Седумте смртти на Горан

Колумна на Сашо Кокаланов

Да пијам солена вода илјада години, да не допрам веќе бродско дрво, ни патос на двокатен автобус, и да умрам од падот од столчето за лулање или од некоја лежалка на песочна плажа, ако ова што ќе ви го раскажам не е вистина. Се колнам во сите демони дека сè беше баш така, од збор до збор како што ќе ви раскажам.

Се сретнавме без претходен договор. Тој седеше на една клупа и замислено гледаше напред, чиниш накај гнилите, оградени со ковано железо, општински бараки, а всушност некаде далеку, далеку, во минатото можеби, и ќе помисли човек дека се беше скаменил во времето да не му се насмевнеше сосема природно на ноќниот чистач, оној чија метла е навистина за ѓубре, можеби понекогаш и за летање, но никако не е метафизички алат за брзи промени во благосостојба и среќа.

Нозете ги беше прекрстил една преку друга. Застанав, препознавајќи го. Ми понуди да седнам и многу љубезно се премести кон крајот на клупата. Се распрашуваше куртоазно за мојот живот, а јас му одговарав како со врзан јазик, едноставно, речиси со едносложни зборови.

Потоа кратко молчевме. Имав впечаток дека тој пишува нешто, иако седеше неподвижен. Ги поткренав нозете за чистачот да замете и под клупата. Ми кимна благодарно, па потоа исчезна, си имаше и други улици и паркови за метење, ова е сепак време на метлите.

Кога останавме сами, собрав храброст, па го прашав оној до кого седев на клупата:

– Како е од онаа страна?

Ме погледна, ги собра веѓите, па ми одговори:

– Ах, како… Кој како си ја наредил… – гласно се насмевна.

Не знам како да ви ја опишам таа насмевка. Не, не лажна. Туку, како кога некој не сака да ве оптовари со своите маки, па пробува да си ја ублажи болката со насмевка. Масло од кантарион, без капка лицемерие.

Претпоставив дека не сака да зборува за тоа што беше зад ѕидот, па не инсистирав со прашања. Но, самиот почна.

– Нека не те залаже белината на нивните блескави вештачки вилици и нивните грациозни забавени движења кога се вклучени рефлекторите. Најстрашни демони се оние кои седат на шанкот, пијат гага, не полагаат никому сметка, мислат дека секогаш се во право, уништуваат животи и… смртти, што од немарност, што од незнаење, и уште мислат дека го фатиле Господ за јајца.

– Политичарите? – прашав и веднаш се сецнав, се покајав зашто го уништив моментот на метафората.

– Всушност – продолжи тој – ако се приближите за да го разберете нивниот шепот, ќе разберете дека зборуваат само за три теми: а) јас б) себе) в) мене. Или пак: а) не можам б) не знам в) нејќам…

Оваа азбука се чини не беше воопшто разбушавена, а не беше тешко да се претпостави зошто е така – нејзините коси не ги дува никаков ветер, ветрот на промените на тоа пусто поле е илузија, не филмска, не магична, не опојна, не еклектична, ами проста, ефемерна, прозаична илузија во која еден лаже, сите слушаат, а повеќемина дури и веруваат.

Следуваше малку подолга тишина, небаре двајцата исчезнавме на кратко, но не би можело да се нарече непријатна тишина, зашто двајцата бевме зафатени: јас си ги средував мислите, а тој си ги повикуваше хоризонтите низ бескрајот како гулабарот што си ги повикува своите разлетани гулаби назад во гулабарникот.

– Знаеш, – рече по подолго молчење, иако времето стана премногу релативно за да може да се измери, речиси како во сон, или можеби токму како во сон – седумпати умрев.

Уф, ова беше нешто што не го очекував. Како некоја суперударна хилта да го проби бетонскиот ѕид меѓу живиот и неживиот свет. Го оставив да зборува зашто немаше поента да се прекине монологот кој ја искажува суштината на авторовата намера.

– Седумпати – повтори.

– Прво ме уби туѓината. Туѓината не се километри, дури не е ниту културната ентропија во која се гушиш како во астма. Таа е истовремено и отсуство и присуство: отсуство онаму каде што ти е местото и каде што те сакаат, присуство онаму каде што не ти е местото и каде што не си пожелен. Таа не се вика туѓина зашто е место што тебе ти е туѓо, ами затоа што е место каде што ти се отуѓуваш од себеси.

