Анализи

Македонија слави независност со поразителни бројки за животниот стандард

Зацврстувањето на демократијата, економскиот развој, животниот стандард и интеграцијата во евроатлантските структури не само што не се поместува туку од година в година се враќа наназад. 

Со повисоки трошоци за живот, а плати кои се поместуваат за ситно, граѓаните денеска прославуваат 24 години независност на Македонија.

Зацврстувањето на демократијата, економскиот развој, животниот стандард и интеграцијата во евроатлантските структури, не само што не се поместува туку од година в година се враќа по чекор наназад, додека многубројни турбуленции континуирано се случуваат на македонската политичка сцена.

Левичарското движење „Солидарност“, состојбата во Македонија на 24-годишнината од независноста ја нарекува „назадување“, правејќи споредби меѓу стапката на невработеност, економскиот раст, миграциите и други показатели за развојот на државата од 1990 година досега.

Граѓаните ги носат последиците од ваквото назадување. Стапката на сиромаштија, според последните информации од Државниот завод за статистика, изнесува 24,2 отсто, што значи дека толкав процент од граѓаните не можат да си ги приуштат основните потреби за живот.

Зголемувањето на трошоците за живот и недостигот од работни места, со себе ја носат миграцијата како реална последица од условите за живот во земјава. Во јавноста циркулираат проценки дека од 1990 година досега, од земјава се иселиле половина милион граѓани.