За грст сребреници

Нека ми биде простено, што на овој најтажен ден за христијанските верници, Велики петок, ќе го поставам прашањето што го поставуваат многу луѓе, без разлика дали се верници, агностици или атеисти, но немаат храброст јавно да го изустат: Достојни ли сме на Неговата жртва?

Ако по две и кусур илјади години сѐ повеќе ни се множат разни Понтиј Пилати, небаре клонирани по иста ментална матрица во некоја лабораторија на нечесниот, ако сме дозволиле системот на морални и општествени вредности да го кројат Јуди и Варави, ако на многумина им се заматува разликата помеѓу лагата и вистината заради грст „сребреници“ и ако тоа среброљубие придонесува да бидат изложени на потсмев и казнувани доблеста и човечноста, а не криминалот – тогаш дали сме ја оправдале Неговата жртва? Можеме ли да се претставуваме достојни за што било, ако таа жртва не е проследена и со нашата?

Ако денес се губи разликата помеѓу „љуби“ и „убиј“ го ближниот свој, тешко е да се верува дека со „традиционална“ молитва, рутински изговорена, некој ќе може да ја заврши работата, да се исчисти од гревовите и да добие нов едногодишен „кредит“ за божјата милост

Жртвувањето во христијанството има за цел оној што (се) жртвува, низ тој чин да ја доврши и издигне својата личност, да ја направи достојна на Бога. Жртвувањето најискрено се остварува преку внатрашно преобразување, живеење во духот на највисоките морални стандарди, и преку споделување, сочувствување, разбирање, помагање, простување…

Ако денес се губи разликата помеѓу „љуби“ и „убиј“ го ближниот свој, тешко е да се верува дека со „традиционална“ молитва, рутински изговорена, некој ќе може да ја заврши работата, да се исчисти од гревовите и да добие нов едногодишен „кредит“ за божјата милост.

Тоа воопшто не е онтолошка промена на човекот, туку само промена на неговиот однос кон гревот, комерцијален однос на еден пасивен објект кон желбата за еднократно покајание заради спасение, нешто како брзо-фото, потребно еднократно да прикаже рехабилитација на моралниот и духовен лик.

Тоа е типична практика за оние кои еднаш годишно, небаре се работи за завршна сметка во фирма, се обидуваат да направат конверзија на своето варавство, пилатство или јудејство во „верата“, а потоа се враќаат на старите патеки  предозирани од суета, толку многу возљубени во себе и своите функции, што ја бришат секоја разлика помеѓу небески господари и земски лихвари, овластени дистрибутери на лиценци за чиј било живот, егзистенција, права, правда, по можност „за век и веков, амин…“

Тоа е еден духовен симулакрум, естрадно верништво и фарисејство во неограничени количини. Го има насекаде и се препознава по празнотијата од морал и желбата да се чепне од славата на Бога преку манифестирање лажна духовност. Го има тоа и меѓу земските „службеници“. Сѐ повеќе верувам дека дел од нив сѐ уште суштествуваат во мантии, само за да ни бидат јасно показание колку човек може да се изгуби и да се нагрди себеси, да пропадне морално и духовно аргатувајќи во храмовите каде што се проповеда национализам, гарниран со политикантски парастоси. И уште самоуверено тврдат дека дека кај нив е божјиот тас и знак што одредува кој е во право.

Според една статистичка пресметка, ако се собере колку клинови и делови од крстот на кои бил распнат Исус денес „се чуваат“ во светот, тие би биле доволни да се направи брод со големина на „Титаник“. Ни симболиката со името на бродот не е случајна.

Тоа е еден духовен симулакрум, естрадно верништво и фарисејство во неограничени количини. Го има насекаде и се препознава по празнотијата од морал и желбата да се чепне од славата на Бога преку манифестирање лажна духовност.

Идеалот на искривоколчените верски, но и политички клики, е да владеат со формата, со материјалниот доказ за нештото, наспроти слепоста за силата на духовното, на нематеријалното кое е помоќно од каква било материја. Затоа и трчаат по габарити, функции, станбени квадрати, богати епархии, провизии, државни сребреници, опкружени со заблуден народ кој во нивна заштита и одбрана треба промптно да изрекува народни пресуди од типот: Слобода за чесните криминалци! Слобода за Варава!

За потребите на лажните вредности и народни пресуди, ќе бараат нови клинови наменети за распнување на правдата и вистината. По две и кусур илјади години мора да се спречи со нив да биде убиена надежта за живот, разбирање и мир. Мора да се биде достоен на Неговата жртва. Бог е во секој човек, толку колку што човекот чува место за Бога во себе. Не барајте го во канцеларии каде што треба да се потпишат налози за лекови, водоводи, субвенции… Треба да го барате и да го најдете во себе, во сопствените раце, верба и истрајност. Во Бетлехем (куќата на лебот/житото) владеела суша, ама се родило и жито и нешто многу поголемо и позначајно од родот во таа година.

Затоа, без оглед на недостигот од субвенции, посејте ги нивите и годинава, макар и со третокласно семе. Тие ќе го дадат својот род. Сонцето и среќата ги следат храбрите и чесните. Оставете го Варава во мракот на лакомоста да си ги преброи сребрениците и на крајот да се запраша: вредеше ли сето ова?