Не знам дали ова би го направил кога би бил од оваа страна на вечноста, но од џебот извади луле и на магичен начин тоа се запали само од себе, за да може да голтне една плуќа стварност и да продолжи да отвора врата по врата од темнината. Оваа темнина што ја пружаше ноќта беше смешна во споредба со темнината кон која ми покажуваше неговата душа.

– Потоа бев жртва на демонот од Дебар маало. На мојот демон. Секое враќање во моето Скопје беше едно мало умирање. За ова сега не обвинувам никого посебно, освен можеби себеси. Нештата се менуваат. И тоа не е страшно. Тоа што мене ме убиваше беше начинот на кои нештата се менуваат. Пластичните операции на градот, на моето маало… Урбанистите му го менуваа ликот, луѓето му го менуваа духот, а јас умирав…

Јас, иако страстен непушач, го извадив електричното луле што го бев купил еднаш на Медитеранот, за еден мој лик од ненапишан роман. За чудо, батеријата беше полна. Вдишав една плуќа нестварност, за да му дадам уште малку ароматизиран воздух на сонот.

– Дури потоа ме уби канцерот. Тоа беше најбрзата и дури можеби и најхуманата смрт од сите седум.

Го гледав со чудење.

– Канцерот прво ми го анестезираше мозокот, а потоа си ја заврши работата.

Најпрофесионално, брзо, без непотребни одолжувања.

Веќе бев премногу заинтересиран за да не поставувам прашања.

– А четвртата?

– Четврти на сцената стапија медиумите што мојата смрт ја претворија во еднодневен спектакл, во жалопојна слава, во пополнување етер со ништоштина. Медиумите во трочинката наречена живот (раѓање, стареење и крај) се четвртиот чин. Оној непотребниот. Оној што се „игра“ откако ќе се спуштат завесите на претставата.

Почувствував силна грижа на совест, зашто и јас со моја колумна учествував во таа игранка. Можеби ќе му се извинив, ама тој ја крена раката и со едноставна гестикулација ми кажа дека нема потреба од извинување, сфаќа дека тоа е работата на медиумите: прво смртта да ја претворат во вест, па во важна вест, а потоа да го подгреваат огнот уште некое време додека не дојде ново парче месо да се фрли на скарата.

– А, потоа ме уби малограѓанштината и духовната немаштија. Толку многу сме сиромашни. Знаеш, тоа е добрата страна на туѓината, немаш јасна слика за сиромаштијата на духот, копнееш по нешто што толку се излитило, та станало речиси проѕирно. Безбојни сте, се минува низ вас како низ пропустлива мрежа од завист и омраза, ништо не се задржува, сè ви е минливо и нетрајно и затоа сте толку празни.

Не знам од каде ми дојде потребата да се правам паметен, па додадов дека нашето општество има дупло дно – под духовната сиромаштија се пропаѓа директно во јамата на материјалната сиромаштија. Всушност, не бев сигурен кое дно е „подолу“.

– Процедурите, беспарицата и материјалната немаштија во кои сте заглавени. Тоа е само епилог, разврска, трагичен крај. Еве, погледни ја клупава на која седиме.

– Што е со клупава?

– Ништо, освен… Освен што не постои – се насмеа. – Таа е само идеја. Исто како и јас. Јас и таа, јас и клупава, заедно чиниме околу 100.000 евра. Без тендер тие не можело да се одвојат од буџетот. И сега ќе имало донаторска акција, во која ќе ги повикаат сиромашните граѓани, лицемерните политичари и фалбаџиите-бизнисмени да донираат средства за да може да си седиме вака во летните ноќи и да си разговараме.

Не знаев што да кажам на ова. Требаше веќе да заминам, станав, па му пружив рака да се поздравиме. Ми ја пружи и тој својата бронзена рака.

– Почивај во мир, комшија – му реков.

– Не сакаш да ја слушнеш седмата смрт?

Некако интуитивно знаев дека таа е најболната умирачка и можеби сакав да исчезнам, да ме снема пред да ја чујам. Но, ќе беше крајно неучтиво сега да заминам, па повторно седнав.

– Последни ме убија театрите.

– Не е можно, па тие се мртви без тебе, тоа е повеќе самоубиство отколку убиство – му реков револтирано, без да му оддавам лажен пиетет.

– Погледни ги репертоарите, другар. Ги заборавија моите драми.

Кога ги отворив очите, не беше ноќ, не беше Скопје и не беше клупа. Пенливи капки солена морска вода ми го испрскаа лицето, паднав од лежалката на песочната плажа, и си реков ќе ви го раскажам ова, па ако не е вистина, ако не беше сè баш така, нека цркнат демоните во кои ви се заколнав…