Проклетството на забранетата насмевка

  •  
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  

Oстанува нејасно зошто диктатурите најтемно и најжилаво инсистираат токму на своите најкомични елементи. Несомнено, токму наталожениот апсурд ја изгризува челичната верба во сериозноста и вистинитоста на нешто што е претерано комично, претерано до солзи, што би се рекло. И во одреден свечен миг, диктатурата паѓа сама од себе, кршејќи се како плоча од стиропор од „Скопје 2014“.

Во доцните 40-ти години на минатиот век, извесна госпоѓа Жани Лебел завршила на Голи оток поради виц, раскажан во погрешно избрано друштво. Вицот вели дека Југославија освоила златен медал на меѓународен саем за цвеќе, затоа што успеала да одгледа „љубичица бела“ од сто кила!

Четири децении подоцна титоизмот се скрши поради истиот тој виц, односно поради неговото упорно дистрибуирање преку целата државна и системска пропагандна машинерија, а особено преку медиумите, во наводно посериозни форми. Со други зборови, „меката“ диктатура падна поради проклетството на забранетата насмевка!

Од оваа дистанца гледано, не би имало никаква смисла, па ниту можност, госпоѓата Лебел да не заврши на робија поради повикување на смеа, затоа што, во спротивниот случај, оние сто кила агилна човечка материја не би можеле да се појавуваат во песничките како „љубичица бела“ (која ја сака младината цела)…

Зошто диктатурите најтемно и најжилаво инсистираат токму на своите најкомични елементи – според кои Големиот водач е „љубичица бела“, или сме тоа дури сите ние, или е тој син на сите народи и народности итн. – за авторот на овој текст ќе остане вечна енигма.

Несомнено, токму наталожениот апсурд ја изгризува челичната верба во сериозноста и вистинитоста на нешто што е претерано комично, претерано до солзи, што би се рекло. И во одреден свечен миг, диктатурата паѓа сама од себе, се урива како кула од карти, или, подобро кажано, се крши како плоча од стиропор од „Скопје 2014“.

Добро, над секој диктаторски пад се појавуваат лажни егзекутори, некои што во моментот ќе ги сменат идеолошките знамиња и триумфално ќе се удираат во своите јуначки гради, па ако тоа некому повеќе му се допаѓа, еве ја и службената верзија: решителната национал-демократска чизма го згази титоизмот токму како „љубичица бела“.

Јасно, Југославија не е единствениот пример каде што врз гротеската и претерувањето се гради целиот систем. Потсетете се само на фактот дека дури ни еден Чарли Чаплин не успеа доволно силно да ја дофати недофатливата гротеска што Адолф Хитлер ја правеше од себе. Или на ужасно смешните јавни настапи на Бенито Мусолини, па Франко, Пиноче, Сталин, сите оние африкански диктатори…

Кој успеал да преживее и да дочека природна смрт, а да бидеме реални, преживеале сите што за своето време не учествувале во некоја поголема војна, тој денес е претставен токму како и за животот – како карикатура, само што сега карикатурата ги има своите иманентни својства – да исмее, а не да глорифицира!

Неодамна се обидов, признавам прилично немушто, да одговорам на прашањето на еден медиум: Зошто во Македонија има сѐ помалку сатира? Поентата што сакав да ја дофатам беше дека во држава која самата по себе е сатира, нема никаква потреба од додатни сатиричари.

Разликата помеѓу, на пример, еден проект што негува сатира, каков што е (беше?) „К-15“ и државната политика како сатира по себе и за себе е во тоа што „К-15“ се заебава заедно со своите гледачи. И заедно гледаат сеир, што би се рекло. Додека државата (и главните медиуми) ги заебава тие исти гледачи и самата гледа сеир, а тоа богами воопшто не е исто.

k15

Разликата помеѓу, на пример, еден проект што негува сатира, каков што е (беше?) „К-15“ и државната политика како сатира по себе и за себе е во тоа што „К-15“ се заебава заедно со своите гледачи

Кога Бубо Каров ќе го каже неговото легендарно: „Влеговме во Европа. Се враќаме веднаш по рекламите“, секако дека ќе се насмеете, но кога ова истото ќе го слушнете на некоја од нашите официјални телевизии (Сител, на пример), со претензија дека е една и недопирлива вистина, тогаш сигурно не ви е до смеење.

