веќе не е „истражувачко новинарство“, нели?