Тајната вечера

  •  
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  

Повеќе пати проверив дали добро читам што пишува на веб-страницата на ВМРО-ДПМНЕ. А пишува дека „благодарение на советничката група на ВМРО-ДПМНЕ, во Општина Кисела Вода и понатаму останува името Република Македонија“. Kaко? Со тоа што од дневен ред ја симнале точката на која требало да се изгласа во општинскиот печат и статут да биде впишано новото уставно име – Република Северна Македонија. Одржаа дури и прес-конференција и објавија видео, кое завршува со пораката: „Во Општина Кисела Вода и понатаму останува името Република Македонија. Извојувавме мала победа, но голем чекор и најава за падот на оваа власт!“

А зошто „мала“, а не голема победа? Дали затоа што победата ќе „важи“ само до следната седница на Советот? Десетина дена најмногу. Или затоа што не станува збор за никаква победа, туку за симнување на точката поради технички причини.  

Практично, македонцките работи постојано се вртат во некакви пропорционални пакети на провоцирање на иднината: ако нешто тргне напред, веднаш се активира сила која се обидува да го поништи тој чекор

Како и да е, претпоставувам дури и ваквата победата им носи и одредени обврски. Тоа значи дека советниците од ВМРО-ДПМНЕ не би требало да планираат викенд на Халкидики, бидејќи во пасошите ќе добијат печат дека „тој документ ѝ припаѓа на Република Северна Македонија“. Би паднала тешка сенка врз општинската победа. Освен, ако си имаат бугарски пасоши. Тогаш немаат гајле.    

Сепак, не е јасно каква е целта на ваквите победи со однапред познат рок на траење. Уште понејасно е како партискиот филтер пропушта во јавноста такви едночинки, за кои знае дека нема да доживеат втора изведба. Ниту ќе убедат некого дека Кисела Вода, макар и симболично би била „второ Вевчани“, а камоли „енклава“ надвор од Уставот и законите на Република Северна Македонија.

Во суштина, воопшто и не соодветно овој чин да се споредува со „вевчанскиот случај“ од август 1987 година, кој стана импулс за подоцнежното симболично прогласување на „држава Вевчани“, со свои пасоши и валута. Ова во Кисела Вода е – кисела водичка. Купи ден – помини. Продавај магла дека нешто си бранел.

За волја на вистината, битките во стилот „после свадба – тапани“, не е автентичен изум на споменатите советниците. Тие го прават тоа што го слушаат во нивниот партиски кампус. А таму главен наратив што ѝ претходи на претседателската кампања – се приказни за пресврти, за преиспитувања на „Преспа“, за правни експертски тимови од чии анализи ќе се стресе и светот и векот…

Практично, македонцките работи постојано се вртат во некакви пропорционални пакети на провоцирање на иднината: ако нешто тргне напред, веднаш се активира сила која се обидува да го поништи тој чекор, да го врати во првобитната состојба на минус, или барем на нула.

Во нашево општество како да владеат идентични алатки од приказната за Шехерезада. За да опстане во живот, таа морала да раскажува приказни, ни повеќе ни помалку, туку 1001 ноќ. Ние за одбраната на името слушавме исти прикаски цели три децении. Дури и денес, кога е сосема јасно дека тоа не го правеле за одбрана на името, туку за свое опстојување на власт, продолжуваат турбо со истата  реторика.

Нема кочница во таа луда локомотива, која сака да нѐ убеди дека сме форматирани зa живот во постојано лудило и внатрешни конфликти, за живот во кој разумот и нормалноста постојано се борат за своето место, но со илјадници пречки со цел што помалку да го најдат. Младите, колку што заминуваат заради потреба од работа, уште повеќе бегаат заради ова лудило.

Не се залажувајте дека ќе ги задржиме овде со сентименти на некакви патриотски песни од типот „Нешто да те питам бабо“. Што менува податокот, кој бил присутен на некоја фамозна вечера пред повеќе од еден век – дали Делчев, дали Груев или Александров. Ако не бил Делчев – што со тоа?  

Нема кочница во таа луда локомотива, која сака да нѐ убеди дека сме форматирани зa живот во постојано лудило и внатрешни конфликти, за живот во кој разумот и нормалноста постојано се борат за своето место, но со илјадници пречки со цел што помалку да го најдат

Сепак, добро е што песната е препеана, бидејќи таа има огромна симболика за перформансите на нашиот менталитет – да се занимаваме со споредни, а не со клучни прашања. Преку таа песна од три-четири минути знаеме дека на некаква вечера на непозната локација бил токму Тодор Александров, но и по еден век не дознавме кој го убил. Тоа е таа демагогија. Терај небитни работи, до следната опеана вечера, пардон – одбрана.

За утеха, не сме само ние заглавени во комбинација од демагогија, слепило и лудило. Но, бавно се будиме. За разлика од нас, Британците многу бргу се разбудија и се уверија колку е погубен „брегзитот“ за нив и колку им треба ЕУ. Кај нас луѓе сѐ уште прашуваат што бараме во Унијата.    

Француската министерка за европски прашања, Натали Лоазо, изјави дека нејзиниот мачор го нарекла „Брегзит“ поради неговиот нерешителен карактер. Нејзиниот миленик секое утре гласно мјаукал за да го пушти да излезе надвор, а кога ќе му ја отворела вратата – одбивал да излезе. Од вчера Лоазо не е министерка. Ќе биде на чело на кампањата на партијата на Макрон за изборите во Европскиот парламент. Се надевам дека госпоѓата Натали ќе биде прилично зафатена, за да не добие нова инспирација и да ја преименува мачката според нашите состојби. Кој ќе пее после „Нешто да те питам Нато“?