Случајот на Никола Младенов

Се сеќавам на последната средба со Никола Младенов, неколку месеци пред трагично да го загуби животот во онаа сѐ уште контроверзна сообраќајка од пред седум години. Ми рече дека очекува Правниот факултет да му признае докторска дисертација. Толку судски процеси има против него и неговиот весник, што му се чини дека многу повеќе знае за законските параграфи, отколку за новинарството; дека многу повеќе време поминува на суд, отколку во својата редакција и дека ги познава сите судски службеници, заедно со доставувачите на судски покани.

Се сеќавам и на денот кога ја разбрав веста дека загинал во сообраќајна несреќа. Беше убав пролетен сончев ден. Седев во бавчата на бифето на стариот Македонски народен театар на утринско кафе кога се појави режисерот Владимир Милчин, кој тогаш работеше некоја претстава таму. Се обидов да кажам некоја духовита забелешка, нешто во смисла дека најголемиот опозиционер работи во најголемиот бастион на власта, ама Милчин, веројатно воопшто не слушајќи ме, само ми кажа дека Никола Младенов загинал. По целата збунетост и колоквијалниот прашален рафал: како, каде, што… настана молк. Молкот, би рекол, се чувствува и денес.

Моја благодарност до лидерот на опозицијата Христијан Мицкоски, кој со неговото прашање поставено во овие предизборни времиња, „До каде е случајот со Никола Младенов?“ ме потсети за сѐ што се случуваше во времето на владеењето на неговата партија

Со Младенов се знам одамна. Тој дојде во „Млад борец“ некоја година откога јас заминав оттаму и веќе бев вработен во „Нова Македонија“. Младенов се појави како предводник на една од најдобрите генерации, ако не и најдобрата, на македонското новинарство.

Велат дека историските времиња раѓаат историски луѓе. Крајот на 1980-тите и почетокот на 1990-тите беше тој историски период за Македонија, за нејзината демократизација и за нејзиното осамостојување, а Младенов, тоа од оваа дистанца со сигурност може да се тврди, беше историска личност.

„Млад борец“, предводен токму од Младенов, одигра една од клучните улоги во тие процеси. Не само што се отвораа таканаречените табу-теми, туку во просториите на „Млад борец“ буквално се создаваше зародишот на повеќето тогаш нови македонски политички партии (авторот на овие редови е сведок на создавањето на некои од овие иницијативи).

И тогаш дојдоа некои луѓе и ја „ослободија“ Македонија, па „Млад борец“ мораше – да умре, а Никола Младенов голем дел од својата професионална кариера да потроши на одење по судски процеси што против него ги водеа разно-разните власти на оваа држава. Токму во времето кога згаснуваше „Млад борец“ почна да излегува неделникот „Пулс“.

Во „Пулс“ работеше Сашо Ордановски, еден од таа славна генерација на тогаш младите новинари на „Млад борец“, кој, меѓу другото, имаше редовна колумна, насловена како „Ретровизор“. Кога Ордановски отиде на годишен одмор, го замолив Младенов да го замени во тој период. Никола постави само еден услов: неговата колумна да се вика „Шофершајбна“! „Јас гледам само напред, а не назад“, беше неговото образложение. Ова го спомнувам само како илустрација за неговиот брз ум, а богами и брз јазик.

И, да, Младенов гледаше напред. Кога започна медиумскиот плурализам, јас влегов во основачката структура на радиостаницата „Канал 4“, првото приватно радио што емитуваше програма на македонскиот радиски етер. Набргу потоа Младенов го формираше радиото „Либертас“ и во тој период бевме „лути“ конкуренти, иако, се разбира, имавме заемна почит и често настапувавме заедно во одбрана на јавниот интерес. Набргу, меѓутоа, сфативме дека пишаното новинарство е она што најмногу ни лежи, па се вративме на нашата основна преокупација. Јас во „Пулс“ (од каде што, всушност, никогаш не излегов), а Младенов го основа „Фокус“.

На некој начин, додуша сосема посредно, бев вклучен во создавањето на овој неделник. Имено, логото, односно главата на „Фокус“ ја работеше мојот колега Небојша Јаконов од „Пулс“ и тоа по урнек на загрепскиот таблоид „Глобус“, кој тогаш излегуваше на рото-хартија. Се сеќавам како стоевме над грбот што го правеше Јаконов . „Фокус“ е првиот весник што имаше сопствен грб во логото) и на сугестиите. Интересно е дека и јас и Јаконов подоцна работевме во македонскиот неделник „Глобус“, за кој логото го изработи токму Јаконов, па на некој начин го затворивме овој круг.

По некое време, „Фокус“ помина на класичен њуз-магазински формат, но секогаш доследен на својата опозициска вокација. И секогаш на удар на властите. Особено во периодот кога Младенов реши, покрај неделникот, да издава и дневен весник. Тоа беше веројатно најтешкиот период за македонските медиуми и за македонското новинарство, воопшто. Еден куп весници се затворија, се затвори телевизијата А1… Она што остана и што се создаваше тогаш, веќе беше под капата на режимот.

Се сеќавам на последната средба со Младенов и на разговорот околу судските процеси против него. Се сеќавам кој беше на власт тогаш. И се сеќавам на денот кога разбрав за смртта на Младенов. И за молкот што настапи тогаш, чиј последици уште ги чувствуваме

И тогаш се случи сообраќајната несреќа во која загина Младенов. И најтрапавата истрага во историјата на Македонија. Обвинителството и власта како да сакаа да остават што повеќе дупки во мистеријата за смртта на Младенов.

Телото на Младенов наводно беше пронајдено со лоцирање на мобилниот телефон, ама телефонот никогаш не беше пронајден. Не беа пронајдени сметките од патарините, кои ден подоцна ги најде колегата Томислав Кежаровски, кој за „Нова Македонија“ ја истражуваше сообраќајната несреќа.

Набргу потоа, Кежаровски беше уапсен и осуден за практично непостоечко дело. Се сеќаваме на ароганцијата на тогашниот премиер Никола Груевски, а богами и на другите од тогашната политичка номенклатура, кога ќе им се поставеше какво било прашање во врска со сообраќајката на Младенов. Просто, како да беше праќана порака: „Видете што ве чека“!

Погодувате, целиот овој ламент за Никола Младенов е моја благодарност до лидерот на опозицијата Христијан Мицкоски, кој со неговото прашање поставено во овие предизборни времиња, „До каде е случајот со Никола Младенов?“ ме потсети за сѐ што се случуваше во времето на владеењето на неговата партија, за сите прислушувања, за целосната медиумска контрола, за времето кога слободата се губеше, и фигуративно и буквално. И кога дури и животите не вредеа помалку од една вечера во некој од омилените ресторани на власта.

Велам, се сеќавам на последната средба со Младенов и на разговорот околу судските процеси против него. Се сеќавам кој беше на власт тогаш. И се сеќавам на денот кога разбрав за смртта на Младенов. И за молкот што настапи тогаш, чии последици уште ги чувствуваме.