Анализи

Метлата дел зачисти, дел остави под тепих

Две столчиња за Заев во новиот кабинет | Фото: Влада на РСМ

Времето ќе покаже. Ова е најчестиот одговор на прашањето дали премиерот Заев при првата посериозна реконструкција на Владата ги погоди или ги промаши играчите: и тие што требаше да излезат, но и тие што ќе влезат во владиниот кабинет.

Генерално, во јавноста повеќе забелешки има за дел од „фиксните“  – тие што останаа нечепнати со реконструкцијата, отколку за новите министри. Таков е ставот и на опозициските партии, кои промената ја оценија како „козметика и магла наместо ‘метла’“. Премиерот доби и критики дека не собрал храброст конечно да расчисти со неспособнитe и корумпирани кадри.    

Промените во првиот ешалон не предизвикаа поголеми изненадувања, со исклучок на дополнителниот ангажман што премиерот си го определи за себе – раководење со ресорот финансии.

„Најавуваната реконструкција има два важни аспекти, вели политикологот Ненад Марковиќ.

„Првиот е тоа што премиерот ја презема улогата на министер за финансии. Искрено се надевам дека ова е само привремено решение, со оглед на одговорноста на функцијата, но и обемот што оваа функција ќе го бара од човек кој истовремено е и претседател на Владата. На среден, но и на краток рок, сепак треба да се изнајде кадровско решение, кое во полн капацитет ќе ја преземе оваа функција“, сугерира тој.

Иако дел од експертите уште вчера порачаа дека на чело на сензитивниот и компликуван ресор финансии е потребно трајно, а не привремено решение, можно е да бидат повторно изненадени. Имено, според владините извори, поверојатно е дека премиерот ќе остане на чело на ресорот додека да се постигне зацртаниот економски успех, односно, веројатно, до изборите.

Експертите со кои разговараше БИРН, сметаат дека по решавањето на клучните надворешно-политички прашања, премиерот сега има одредена „комоција“ да се посвети на тој ресор. Според нив, светската практика познава многу вакви примери. Сметаат дека важно е тој да го даде тонот и насоките на планираните економски политики, а кога работите ќе се придвижат во зацртаната насока, може да се врати на едното столче.  

Пекар, лекар, апотекар…“

Менаџер ќе го решава загадувањето, а доктор културата | Фото: БИРН

Она што засега е повеќе во фокусот на јавноста, е несовпаѓањето на образовните и работни биографии на номинираните, со природата на нивните идни функции. Марковиќ, токму тоа го посочува како втор аспект што се провлекува во сите владини реконструкции и состави на влади низ годините.

„Од една страна, дел од министрите се квалификувани и едуцирани во областа со која ќе раководат, но другиот дел се оние министри кои се ‘професионални’ вршители на оваа должност и чија биографија не е тесно поврзана со ресорот со кој раководат. Нема гаранција дека едниот или другиот модел ќе бидат поуспешни, но пожелно е министерот што раководи со одреден ресор, барем некако да биде поврзан со она што ќе го насочува и контролира“, констатира Марковиќ.

На министерската предлог-листа на Заев има неколку лица, чии професионални биографии формално не се поврзани со идните ресори: на менаџерот и консултант Насер Нуредини, кој треба да раководи со животна средина, на ревматологот и професор на Мадицинскиот факултет во ДУТ, Хусни Исмаили, кој треба да го оживее ресорот култура, и на ротирачкиот министер Садула Дураки, кој ќе министерува по третпат – сега со новото Министерството за политички систем и односи меѓу заедниците.

За Дураки, кој не се прослави со резултати во ресорот животна средина, јавноста не очекуваше дека ќе биде награден со нова функција. Особено, имајќи предвид дека во неговата матична партија ДУИ постојано нагласуваат дека имаат многу компетентни кадри. Но, портпаролот на ДУИ, Бујар Османи, смета дека министерското место во новиот ресор му прилега – токму на Дураки!

„Од петте министри на ДУИ, четворица се под 40 години, што значи млади и нови кадри, речиси сите образовани надвор, во европски центри. Дураки е искусен политичар, кој во Владата е носител на институционалната и политичка меморија на ДУИ, и ќе има за цел да ја изгради новата институција за политички систем и односи меѓу заедниците, која е наследник на Секретаријатот за спроведување на Рамковниот договор. Имајќи предвид дека Дураки е учесник во донесувањето на Рамковниот договор, најдобро и го разбира духот и целта на истиот. ДУИ прави комбинација на искуство и млада енергија во еден ефикасен мозаик кој испорачува“, вели Османи.

Ако се има предвид работната биографија на Дураки, излегува дека тој го разбирал „духот“ на многу институции. Нема што не бил: од заменик-директор на Царинската управа до директор на Агенцијата за развој и инвестиции, пратеник, министер во два различни ресора (земјоделие и животна средина), сѐ до градоначалник на Липково во два мандата. Од тој аспект, ова персонално решение ја враќа ДУИ во времето кога беше жестоко критикувана за „вечните кадри“, а Дураку, кој има диплома за „инженер по машинерија“ (што и да значи тоа), го сместува меѓу „незаменливите“. Во неговата биографија доставена до Собранието под графата „други способности“, пишува: „Солидни менаџмент особини, работа во група, работа под стрес, комуникативен“.

А токму менаџерските способности Османи ги истакнува како главен адут за Насер Нуредини, кој не е член на ДУИ. Бил советник за диверзификација на инвестиции и развој на проекти во компанијата „ГЕГГ Адвајзори де Нуредини“ од Виена, има искуство во Лондон како инвестициски банкар во „Ај-ен-џи“ и „Уникредит“, но не и со проблематики поврзани со животната средина.

Портпаролот на ДУИ, поврзаноста ја наоѓа во фактот дека Нуредини е експерт за „реализација на комплексни проекти“. На забелешката дека во сите ресори има комплексни проекти, Османи тврди: „Најкомплексните ИПА проекти се во ресорот животна средина“.

 Нема да пишува поезија, туку ќе менаџира!

Целиот впечаток ќе се знае по најавената смена на директорите | Фото: БИРН

Дали ревматологот Хусни Исмаили ќе го најде лекот за болките во ресорот култура, откако неговиот претходник се повлече од функцијата? Африм Гаши, лидерот на Алтернатива, партијата што го предлага Исмаили, нема никаква дилема дека тој е соодветен за функцијата.

„Министер е политичка функција. Најмногу ми пречи што има предрасуди. Па, тој нема да пишува поезија, туку ќе менаџира“, вели Гаши.

Притоа објаснува дека второто „јас“ на нивниот претседател на партискиот огранок во Тетово и член на Претседателството – е токму културата, област во која Исмаили имал големо искуство.

„Тој, 30 години е активен и во културата. Говори пет јазици. Видете го неговото си-ви – во издаваштвото, во организација на првиот Саем на книгата на приватните албански издавачки куќи, како уредник во областа на радиодрами, во изготвување 90 радиоемисии од областа на културата, уредник и раководител на 80 телевизиски документарни програми на албански јазик…“, набројува Гаши.

Неговото номинирање го става и во поширок контекст.

„Тетово ни е многу важна општина. А тој е познат во својата средина. Потекнува од старо градско семејство. Но, најбитно е дека е чесен, професионален и отворен за сите. Ќе биде одличен министер. Ова е шанса и за него, и за нас, бидејќи ќе ја претстави Алтернатива во најдобро светло“, уверува Гаши.

Во аналитичките кругови владее ставот дека комплетниот впечаток за најавените промени ќе се стекне кога ќе завршат и најавените смени на околу 20 директорски позиции.