Телефонски муабети

Колумна на Сашо Кокаланов

1.

– Ало, шефе, изгледа избрзавме со метлата.

– Зошто?

– Па, проверив ова за клонирањето.

– И?

– И уште не смеело да се клонира луѓе. Забрането било. Не може. Одговорот е не.

– Не може да биде не, има да биде да.

– Не смее. Во цел свет е забрането.

– Ева… ева… Замоли ли ги најкултурно?

– Замолив, ако може Мила Царовска да ја клонираме барем за уште две-три министерства и Стефан Богоев за пет-шест општини.

– И?

– И не може. Нема клонирање луѓе.

– Ева… ева… И сега?

– И сеа Кирац да ни е напомош.

2.

– Ало, овде тој на Н.

– Знам, знам, така те имам и меморирано.

– Ахахаха!

– Ахахаха!

– Слушај, решив. Сега кога имам азил, не ми треба пратенички имунитет.

– Ама, шефе…

– Нема ама! Никој не те есапи за лидер! Мора луѓето да поверуваат дека си раскрстил со минатото за да ти ја доверат иднината. Конташ?

– Не баш.

– Па, читај бе малку, копито едно, за кого пишувам јас книги!

– Ама шефе…

– Нема ама. Решено е веќе ова. Зборено ми е и со Мартин.

– Ама, не ми е мене само за имунитетот, ќе останете и без плата… Знам, жутите, провизии, Актор… Ама дали е тоа математички доволно за еден пристоен живот во скапата Будимпешта?

– Ме дупиш?

– Малку.

– Ахахаха!

– Ахахаха!

– Знаев дека има хумор во тебе уште коа клекна на колена на бинана, да сибеш векот. Ајде сега, правец парламент и да ми го одземете мандатот.

– Абе не пие нафта народот, да не нè провалат.

– Ооооо, пусти Мицко, ти уште не си го научил народецов наш. Не само што ќе поверува, туку ќе си помисли дека ќе ме пикнете и во затвор еден ден ко ќе сте власт. А до тогаш, сè ќе заборават, кога ќе се враќам со мерцедесот под Триумфална, ќе ме пречекаат со цвеќиња и бонбониера к’о бугарска војска четрспрва.

3.

– Ало, пак јас.

– Се предомисливте за мандатот?

– Не бе за друго те барам. Пратите ли ова ш’о се дешава у Романија?

– Шефе, ние со Власиве од Крушево не можеме да излеземе на крај, не сме стасале до Романија.

– Абе, Мицко, страшна работа. Шеф на владејачка партија бутнаа у затвор еј. Место премиер, у ќорка. Тоа утре може и кај нас да дојде.

– Аууууу.

– Е, аууууу. Значи, тоа преговорите за СЈО…

– Да?

– Нема попуштање.

– Ама датумот за ЕУ…

– Абе каков датум, какви бакрачи, ме слушаш ли ти шо ти викам! Ќе не притискаат од Брисел за правна држава, ќе ме гонат до крај на живот! Слушаш ли?

– Да, ај ќе смислиме нешто.

– Нема шо да мислите, СЈО да пропадне, а ЈО да си остане под контрола на власта.

– Ама ние не сме на власт.

– Оф, боже, каков шупак! Абе утре ќе дојдеме! Нели за тоа се бориме? И ќе земе таму некоја Катица, Матица, ќе ме апси. И за шо сме се тепале да дојдеме на власт?

– Е да, у право си.

– Слушај. Овој дебилов, Романецов шо ти зборам, Ливиу Драгнеа.

– Е?

– Пази, кај е Македонија, кај е Романија. Па пеш можел да кидне до Унгарија еј, комшиски држави.

– Е, ама треба да ти текне.

– Ахахаха.

– Ахахаха. Шупак.

4.

– Ало Бенелукс?

– Кој ви треба од Бенелукс, ние сме три држави…

– Три држави!? За мочани 50.000!? Ма идете бре у три лепе, нек ве води друга будала да си најдете!

Чклап слушалката.

5.

– Ало, Северна Македонија?

– Да.

– Хан овде. Ај пукајте шампањското.

– Да? Добивме датум? Јеееее…

– Чекајте, чекајте, рано е за тоа да се слави. За тоа ќе решат државите членки.

– Е па зошто тогаш да пукаме шампањско? За препораката?

– Да. Затоа што ви е јубилејна. Десетта по ред.

6.

– Ало, Билјана Ванковска ќе ве молам.

– Да, на телефон.

– Ве бараме од Кабинетот на премиерот. Дали би сакале да ни бидете советник за НАТО, воени сојузи и идентитетски прашања?

– Па јас сум експерт за тоа.

– Парите не се богзнае што, четириесетина илјади, ама еве Венко се нафати и за таква симболична сума.

– Да, добро, ситна пара е, ама, океј, за НАТО ако е, нема проблем… Само, знаете, имам еден услов, малку е незгоден.

– Да, ве слушаме?

– Многу цврсто спијам. Кога им служев на претходната гарнитура имаа специјален човек за да ме буди и да ме носи по телевизии да давам изјави…

– Нема проблем, ќе ангажираме советник за Ванковска. Кој глас би сакале да ве буди?

– Може Каракамишева?

7.

– Ало, Нискоградба Битола?

– Абе мамицата вашата хокштаплерска! Со мене ли најдовте мајтап да терате, море копучишта едни! Немате попаметна работа, неарни во то глаата! Сеа на градоначалничката да му вртите за вработвања… До вчера ми плачевте, Кирац можи ваму, можи таму, му бунав ЕЛЕМ му кладов едно чудо луѓе, МЕПСО му кладов едно чудо луѓе, инбоксон блокиран ми е целио од голи жени…

– Не е Нискоградба Битола?

– Не е, очигледно!

– Извинете, пријатно.

Чклап.