Замената на старата преамбула на Уставот со нова ја доживувам како онаа генијална едноминутна новела на Иштвањ Еркењ, напишана во форма на оглас, а која оди отприлика вака: „Двособен комфорен стан, со вграден кујнски мебел, балкон, на плоштадот Жолио Кири, петти кат, со поглед на Орлово Брдо, итно би го заменил за еден двособен комфорен стан, со вграден кујнски мебел, балкон, на плоштадот Жолио Кири, петти кат, со поглед на Орлово Брдо, може и со моја доплата.“
Оваа едномесечна лакрдија, овој театар на апсурдот, оваа гротеска, во која разни партиски рицари од небитни и од уште помалку битни партии, со или без етнички предзнак, со или без балкон и поглед на орловите брда на Македонија, божем се борат за секоја запирка и за секое спомнување на некакви факинг етнички заедници во земја, во која секој граѓанин е граѓанин од втор ред, освен оние малкумина кои не се, се надевам ќе заврши в петок.
Следен пат ќе ни текне на преамбулата во 2056 година, кога запирките по македонски народ, албански народ, српски народ, турски народ итн. ќе ги замениме со тараби пред зборовите, зашто уставите до тогаш ќе добијат третман на компјутерски вирус, а народите на планетава ќе станат обични хаштази за социјалните мрежи. Тотално небитна, козметичка промена на Уставот што ќе ја препишеме од другите понапредни земји, зашто ние ниту дотогаш нема да станеме смарт.
Консултирав лекар и фармацевт и двајцата ми потврдија дека неподнослива болка во градите што ќе ја чувствуваме по промените во преамбулата ќе трае три дена и потоа ќе исчезне без трага
Може и преампула да напишеме наместо преамбула, никој нема да забележи, не само затоа што сме полуписмени, туку и затоа што ништо нема да се смени суштински, и натаму ќе немаме што да јадеме, без изгледи за драматични промени на планот на исхраната.
Ако болката во градите ја чувствувате и по третиот ден од промената на Уставот, обратете се кај најблискиот лекар, можеби имате грип. Ако зад ушите ви се појават мозолчиња, проверете си во здравствениот картон дали сте вакцинирани од морбили.
Во кафулето каде што ја пишувам колумнава, од женското веце штотуку излезе маж, зашто машкото беше зафатено, претпоставувам оти тој веќе си го беше бил откопчал дуќанот, па веројатно не сакал да го аби патентот со нови закопчувања и откопчувања. Така што, за културната еманципација на македонскиот народ и на деловите од другите народи што живеат во оваа напатена земја, повеќе работа ќе ни заврши ако за преамбула ја ставиме една од најкратката Иштвањови новели: „Се молат почитуваните посетители да не влегуваат во женскиот дел од тоалетите со машки полови органи“.
Може и преампула да напишеме наместо преамбула, никој нема да забележи, не само затоа што сме полуписмени, туку и затоа што ништо нема да се смени суштински, и натаму ќе немаме што да јадеме, без изгледи за драматични промени на планот на исхраната
То ест, ставете ја која било едноминутна новела, не мора од сограѓанинов на Грујчета, напишана на кој било јазик, за преамбула, подобро ќе е отколку лажниве историско-политички бљувоштии, кои немаат немаат никакви корени во иднината, а нели џанам натаму сме тргнале.
Дали бил прогласот на АСНОМ или декларацијата или заклучоците, или ќе напишеме дека им се забранува на птиците да го серат споменикот на АСНОМ во Жена-парк е само една обична, бесмислена замена на двособен стан во Центар за ист таков, ама со ваша доплата.
Секое дефинирање на Македонија како земја на народи, а не како земја на кутриот поединец е историски заговор и против оваа земја и против секој од нас/вас. Против тоа треба да се маршира, а не против северна. Особено кога врне снег и северна баш фино ни стои.
Оваа недела не се постело, а вие сакате да јадете корења уште цели пет децении. Идиоти.
Ете толку за преамбулата. Се извинувам ако траев повеќе од една минута.