Опозицијата не сака ново обвинителство, туку во постојното Основно јавно обвинителство за гонење криминал и корупција шефот да се избира на нејзин предлог. И тука завршува приказната за стандардите, принципите и загриженоста за квалитетен закон за Јавно обвинителство. Од сите нивни „амандмани“, најважен е овој: Русковска да си оди, новиот обвинител да го предложи опозицијата.
И сето ова го третираат исклучиво низ призмата на случајот „Рекет“, кој го доживуваат како предмет за порамнување на сметките со власта имплицирајќи нејзина инволвираност, додека опозицијата не прифаќа никакви грешки и криминали на нејзини претставници, ни сега ни во минатото.
Во однос на законот, Милошоски вината ја префрли на власта, тврдејќи дека „Заев не можел да прифати ниедно системско решение за борба против високата корупција, во кое друг професионален обвинител би имал увид во тој мегаскандал, освен владино-подобната обвинителка Вилма Русковска“.
Прво, според кои критериуми опозицијата оценува кој е попрофесионален – според партиски или стручни? Второ, какво е тоа „системско“ решение кое вели дека Русковска треба да си оди? Добивањето нови компетенции на тоа обвинителство не може да биде алиби и за избор на нов шеф на обвинителството, бидејќи нему нови компетенции му беа дадени и по изборот на Русковска (за пречекорување на овластувањата на полицијата и затворската полиција). Трето, нели е срамно кој било од ВМРО-ДПМНЕ да зборува за потреба од „увид во Рекет“ откако токму нивниот лидер на прес-конференција мавташе со исказите на повиканите сведоци во фаза на тајност? Тоа е најкус пат до компромитација на истрагата.
Обвинителската работа треба да биде врзана за обвинителскиот мандат, а не за политички мандат. Зборуваме за правда, за дигнитет на професијата обвинител, а не за нарачување скара на кило и обвинител на парче, со партиски прелив
Русковска е шеф на тоа Обвинителство десет месеци, што значи дека до крајот на мандатот ѝ остануваат уште три години и два месеца. Ако падне меѓупартиски договор за нов шеф на тоа обвинителство, тоа нема да биде нејзино „заминување“, туку класична политичка елиминација на обвинител заради нечиј партиски интерес.
Не може да се гради доверба во Обвинителството преку политичка арбитража. И новите кандидати што евентуално би биле предложени во такви услови и околности, би требало да ја одбијат таквата „чест“, бидејќи утре истото ќе им се случи и ним. Освен, ако има „попрофесионални“, кои свесно ќе влезат во таква авантура со јасна краткорочна задача да му завршат некоја работа на тој што ги предложил.
Но, има и други стапици. На пример, што ако во иднина има нестабилни влади, кои нема да траат повеќе од две години? Дали со секоја смена на власта ќе си заминува и шефот на тоа Обвинителство, бидејќи новата опозиција по истиот принцип ќе инсистира да се избере нов, на нејзин предлог? Кој обвинител би се нафатил да ја извршува таа раководна функција, ако таа биде сведена на партиски куфер или аксесоар?
Нели е срамно кој било од ВМРО-ДПМНЕ да зборува за потреба од „увид во Рекет“ откако токму нивниот лидер на прес-конференција мавташе со исказите на повиканите сведоци во фаза на тајност? Тоа е најкус пат до компромитација на истрагата
Обвинителската работа треба да биде врзана за обвинителскиот мандат, а не за политички мандат. Зборуваме за правда, за дигнитет на професијата обвинител, а не за нарачување скара на кило и обвинител на парче, со партиски прелив.
Русковска може да биде разрешена само ако направи грешка. Досега не направила. Кој е тогаш нејзиниот грев? Тоа што за првпат во историјата на државата еден обвинител побара притвор за друг, и тоа не за кој било, туку довчерашната икона на надежта за правда? За да биде уште поапсурдно, Русковска најголемите критики ги добива од страна на ВМРО-ДПМНЕ, партија која не можеше да се соочи дури ни со ноќните лудории на еден Диме Спасов, а камоли со нешто повеќе? Или гревот на Русковска е што интензивно ја води истрагата и тоа во крајно неподносливи услови, во кои опозицијата секој ден ја изложува на невиден притисок, и кажува кого да викне на распит, а кого да притвори. Каков е тој однос кон претставник на самостојна институција?
Зошто не се бунат од ВМРО-ДПМНЕ што до денес не знаеме како избега од државата нивниот поранешен лидер Никола Груевски? Или што Обвинителството чекаше да се ослободи возило за да ги преземат од Тирана и Подгорица снимките од камерите на границите низ кои поминала неговата бегалска рута?
Баш ѝ е гајле на ВМРО-ДПМНЕ за ресурсите на Обвинителството, од кои во голема мера зависи и брзината на истрагите. На опозицијата во некои случаи воопшто не ѝ пречи бавноста на истрагата. За едно вреска, за друго молчи. Тоа е многу удобна и дволична позиција, но со вградена мана: партија со селективна меморија, не може да се бори за неселективна правда.