За „Големото уво“ против краткото помнење

Барам правни експерти да објаснат дали има и каква е разликата меѓу сегашните „незаконски прибавени докази“ на Заев и „незаконски прибавените докази“ на Црвенковски во случајот „Големото уво“, врз основа на кои новинарите добија судски процес?

По епизодата со судската одлука, според која снимките и транскриптите од прислушуваните разговори се издвојуваат како незаконски прибавени и не можат да бидат ни доказ, ни основа за судска одлука во 27 предмети, меѓу кои и против премиерот Никола Груевски и неколку други функционери, бидејќи не сум правник, барам правни експерти да објаснат дали има и каква е разликата меѓу „незаконски прибавените докази“ на Заев и „незаконски прибавените докази“ на Црвенковски во случајот „Големото уво“?

Да потсетам, јас и уште 15 колеги новинари, застапувани од адвокатот Димитар Дангов, во 2001 година покренаваме тужба за тој случај, го добивме процесот пред домашните судови и добивме надомест за штетата. Ја потврдивме веродостојноста на прислушуваните разговори, а судот ги прифати доставените докази (транскриптите) кои беа добиени на незаконски начин. Пресудата ја донесе судијката Гордана Јакова.

Дали сум во право ако констатирам дека преку тој процес македонското судство веќе воспостави судска практика во однос на прифатливоста на „такви“ докази или грешам?

Аферата „Големото уво“ во 2001 година ја обелодени тогашниот лидер на опозицискиот СДСМ, Бранко Црвенковски, објавувајќи на прес-конференција транскрипти од стотици прислушувани разговори на политичари, носители на јавни функции, новинари, дипломати…

Кривичната постапка за ова дело запре, откако тогашниот претседател Борис Трајковски донесе одлука за аболиција на министерката за внатрешни работи, Доста Димовска и на началникот на Петтата управа во МВР, Александар Цветков, кои беа осомничени како нарачатели на прислушувањето.

Нашиот процес продолжи во граѓанска постапка. За седум години, колку што поминаа додека се донесе првата пресуда, се сменија четири судии, а поради судење во неразумен рок, го добивме и процесот во Стразбур. Некои ме убедуваат дека фокусот во овој процес бил ставен на надоместот на штетата, а не врз материјална расправа околу (не)законски прибавените докази. Можеби се во право, не знам. Затоа барам правно објаснување. Но, знам дека беше спроведено вештачење, а на едно од рочиштата, затворено за јавноста, беше прочитан и Извештајот на Собраниска комисија за надзор врз следењето на комуникациите, кој беше класифициран како „државна тајна“.

Ние новинарите бевме предупредени дека кривично ќе одговараме ако објавиме што било од изнесените наоди на Комисијата, кои содржеа доверливи податоци за тоа која безбедносна инстутуција со каква опрема за следење на комуникации располага, за нејзините капацитети и други интересни детали.

Прашувам, дали тој судски процес беше изведен „lege artis“? Зошто транскриптите обелоденети од Црвенковски беа прифатени како доказен материјал во нашиот предмет и покрај тоа што биле стекнати на незаконски начин? Различни ли се аршините за третманот на доказниот материјал во кривична и во граѓанска постапка? Дали и снимките и транскиптите од „бомбите“ на Заев кои сведочат за прислушувани новинари, сега ќе се третират како незаконски прибавени докази?

Односно, дали по седум години од пресудата за „Големото уво“, ќе биде фрлена судска „бомба“ врз една, веќе воспоставена судска практика?

Мене, благословена во моето правничко незнање, последниот потег на судот воопшто не ми изгледа логично, што не значи дека сум во право.

Но, мое право и обврска е да барам докази дека донесените судски решенија се темелат на закон и на практиката на Судот во Стразбур, а не на длабочината на некоја магионичарска шапка, од која како бели зајаци ќе се извлекуваат различни решенија за исти дела, во зависност од приликите и потребите.