Во време кога странски посредници доаѓаат за ги смируваат турбуленциите што ги тресат темелите на државата, ДУИ се посвети на „најголемиот проблем“ – темелот за крстот во Бутел. Борејќи се против крстот, самата си пиша крст – и пред домашната и пред странската публика.
„Оваа земја е секуларна“, порачаа преку транспаренти челниците на ДУИ и нивните приврзаници од протестот против изградба на крст во општината Бутел. И Уставот вели дека е секуларна. Би требало да нема ништо спорно. Сепак има.
Тоа е селективната принципиелност на ДУИ по ова прашање.
Имено, ако ДУИ ја почитува и нагласува важноста на секуларноста, очекувам тоа да го прави секогаш, секаде, конзистентно и без исклучок. Но, оваа партија создаде и создава прилично голема конфузија по ова прашање. Колку да потсетам, не помина ни еден месец откако партискиот лидер на ДУИ одеднаш ја фрли наметката на „царевото“ и загази во атарот на „божјото“. Лично тој сугерираше дека во јуни не е добро да се одржат избори, бидејќи тогаш почнуваат рамазанските пости.
Што е Ахмети – партиски или верски лидер? Ако е лидер на партија, зошто еден политички цикличен процес го истретира низ призмата на неговото датумско совпаѓање со почеток на верски обреди, кокетирајќи перфидно на тој начин со сентиментот на верниците?
Значи „секуларизмот“ е важен само кога е во прашање изградбата на крст во Бутел, а не кога тој се губи под божемната грижа за муслиманските верници, а зад која всушност се кријат себични партиски интереси за пропагандно- изборна достапноста врз тој електорат.
Не случајно, протестот на ДУИ се реализираше за време на престојот на високиот функционер од Стејт департментот, Хојт Брајан Ји
Второ, ако одлуката за изградба на крстот во Бутел е идентификувана како доказ за загрозување на секуларноста и за кршење на Законот кој предвидува гласање со Бадентерово мнозинство, тогаш можеше ли тоа да се покаже низ некаква еманципаторска и институционална практика, а не преку корнење метални шипки од темелникот, кршење плочи, затрупување со земја, кревање прав и фрлање прав во очи…
Трето, во целата таа исклучиво партиска претстава, која не доби никаква граѓанска поддршка без оглед на агресивната намера партиските членови да се претстават како глас на албанскиот етникум, прашувам – зошто мораше да биде запалена палма? Дали и таа беше закана за растегливото толкување на секуларноста? На која вера и прапаѓаше палмата? На христијанската, на муслиманската, на протестантската… на чија?
Ме потсети овој тажен чин на една реплика, од сега покојниот Арбен Џафери, упатена до поранешниот претседател Киро Глигоров, кој при свеченото отворање на еден Шарпланински куп, ја употреби синтагмата „овој убав македонски снег…“
„Нема македонски или албански снег. Снегот е снег, тој е сечиј, дар од природата кој ни припаѓа на сите“, рече Џафери.
Соодветно на тоа, нема ни православна ни муслиманска палма. Единственото прашање за кое може да спориме, по која цена е набавена, кој го добил тендерот и од кој вид беше: phoenix dactylifera (африканска плодна), phoenix canariensis (канарска плодна) washingtonia robusta („небеска четка“) washingtonia filifera (лепезеста калифорниска) или trachycarpus fortuneii („кинеска ветерница“)?
Но, знам дека во ДУИ не ги интересира ни видот, ни животот на палмата. Тие повеќе се заинтересирани вчерашниот протест да биде прокнижен од една друга важна „цвечка“, од политичката washingtonia robusta.
Не случајно, протестот на ДУИ се реализираше за време на престојот на високиот функционер од Стејт департментот, Хојт Брајан Ји. Во итарпејовски стил, ДУИ се обиде со еден протест да добие неколку битки: да се прикаже како заштитник на верските чувства на Албанците пред мајоризацијата од мнозинската заедница и нејзините верски симболи, да го зајакне својот длабоко урнисан партиски рејтинг. Истовремено пред меѓународниот фактор јасно да покаже дистанца кон политиките на коалицискиот партнер, без оглед што 8 години се крсти во таа коалициска „црква“.
Ете, тоа е демагогијата што под параванот „почитување на секуларноста“, ДУИ сака да и ги продаде на јавноста. Но, не доби ни една битка. Во време кога странски посредници доаѓаат за ги смируваат турбуленциите што ги тресат темелите на државата, ДУИ во евтин шибицарски стил се посвети на „најголемиот моментален проблем“ – крстот во Бутел. Борејќи се против крстот, самата си пиша крст – и пред домашната и пред странската публика.
За среќа, од 2001 година наваму, паднаа многу стеротипи и се извојуваа многу победи над (зло)употребата на етничкото и верското во граѓанскиот дискурс.
ДУИ, партијата која божем се буди и заспива со европски вредности на своите усни, само заради лични потреби се обиде да не врати кон некои минати времиња, за кои мислевме дека сме ги надминале и оставиле далеку за нас.
Граѓаните имаат фобија од фактори кои политиката ја претворија во место каде што сите душевни болести си закажаа состанок во исто време
Но, тоа враќање не е случајно. ДУИ, всушност, се враќа на местото на злосторството во кое со години учествува. Зад затворени политички врати аминува разни симболи и споменици, ама кога ќе се соочи со граѓански реакции, облекува отпорашко одело и оди на барикадите за да ги штити граѓаните од самата себе и сопственото соучесништво во одлуките со коалицискиот партнер.
Притоа уште се надева дека на јавна сцена ќе спроведе експропријација на нашите бројни сеќавања за нивните слични демагошки авантури или дека ќе успее да спроведе дерегулација на здравиот разум на граѓаните. За да успее ваквата пропагандна порака, таа сепак мора да кореспондира со извесни постоечки фобии.
Нив во моментов навистина ги има, ама не се од сферата ни на верското, ни на етничкото, туку исклучиво на политичкото. Тоа е фобија од партиски лидери со карактеристична несериозност и огромна неодговорност. Тоа е фобија од фактори кои политиката во оваа земја ја претворија во место кадешто сите душевни болести си закажаа состанок во исто време.
Сега ДУИ може да прави што сака, да смислува разни тактики за да се ребрендира себе си, но нема да има голем ефект од тоа. Подобро е нејзините челници да ги засукаат да ракавите и да засадат некое дрвце на местото кај што ја запалија палмата. Тоа е максимумот што може да го дадат.