Прилог кон историјата на македонскиот медиумски срам

Практикувањето на политиката, манипулирањето со медиумите и односот кон човековите права јасно покажува дека власта не е во состојба да ја идентификува разликата помеѓу држава и касарна.

Можеби затоа што не станува збор за преседан туку за континуирано полнење на веќе поприлично „здебелената“ историја на македонскиот новинарски срам, најновиот прилог на новинарското бесчестие мошне ладнокрвно се прошета по овдешниот медиумски простор и тоа без соодветна реакција, ниту од таканаречената критичка јавност, ниту од медиумската професионална фела, ниту, пак, од она што остана од неа. На прагот на толеранцијата, на ваквите прилози одамна само небото им е лимит.

Значи, низ македонскиот медиумски простор проструи веста дека мигрант пробол македонски полицаец со нож. Оваа вест што сосема некритички ја објави еден локален гевгелиски портал, уште понекритички ја пренесоа повеќето овдешни медиуми. Брзопотезното „гуглање“ покажува дека веста ја пренеле „Сител“, „Република“, „Fox.mk“, „Утрински весник“, „Точка“, „Нетпрес“, „Репортер“, „Денешен“, „еМагазин“ итн.

Веќе идниот ден стаса демант – полицаецот не бил прободен од мигрант туку, според соопштението на Министерството за внатрешни работи, се сопнал и се пробол на оградата што ги штитела новозасадените палми во Гевгелија! Овој демант (податок повторно добиен од „гуглање“), го објавиле „Локално“, „А1он“, „Фокус“, „Либертас“, „Кирилица“, „Бриф“ и други медиуми што ја објавија лажната вест. А некои од нив, пак, целосно ја игнорираа вистинската вест. На пример, националната телевизија „Сител“ и неделникот „Република“.

Прво, како можеше да се случи една целосно непроверена вест да биде така молскавично и масивно пренесена од овдешните медиуми? Особено ако се сфаќа нејзината сензитивност во и онака напнатата состојба со бегалците. Извор се наводни очевидци, а не е направена никаква проверка кај каков било официјален орган. За да се добие релевантен одговор, прашањето би можело да се постави и обратно: дали медиумите би реагирале олку агилно, ако, на пример, очевидци изјавеа дека полицаец со нож пробол мигрант? Не, се разбира. Барем ќе потрошеа малку време да објаснат дека се работело за самоодбрана, дека бил нападнат од толпа, дека меѓу мигрантите има купишта терористи итн.

1

2

Лесното демонизирање на бегалците во суштина, всушност, не е ништо друго туку целосно неразбирање на суштината на јавното информирање и на јавниот интерес, а тоа е – веродостојноста. Во името на заштита на некаков лажен, поточно фалсификуван национален интерес (бидејќи моменталната ксенофобична и, секако, погрешна државна политика кон мигрантите инсистира токму на нивно репрезентирање во јавноста не како жртви на високите геостратешки политики и бруталните војни туку како злосторници и терористи, чија единствена цел е да ја нарушат стабилноста на земјата), се жртвува оваа основна алка на поврзување на јавноста со медиумот, значи веродостојноста.

Е, сега, зошто медиумите ги штитат националните (државните) интереси, а не ги штитат интересите на јавноста, што е нивна основна улога? Затоа што нив не ги плаќа јавноста и следствено на тоа јавниот интерес не е нивната основна содржина. Нив ги плаќа државата, поточно власта, па нивниот интерес е заштита на владејачкиот интерес.

Дури и да се обидеме да бидеме добронамерни и благонаклони,што во овој случај многу тешко ни поаѓа од рака, па да кажеме дека гевгелискиот портал (кој, патем речено, го објави демантот) се залетал по врвната мантра на интернетските медиуми – брзината, односно бројот на таканаречените „кликови“ (отворања на текстот), повторно сме на истото – не е во прашање интересот на јавноста туку е во прашање интересот на маркетингот.

Тука некаде доаѓаме и до одговорот на второто прашање: откога веќе се виде дека станува збор за дезинформација, зошто некои навистина „крупни“ медиуми, кои наводно претендираат на професионалност („Сител“, „Република“) не ја објавија точната информација? Затоа што, како што би се рекло по „нашки“, би добиле „дупло голо“.

Првин, затоа што на тој начин ќе се види дека „националните интереси“ не се ништо друго туку надуван балон од сапуница, кој се распаѓа при првиот допир со реалноста. Натаму, затоа што така нашите „заштитници“ кои се бркаат со мигрантите по гевгелискиот парк, можеби и нема да бидат толкави и такви херои како што овие медиуми ни ги претставуваат. Оттаму и не нѐ изненадува наглата појава на фотографии на полицајци, кои наместо мачо-мени, како што досега беа претставувани, сега се луѓе од крв и месо што им помагаат на бегалците. Понатаму, затоа што причина на самоповредувањето на полицаецот е уште еден „голем проект“ на власта – садење палми кај што не им е местото. И, конечно и најважно, затоа што мигрантите и натаму треба да останат сатанизирани! Само она што се појавило во медиумите – се случило. Она што не се појавило – не се ни случило!

И во теоријата и во практиката, постојат повеќе објаснувања за интересот на власта постојано да создава (или да измислува) непријатели. Особено на авторитарната власт. Интересот на власта е едноставен – да се остане на власт. Од една страна, колективниот непријател е оној бауч што е виновен за сите наши неуспеси, а од друга, гласачкото тело се држи во постојана мобилизација и се наведува да ги препознава спасителите од непријателот токму во оние што и го измислиле (непријателот) – а тоа повторно е власта!

Се разбира, оваа политика не би имала никаков успех, доколку не би била терцирана од репрезентативниот медиумски оркестар. Заедно со сите медиумски труби. Плус Македонската академија на науките и уметностите!

Она што во целава приказна е навистина опасно е тоа што не станува збор за никакви државни интереси туку за појава на расизам, односно фашизам за дневно-политичка употреба. И тоа преку медиумите!

Обврска е да се каже дека на ВМРО-ДПМНЕ државата во која толку се колне воопшто не ѝ е ни потребна. Конечно, се виде дека и не знаат што да прават со неа. Ним им е потребна континуирана борба за неа. По можност, крвава. Нивното практикување на политиката, нивното манипулирање со медиумите и нивниот однос кон човековите права, јасно покажуваат дека власта не е во состојба да ја идентификува разликата помеѓу држава и касарна.

На крајот да го соопштиме она што медиумите мораа да го кажат на почетокот – ниту еден мигрант не пробол ниту еден полицаец. Без оглед на медиумите.