Реџеп Селими, кој за време на војната 1998-1999 година бил ангажиран во Генералштабот на ОВК, вчера соопшти дека обвинителите го повикале во Хаг, во својство на осомничен.
Тој не ја прецизираше природата на обвиненијата против него.
„Како и многу други припадници на ОВК и борци за слобода, Специјализираното обвинителство ме повика на разговор како осомничено лице. Сослушувањето ќе се одржи следната недела во Специјализираното обвинителство во Холандија“, напиша Селими на Фејсбук.
Селими е пратеник на партијата Ветевендосје (Самоопределување), која жестоко се противеше на донесувањето на законот за формирање на Специјализираните совети, кои ќе им судат на лишата што ќе бидат обвинети од Специјализираното обвинителство.
Досега јавно не е објавено ниту едно обвинение.
Специјализираното обвинителство на Косово води истраги за убиствата, киднапирањата, незаконските апсења, сексуалното насилство и другите злосторства, наводно извршени од припадниците на ОВК, од почетокот на 1998 до крајот на 1999 година.
Од минатата година, обвинителството сослуша повеќе од 100 поранешни припадници на ОВК.
На сослушување во Хаг, во четвртокот беше повикан и Кадри Весели, поранешен претседател на косовското собрание и лидер на Демократската партија на Косово.
Премиерот на Косово, Рамуш Харадинај, во јули годинава, откако обвинителите го повикаа на сослушување во својство на осомничен, поднесе оставка.
Специјализираните совети и Специјализираното обвинителство (пошироко познати како специјален суд) на Косово, се дел од правниот систем на Косово и функционираат во согласност со косовското право, со ангажман на меѓународни судии и обвинители.
Во Косово нашироко постои негативен став кон овој суд, бидејќи многумина ја сметаат ОВК за војска која ги ослободила од српското владеење.