Види кој ни се вратил

Колумна на Сашо Кокаланов

Шест жители на областа Муланџе во африканската држава Малави биле убиени во текот на септември поради сомнеж дека се вампири. Во најмалку три одделни инциденти, локалните жители се самоорганизирале и ги нападнале своите соселани за кои се сомневале дека пијат човечка крв. Локалниот полициски комесар Џејмс Кадаџера изјавил дека испратиле стотици полицајци во областа за да спречат натамошни напади.

Мислев дека во 21 век, во новата ера, ваквите бизарни вести ќе исчезнат од тикерите на светските новински агенции и дека од многуте дилеми што човештвото сѐ уште ги има, ќе расчисти барем со тоа дека Дедо Мраз и вампири не постојат.

Но, мора да бидеме попрецизни, а на тоа нѐ опоменуваат и локалните избори во Македонија – тоа што вампири не постојат, не значи дека некои мрачни политички фигури и идеи од блиското минато, за кои сме верувале дека се политички мртви, не можат да се повампират. И, метафорички се разбира, да се закануваат дека повторно ќе им ја цицаат крвта на граѓаните.

Оној е пак тука. Држи говори, сече ленти, зборува по спотови, шета по пазари…

Во рамките на Фестивалот на германскиот филм што почнува вечерва, ќе имаме можност да го погледнеме и филмот „Er ist wieder da“, на англиски преведен како „Look Who’s Back“. Филмот е базиран на бестселер-романот на Тимур Вермеш преведен на македонски како „Види кој се врати“ во издание на „Антолог“ 2013. Станува збор за сатира која почнува така што Адолф Хитлер се буди во денешна Германија. Се разбира, тешко се снаоѓа во променетите околности и единственото што може да го работи за да заработува е да биде комичар.

Филмот е комедија, но си игра со еден потиснат страв кај луѓето, веројатно насекаде во светот, а особено кај Германците, страв да не се врати оној. Тој страв денес може да се забележи и кај нашиве луѓе, со тоа што под оној подразбираат лик од поблиското минато, од овој, не од минатиот милениум (морам да оперирам со милениуми, зашто со ериве некако скроз нѐ побркаа).

Види кој (ни) се вратил! Нема кому не му поминала оваа реченица низ глава откако почна камањата за локалните избори. Оној е пак тука. Држи говори, сече ленти, зборува по спотови, шета по пазари…

А луѓето по пазарите како апансаз фатени. Кога Груевски ќе им се појави меѓу тезгите, кој се прави наудрен, кој врти со главата на друга страна, кој трча во тоалет, кој легнал на тезгата и се преправа дека е зеленчук. Шушкаат меѓу себе, се удираат со лактите…

А, пак, Груевски пустиот, како денеска да се разбудил директно од старата ера, несвесен за променетите околности, право кон мажот и жената од првата тезга за да се поздрави. И го гледаш кутар мажот – наместо врз зеленчукот, прска вода врз рацете, да изгледа божем само што си ги миел, па затоа не може да се поздрави со некогашниот премиер. Таа, пак, жената до него, баш во тој момент најде да ги треби исушените ливчиња од босилекот и не крева глава, што би се рекло, ни за жива глава.

Чудно му е и на Груевски. Никој сѐ уште му нема соопштено дека новата ера почна со раѓањето на Исус, а најновава кај нас – со неговиот пад. Се вртка наоколу ко некое гифче со Џон Траволта, гласно си се прашува: Ова ли е мојот народ? Пазарџијава, овој што му биле „мокри рацете“, не е ли оној истиот што ме истетовира на грбот пред три години? А оваа жена му што треби ливчиња од босилекот, не е е ли онаа истата што ме излигави целивајќи ме неколку пати, зашто доцнеше камерата на Сител?

Многу прашања во главата на паднатиот диктатор. Можно ли е народот да е толку превртлив? И никој околу него да му каже. Сите веднат глава. Барем така, со наведната глава, без да го гледаат в очи да му кажат: „Можно е, другар Грујо. Кога се менуваат ерите, се менува и народот“. Но, не молчат, трчакаат и тие со него, организираат „народ“ за да изгледа сѐ како некогаш.

Груевски, конечно, треба и да е среќен поради тоа што народот се сменил. Да беше тоа „оној неговиот народ“, оној што тој со години го труеше со пропаганда и приказни дека постојат вештици и вампири што треба да се истребат, ќе му скокнеше сега да му се одмазди за испиената крв. Вака само гледаат да избегнат да се поздрават со него. Само им е незгодно што го гледаат повторно тука меѓу нив, толку.

Многу прашања во главата на паднатиот диктатор. Можно ли е народот да е толку превртлив? И никој околу него да му каже

Иако бројот на женските кандидати на изборите за главниот град, на пример, може да ве излаже дека не е така, Македонија со мали чекори, но сигурно, излегува од Средниот век и од феудализмот во кој ја остави Груевски. И да, ако се разбудиш денеска, а си заспал таму некогаш пред декември минатата ера, како што е случај со поранешниов диктатор, не е лесно да се свари променетото расположение кај луѓето. Затоа и тој израз „ја чудим“ толку често се појавува на лицето на Груевски на фотографиите чкрапнати во кампањава.

Има гневни луѓе, не велам не, кои можеби не можат да си го контролираат бесот и би сакале и физички да се пресметаат со него. Има и шегобијци кои имаат нагон да му пријдат на улица, да го штипнат и да му речат: „Па ка ци бе ти“ и да му тропкаат со тропкалка како на бебе.

Сега вројатно не ни требаат ни едното ни другото. Тие што посегнуваат по насилство, несвесно го враќаат неговото време. Тие што мислат дека е сатирично шоу, свестетесе111, оти за жал – не е.

Како треба да се поставиме кон Груевски, тогаш? Каков тип на херојство ни треба денес? Дали треба да го клоцаме „мртвиот Германец“? Дали е мртов? Дали е вампир?
Еве еден пример од трагичниот настан што се случи пред некој ден во Лас Вегас кога напаѓач со митралез уби шеесетина луѓе и рани стотици. Поточно, два примера. По порталите ќе сретнете статии за двајца од присутните што денес ни ги претставуваат како херои.

Едниот, додека сите бегале и се засолнувале, застанал со раширени раце кон напаѓачот и му викал нешто од типот – „Пукај бе, братучед, пукај!“, пцуејќи го монструмот в лице. Другиот, пак, обил камион и со него спасувал ранети.

Првиот пример не го сметам за херојство, туку за лудило во афект. Можам да го разберам тоа лудило, но тоа не е јунаштво. Вториот, иако е престап (обивање камион!) заслужува орден за храброст.

Тој е повторно тука, да. И тоа нѐ лути. И би сакале одважно да го испцуеме и да го исплукаме в лице, но неговите жртви сѐ уште лежат ранети по улиците и им треба помош.
Гласачкото ливче е пцовката што најмногу ќе го здоболи, тоа е ударот што ќе го разоружа. Потоа, како што е ред, преку нашиот Нирнбершки процес ќе си поминеме и ние низ нашата катарза, секој со својот грев од старата ера. А децении подоцна, ќе снимаме и филмови за разбудениот диктатор.

П.С.
И уште еднаш за крај – вампири не постојат! Оние што мислат дека сами треба да спроведуваат правда и со секира да го ништат Елвис Бајрам, треба да му станат цимери на Игор Југ. Веднаш!