Сериозните ефекти на една бенигна забава

Да не се лажеме на самиот почеток, Песната на Евровизија или Евросонгот всушност е еден прилично застарен и скап концепт на телевизиска забава. Ама убав! Особено за државите што уште се наоѓаат во таканаречената транзиција. А убавината на оваа, рака на срце, грда парада на кичот, ете, имавме можност да ја почувствуваме и ние. Зошто? И зошто овој телевизиски шлагерски фестивал стана нашата најважна споредна работа на светот?

Основната идеја на Евровизијата, настаната десетина години по Втората светска војна, среде најжестоката блоковска поделба и среде стравот од нова голема војна, е дека Европа (и светот) може да развијат една поинаква компетиција – преку музиката и забавата. Светот како музичко поле за натпревар меѓу народите, што би се рекло.

Иако светот е одамна поинаков, оваа идеја, иако, модифицирана, и натаму опстојува. Сега (или барем во последната деценија) оваа идеја се претвора во некаква шарена разгледница на очекувани стереотипи на некаква најчесто лажна либералност, политичка коректност, отвореност и меѓусебна љубов на народите, кои вообичаено би се испоклале меѓу себе, само ако тоа не ја наруши кревката рамнотежа на глобалниот мир.

Значи, и таква каква што е, Евровизијата ја исполнува својата цел, создава слика на некаков олимписки дух и барем привид дека во тие неколку дена може да се живее поинаку и побезгрижно отколку што суровиот неолиберален свет ни наложува. Па, дури и она меѓусебно гласање меѓу соседните земји е убав пример на регионален мир и почитување, наспроти реалполитичките односи.

Евровизијата ни покажа дека, наспроти сите наши објективни и субјективни хендикепи и дефицити, можеме да се приближиме до побогатите, поумните, подобрите… Дека, ете, како во случајот со Тамара Тодевска, можеме да бидеме еднакви со нив, па и подобри од нив

Иако, се разбира, суштински станува збор за забава на богатите, финансирана од влоговите на државните телевизии, која на крајот се претвора во бенигна манифестација, на трагата на оние избори за Мис на светот во кои превладува фразата „Нека биде мир во светот“, што, јасно, не е лошо, ама не е ни премногу веродостојно.

Сето ова за нас, како млада и импотентна европска држава, оптоварена со сите можни поделби и негативни стереотипи има далеку поголема тежина. Таа ни покажува дека, наспроти сите наши објективни и субјективни хендикепи и дефицити, можеме да се приближиме до побогатите, поумните, подобрите… Дека, ете, како во случајот со Тамара Тодевска, можеме да бидеме еднакви со нив, па и подобри од нив.

Тоа е важно за колективната самодоверба на една држава, која нема забележено премногу успеси во својата културна историја, а колективната самодоверба, не мораме тоа да го докажуваме, е главната кохезиона сила на една нација, сфатена во европска, а не во етничка смисла. Нешто како кога Шакири ќе им даде гол од корнер на Англичаните среде Велика Британија.

Најважната компонента од успехот на Тамара е токму обратната – вложувањата во живата култура (па макар тоа било и естрада), проследени со сериозна и компетентна стратегија, со јасна цел и, се разбира, со компетентни ликови, е повеќекратно исплатлива

Иако осмото место на прв поглед не изгледа како некаков особен успех (но, реално е, не само поради фактот дека е тоа наш најголем успех на евровизиските фестивали, туку и затоа што е изборен во конкуренција од 41 земја), сепак доволен беше и оној (не баш кус) период додека името на нашата држава стоеше на прво место (на моменти и со убедлива разлика), па целата држава да се најде во прединфарктна состојба од среќа. Лично тврдам дека и најголемите хејтери на државата и на Фестивалот во тие моменти чувствуваа некаква гордост.

Значи, значењето на настапот и успехот на Тамара Тодевска може да се гледа преку неколку компоненти. Првин, тој беше постигнат на првиот настап под уставното име на земјата, што е особено важно, затоа што Република Северна Македонија уште на својот почеток се факторизираше како битна земја (макар и на една бенигна забава како што е Евровизија), а преку тоа, богами, го факторизираше и името Македонија, без географската одредница, што е важно и за оние што уште не го прифаќаат уставното име на државата.

Второ (и поважно за сопствената самопочит), овој успех ни покажа дека старата вавилонска курва Европа не нѐ мрази и дека квалитетот може да избие и избива на површина, без оглед на моќта на тој што стои зад натпреварувачот. Се разбира, ако тој квалитет е поддржан со соодветен маркетинг, секако ќе биде полесно видлив, но тоа е веќе работа на тие што имаат пари. (Иако, ако сака да биде искрен, авторот на овие редови, кој никогаш не бил некаков фан на Евровизија, буквално скокаше како блесав кога Велика Британија ни ги додели максималните 12 поени).

 Трето, успехот на Тодевска ги замолкна оние гласни демагошки, популистички и опасни гласови парите наместо за Евровизија да се дадат за купување болнички возила. Ако се оди по таа логика, практично треба целата држава да замре барем додека здравството не ни биде врвно. Ете, на пример, парите што се даваат за снимање филмови, за театарски претстави, за Мајските оперски вечери, за Џез-фестивалот итн., можат да се дадат за изградба на операциона сала.

Интересно е што во „операцијата за спасување“ на ракометниот клуб Вардар по најавеното повлекување на Самсоненко, по социјалните мрежи сите се „расплакаа“ врз несензитивноста на државата да го одржи овој наш бренд и никој не спомна никакви болнички возила, иако Вардар реално чини многукратно повеќе од која било Евровизија.

Всушност, најважната компонента од успехот на Тамара е токму обратната – вложувањата во живата култура (па макар тоа било и естрада), проследени со сериозна и компетентна стратегија, со јасна цел и, се разбира, со компетентни ликови, е повеќекратно исплатлива. Јас лично тврдам дека е исплатлива и во пари, но секако и многу повеќе е исплатлива на долгорочни патеки и во вредности кои навидум тешко се мерат со финансиски ефекти.

Но, да се разбереме, Песната на Евровизија е прилично застарен и скап концепт на телевизиска забава. И затоа, браво за Тамара Тодевска и браво за нас!