Навистина не морам тука да набројувам ниту наслови, ниту прилози на таканаречените провладини медиуми. Речиси и да нема текст што не прави карикатура од нашето (и нивното) опстојување во овој миг. Дали е тоа медиумското инсистирање на ефикасната работа на Владата преку проектот за обука за везење и плетење, или е тоа оправдување за поставувањето на палмите (заедно сосе тушевите) по македонските градови, навистина не е битно. Битно е инсистирањето на гротеската.

Значи, „Скопје 2014“ не е кич (иако, меѓу другото, е) туку е една гротеска – извитоперена стварност, која ни се нуди како „најдобар од сите светови“, како што, ете, ни прославата на роденденот на Александар Велики не влегува во ниту една друга категорија туку во некој извртен монтипајтоновско-карневалски хумор.

Конечно, речиси и да нема интервју на премиерот или текст за него, кој не прави своевидна комична хипербола од него во обид за создавање некаква нова „љубичица бела“. Најновиот (за волја на вистината, постојан) пример е порталот „Курир“, кој во својата мини фото-репортажа известува дека премиерот Груевски, вечерта на 2 август, бил со семејството на вечера во Старата чаршија во Скопје.

„Вечерта на празникот Илинден, премиерот Никола Груевски ја искористи за прошетка со своето семејство низ Старата скопска чаршија“, пишува веднаш во болдираната прва реченица од текстот. Настрана граматичките неточности (иако и за нив вреди да се дискутира), настрана лошиот обид за создавање лош култ (за тоа не треба ни да се дискутира), спојувањето на името на премиерот, илинденскиот празник и локацијата позната меѓу скопјани како Турска чаршија не е ништо друго освен – сарказам!

Или „Република“ која на својата веб-страница објавува дека пред новото седиште на ВМРО-ДПМНЕ е поставена статуа на лав (проследено со соодветни фотографии, се разбира). Таму, исто така во првата реченица, буквално пишува „(На) плоштадот ВМРО е поставен симболот лав, кој има длабока хералдиска и историска основаност“. Инаку, јасно, „симболот лав“ не е ништо друго, освен статуа на лав, а за нејзината (на статуата) или неговата (на лавот) историска основаност може да се разговара, евентуално, токму од перспективата на сатирата.

Постои, сепак, еден момент кога официјалниот (медиумски) систем почнува да работи на сопственото самоуништување – без оглед колку долго трае тој процес – оној момент кога ќе реши на јавен увид да ја принесе сопствената карикатура, а за тоа да не биде свесен.

Дали е тоа овој момент? Дали е тоа моментот кога официјалниот систем дава јасни навестувања дека почнува со немилосрдно исмејување на самиот себе, а притоа покажува импресивна неосвестеност за своите постапки? Длабоко сум уверен дека е.

Ова е тој миг кога ова благотворно не(до)разбирање почнува да се тркала низ стрмнината како топка снег и кога станува сѐ поголемо и поголемо, сѐ поочигледно и поапсурдно, со тенденција сепак некаде да застане и, без оглед на направената штета, да се распадне на прости фактори.

Сатирата секогаш била ефикасен вид лаксатив за забрзување на варењето на општествените процеси, затоа и нејзината егзистенција на јавната сцена е толку многу важна. Конечно, на тоа се должи и моето учество во „Коза ностра“. „Сатирата, меѓутоа, е целосно наша“ (Satura quidem tota nostra est) е реченица наводно кажана уште од реторичарот Квинтилиј, тоест Маркус Фабиус Квинтилијанус (Marcus Fabius Quinitilianus). И, да, во право е. Да ја задржиме за да биде наша!