Злосторство и казна

Тој што мисли дека неговото опкружување е само сцена на која тој бесконечно ќе ги дефинира своите „правила“ ставени во погон на насилството, само извесно време може да живее во таква илузија. По извесно време се судира со последиците на својата неодговорност, и на крајот – со казна.

Потврдата за тоа стигна денеска со првостепениот епилог од судскиот процес за „Крвавиот четврток“: 211 години за 16 обвинети. Највисоката казна затвор беше пресудена за Митко Чавков (18 години), најмалата (7 години) за Абдулфета Алими, во јавноста познат како човекот што го спаси Зијадин Села. Единствениот, кој очекувано доби ослободителна пресуда, е Игор Дурловски, но, за жал, досега јавно не покажа дека ги разбрал последиците од тој срамен настан врз ткивото на државата.

И додека пламнува дебатата околу висината на казните за овие 16 лица, како да забораваме дека на 27 април 2017 година бевме на работ да пламне државата, која е татковина на повеќе од два милиона граѓани.

Не можам да оспорам измешани чувства – од една страна потребата да се санкционира тоа насилство, од друга, фактот дека овие луѓе свесно или несвесно учествувале во сценариото на една забегана политичка врхушка. А токму таа врхушка е алката што сѐ уште недостига во оваа приказна, за да имаме чувство дека правдата е навистина задоволена. Мислам, пред сѐ, на тие што се шетаат надвор од земјата.    

Вториот аспект е впечатокот дека не е извлечена поука во круговите што го растеа цвеќето на злото. И покрај сето она што јавноста со свои очи можеше во живо да го види на ТВ-екраните, за жал, до денес не престанаа обидите црното да се прикаже како бело: насилството како „патриотизам“, како спонтана реакција на гнев поради „политичкото насилство“ што претходело во парламентот, чин без никаква умисла, туку гест од инстинктивен, одбранбен карактер…

Денешните аплаузи пред судот упатени до обвинетите од мала група поддржувачи, само се вклопуваат во сликата за бавното зреење на општеството, имајќи предвид колку долго било тренирано на тезата дека „таму каде што е моќта, законот нема пристап“.

И додека пламнува дебатата околу висината на казните за овие 16 лица, како да забораваме дека на 27 април 2017 година бевме на работ да пламне државата, која е татковина на повеќе од два милиона граѓани

И навистина, несанкционираниот волунтаризам на вмровската владејачка декада рефлектираше впечаток дека никој ништо не им може. Дека обвинетите за 27 април може да се правдаат со „народен“ гнев што се создал без ничија политичка или институционална навигација, туку како основен инстинкт за одбрана на државата. Одбрана, од кого и од што? Од самите себе?

Иако обидите за релативизирање и рационализирање на насилството во парламентот се покажаа како јалови, тоа не ги запре дистрибутерите на мантрата дека се врши „политички прогон“. Тие, ниту еднаш не се загрижија, што една иста таква релативизација веќе видовме и со настаните во парламентот од 24.12 2012 година. Несанкционирањето на тој „црн понеделник“ создаде впечаток дека сѐ може да помине неказнето и најдиректно стана мотивација за следната, најсрамна епизода – Крвавиот четврток. 

Надежта дека и во црнилото има светлина, тогаш ја донесоа две личности, условно речено, од другата страна: Владимир Ѓорчев – со обидите да го спречи насилството и да ги заштити пратениците од опонентскиот кампус, и Никола Тодоров, кој во невозможни услови помагаше за безбедно извлекување на повредените од парламентот.

Другите како да не беа свесни дека гневот како покренувач на акција има особини за кои би требало да се загрижи секоја рационална и морална личност. Нерационалноста не е забранета, но не е добар советник кога некој сака насилството лажно да го правда со „државни причини“. Во интеракцијата во општество што тежнее да стане демократско, нема место за реакции водени од гнев кои претендираат да завршат со привилегирање на злосторството.

А токму пред насилничките акти замижаа лица кои беа службено обврзани да ја спречат лавината, чија цел беше во една ноќ да ја проголта шансата македонското општество да влезе во нормалност, да се ресетира и демократизира.

Денешните аплаузи пред судот упатени до обвинетите од мала група поддржувачи, само се вклопуваат во сликата за бавното зреење на општеството, имајќи предвид колку долго било тренирано на тезата дека „таму каде што е моќта, законот нема пристап“

Го игнорираа фактот дека суштината на еден правен систем е дека луѓето мора да се сметаат одговорни за тоа што го прават. Во спротивно, оставаат да се легитимира секоја насилничка „одбрана“ на државата, аргументирана низ сет од заговорнички теории, токму со цел да го официјализираат наративот и методите врз кои тоа насилство се темели.

Се обидоа националистичките сентименти и нивните, зад фантомки скриени и со крв одработени цели, да ги прошверцуваат во општеството како есенцијален патриотизам. Се надеваа дека правниот систем девастиран од самите нив, нема да ги земе тие дивеења како кривични дела.

Затскриени зад паролата „се случил народ“ очекуваа да се изгуби меморијата за тоа кој на народот му ги симнуваше влечките и кој го тераше да излезе на улица за да си ја одбрани државата. Токму затоа, алката што недостига (организаторите) е  онаа што вистински и суштествено ќе го затвори овој случај.

Овој судски рез на тој срамен „филм“ е исклучително важен. Би било добро кога човечката совест и одговорност редовно би ја превенирале потребата од реакција на правната држава. Но, ако изостанат, правниот систем е тој што поредокот мора да го врати во нормала и да го санкционира злосторството.

Она што останува задача на цивилното општество е континуирано да ги менува условите што довеле до насилство. А тоа е потешкиот дел.