Врз основа на снимка од безбедносна камера во клубот „Ванчо Михајлов ВМРО“, бугарската министерка Теодора Генчовска, минатата недела откри детали како изгледал чинот на подметнување пожар пред тамошната влезна врата.
„Се гледа еден човек, кој сосема спокојно пристигнува со велосипед, го паркира, симнува од него туба со течност и спокојно ја истура пред официјалниот влез на културниот дом. Потоа спокојно ја пали. Ми остави впечаток дека спокојството му беше нарушено кога пламна огнот, кој беше огромен, и тој се исплаши. Претпоставувам дека има некакви повреди или изгореници од тој оган. Тоа значи дека тој човек можеби ќе побара медицинска помош, но тоа се мои претпоставки“, рече Генчовска.
Лицето не му се гледало бидејќи било покриено со маска, но таа заклучила дека станува збор за млад човек, кој многу ладнокрвно го извршил чинот.
Секој век си има свој среден век. Ние го запознавме преку разговорите со Бугарија и единствената „заедничка историја“ ќе биде тоа што во сегашноста ни приредија да се запознаеме со сржта на политиките од среден век
Откако за тој инцидент осомничен стана Ламбе Алабаковски, ја изгледав снимката на МТВ од неговиот настап на „Фолк-фест Валандово“, еден ден по настанот за кој е осомничен.
Ништо невообичаено. Камерата го зумира, но додека го држи микрофонот и гестикулира со рацете, на нив не се видливи изгореници, црвенило или траги на повреда.
Слави Трифонов, овој аспект (изгореници на рацете) го искористи за да испрати порака: „Со вашата омраза кон нас, се горите себеси“.
Омразата навистина има потпалувачка моќ. Но, за волја на вистината, не мора да се гледаат снимки од безбедносни камери за да се види кој прв истурил запалива течност. Тој првичен грев е направен во клубот „Ванчо Михајлов ВМРО“, на денот кога во него осамна пораката: „…Напразни се напорите на маскираната македонска ‘народност’ да го лаже светот. Вистината ќе победи. Ваш: Ив. Михајлов“.
Бугарскиот државен врв, со своето присуство на отворањето на клубот, му даде легитимитет на носечкиот цитат – дека Македонци не постојат. Антимакедонски пир среде Македонија. Замислете ова да се случи во земја-членка на ЕУ. Не, не треба да замислувате. Бидејќи нема да биде дозволено тоа да се случи. Кај нас беше толерирано, за да не излезе дека сме против бугарски клуб. И не сме. Ама ако клубот го изложува македонскиот народ на подбив и предизвикува омраза, тогаш законите мора да профункционираат. Како што функционираат за Ламбе.
Значи, запалива течност не мора да биде донесена во туба. Може да биде спакувана во цитат, во Рамковната позиција на Бугарија, во објаснувачки меморандум, во секојдневни изјави што ја негираат посебноста на македонскиот народ и македонскиот јазик.
Бугарите во клубот не внесоа туба, туку „цистерна“, токму за да испровоцираат фрлање чкорчиња, кои потоа ќе им служат да се самопретставуваат како жртва на антибугаризам. Тие што ја користат оваа стратегија, однапред ја имаат искалкулирано реакцијата што нивната провокација треба да ја произведе.
Нешто слично како во правилото на Чехов – ако видите пушка закачена на ѕидот во првиот чин, таа мора да пукне до крајот на претставата. Така и се случи. Нивно беше само да чекаат. Тоа е класичен пример за очекувана каузалност, за причинско-последични настани.
Секако, тоа воопшто не го оправдува подметнувањето пожар, а истрагата треба да открие дали сторителот наивно се сопнал на подметнатите бугарски мини или бил охрабрен од некого да го стори тоа, несвесен дека им приредува огромен подарок на Бугарите со кој ќе мафтаат пред ЕУ, говорејќи за наше варварство и антибугаризам.
Но, ако се следат настаните потоа, станува јасно дека ова со клубот било само увертира или прво камче од мозаикот, чија слика полека ќе се отвора пред нашите очи. Очигледно сцената била темелно подготвувана „да пукне тиквата“.
Набргу по драмолетката во клубот, Слави Трифонов „изненадувачки“ ја напушти владата на Петков, наводно поради двојна надворешна политика кон Македонија и несогласувања за буџетот. Сето тоа, „случајно“, во пресрет на самитот на врвот на ЕУ, кога црвените телефони во Софија сѐ почесто ѕвонат. Претседателот Румен Радев, кој на секое тенџерче експресно му става капаче, „изненадувачки“ за првпат го снема. Се огласи дури по три дена.
„Политичката криза е факт, но, за разлика од претходните кризи, таа се развива во услови на прогресивна инфлација, социјална, економска и прехранбена криза, предизвикана од војната во Украина. Додека партиите бараат формирање владејачко мнозинство, кабинетот треба да обезбеди социјални плаќања и поддршка на бизнисот. Да опстои ветото за Република Северна Македонија во согласност со рамката усвоена од Консултативниот совет за национална безбедност и да се обезбеди функционирање на државата“, порача Радев.
Значи, во услови на прогресивна инфлација, социјална, економска, прехранбена и ред други кризи, едно од клучните решенија е – да се одржи ветото. Решиле да се хранат со него, ама хранат и некој друг.
Запалива течност не мора да биде донесена во туба. Може да биде спакувана во цитат, во Рамковната позиција на Бугарија, во објаснувачки меморандум, во секојдневни изјави што ја негираат посебноста на македонскиот народ и македонскиот јазик
Со цел планираното сценарио да изгледа како акт на спонтан потег, дури и се прават сериозни анализи – која ставка од буџетот ја прелила чашата на Трифонов? А таа „ставка“ воопшто не е во буџетот, туку во претседателскиот кабинет и се вика Румен Радев.
Од службеното опкружување на Радев дојде и Генчовска, од претседателскиот кабинет беа охрабрени Петков и Васлев да формираат партија, но бидејќи одамна не играат по музиката на Радев, тој реши да им одржи „лекција“. Макар и преку Трифонов – да им ја растури играта. Бидејќи и тие му ја растурија играта со министерот Стефан Јанев, со кој Радев имаше многу мисловни совпаѓања околу руската „операција“ во Украина, која министерот одби да ја нарече војна и по цена да биде сменет, па сега си направи своја партија. За да им дише во вратот на двајцата од „Харвард“.
Сите мајстори за „руска салата“ сега гледаат на владата како на мрша од која треба да ги нахранат своите антиевропски амбиции. Во обид да ја спаси владата, Петков на крајот го запеа нивниот омилен шлагер: посочи кои се трите услови за да падне ветото за Македонија. Тоа се истите услови што ги рецитираа и националистите.
Сега нема кој да објасни зошто цела година двете МНР трошеа време на пакетот „5 плус 1“, кој потоа стана „4 плус 1“, за на крајот „4 плус 1“ да стане еднакво на нула.
Каде е сега летот на „ГуливЕр“ до Скопје? Толку врева за ништо, за на крајот Кирил Петков пак да мора да патува до Скопје преку Виена, да им раскажува на децата како работни групи од двете земји се состанувале секоја недела и граделе соработка, како потпишале десетици договори и меморандуми, како добро напредувале и на крајот – тонч.
Секој век си има свој среден век. Ние го запознавме преку разговорите со Бугарија и единствената „заедничка историја“ ќе биде тоа што во сегашноста ни приредија да се запознаеме со сржта на политиките од среден век.
„Спасибо“ Бугарија. Овој збор најдобро ќе го разберат. „Мерси“ ќе го чуваме само за Макрон.