Деновиве, покрај Галвеј (Ирска), хрватското пристаниште Риека беше прогласено за европска престолнина на културата и со тоа стана прв град од некоја екс-југословенска држава што се закити со ваква титула. Но, ексклузивитетот на Риека нема да трае долго, односно веќе следната година, еден од градовите што ќе ја понесат оваа ласкава титула ќе биде Нови Сад, а Србија ќе биде прва земја надвор од Европската Унија, односно земја-кандидат за членство во ЕУ што ќе има европска културна метропола.
Еден словенечки град (кандидати се Љубљана, Крањ, Нова Горица, Птуј, Лендава и Пиран) ќе биде европска културна престолнина, а Скопје се надева оваа титула да ја добие во 2027 година.
Ваквата оптимистичка идеја за Скопје како европски културен центар се базира врз Акциониот план на Европскиот парламент и Европскиот совет од 2014 година за развој на Европската престолнина на културата за периодот 2020 – 2033 година.
Имено, во овој документ е предвидено, почнувајќи од 2021 година, секоја трета година, наместо по два, да бидат три европски градови престолнини на културата, при што третиот град ќе биде од земја-кандидат за влез во ЕУ, или од земја од Европскиот економски простор (ЕЕА – Europian Economic Area).
Токму од овие причини, Нови Сад ја доби шансата да стане европска културна престолнина (другите два града се Темишвар, Романија и Елефсина, Грција). Во 2024 година, тоа ќе биде Боде во Норвешка, иако Норвешка, како членка на ЕЕА и досега имаше европска културна престолнина (2008, Ставангер).
Значи, за Македонија ваква шанса останува во 2027, 2030 и во 2033 година (се разбира, ако дотогаш не влеземе во ЕУ, бидејќи за земјите-членки однапред се одредува која земја ќе го даде главниот град на културата).
Оттука не е најјасно зошто сегашната градска администрација инсистира дека Скопје ќе се кандидира за главен град на европската култура во 2028 година. Тоа не е можно, дури во меѓувреме и да влеземе во Европската Унија, бидејќи европските културни метрополи таа година се од Чешка (Брно) и Франција (градот уште не е одреден). Освен ако нешто драстично не се сменило во европскиот акционен план за ова прашање, а авторот на овие редови не е запознаен со оваа одлука.
Со оглед на конкуренцијата (главно земјите од Западен Балкан), Скопје има реални шанси да ја освои престижната титула. Се разбира, ако во меѓувреме во целата работа не се вплетка и Велика Британија, чии градови, кандидати за европската културна престолнина за 2023 година, беа дисквалификувани во 2017 година поради Брекзитот.
Но, ако ги тргнеме на страна статистичките шанси и добрите желби, останува круцијалното прашање: врз база на кои постулати Скопје, па и Македонија, се надеваат да ја добијат оваа престижна титула? И што воопшто е направено во овој правец во оваа половина деценија откога фигурира иницијативата?
Скопје ќе аплицира за Европска престолнина на културата. За почеток е добро да се знае дали за 2028 година, 2027, 2030 или 2033 година? А потоа да дознаеме врз база на кои премиси тоа ќе го прави?
Основниот легат на институцијата Европска престолнина на културата е ставање на културата во центарот на општествениот развој, нејзино набљудување како клуч на економскиот развој на општеството, базирано на знаење, креативност и иновативност.
Европската престолнина на културата е востановена за нагласување на богатството и различноста на европските култури, да се засилат културните врски меѓу Европејците, да се спојат луѓето од различни европски земји, да се запознаат другите култури, да се промовира заемното разбирање и да се засили европското чувство.
Последица на изборот на Европската метропола на културата е развој на креативните и културните индустрии, односно нивна одржливост.
Препознавате ли некоја од овие вредности во нашата земја и нејзиниот главен град? Можеби во некои назнаки, инцидентно и без стратешки и акциски планови.
Не стојат повеќе ни алиби-оправдувањата на земјата – лулка на европската култура, простор од каде што тргнала севкупната писменост, каде што се појавила ренесансата пред ренесансата итн. „Оваа одлука не се темели на наследството и историјата, туку на плановите на идниот развој на градот“, ќе каже Стив Грин од тогашниот состав на Европската комисија при соопштувањето на одлуката Риека да биде престолнина на културата во 2020 година.
Имаме ли ние визија за иднината? Барем за онаа што ќе се протега во следните седум-осум години. Знаеме ли да организираме манифестација, која во континуитет ќе трае една година, а не само неколку дена? Знаеме ли да размислуваме долгорочно и да планираме настани неколку години однапред? Имаме ли разработено „пријавна книга“ (bid book) со стотина настани и активности, врз база на кои ќе ја докажеме нашата подготвеност да го понесеме овој ласкав назив? Пренаменивме ли напуштени простори, фабрики и касарни за културни центри? Ги отворивме ли постоечките капацитети за живата култура?
Но, добро… Од некаде мора да се почне. Еве, на пример, за почеток да провериме дали Скопје може да аплицира за европска престолнина на културата за 2028 година? Или тоа, сепак, е 2027? Или 2030? Или 2033? Или кога да е?