Анализи

Милионски План Б: Груевски да сече црвени ленти и по оставката

Груевски нема намера да престане со фрлањето лопати и откако на 15 декември ќе го отстапи премиерското столче, предвидува опозицијата и аналитичарите блиски до неа. Ребалансот на буџетот усвоен пред враќањето на опозиционерите во Собрание овозможува нови 18,5 милиони евра коишто ќе се трошат „за сликање на премиерот“.

Груевски на една од неговите обиколки по македонските села / ФОТО: МИА

Нов водовод ќе се изгради во селото Требино од Македонски Брод до јули 2016. Децата од соседното Костово конечно ќе добијат учител, а ќе се обезбеди матичен лекар за Манастирец и за Локвица. Пет милиони евра се предвидени за канализации, водоводи, локални патишта и за други инфраструктурни проекти во Охрид, Струга, Дебар и во Вевчани.

Стартува реконструкција на делницата Битола – Ресен, а половина милион евра ќе се потрошат за чистење на коритото на Црна Река. Во општина Могила ќе се гради патот меѓу Мусинци и Добрушево, а предвидена е и спортска сала во Ивањевци.

Ова се дел од ветувањата што премиерот Никола Груевски ги даде во рок од само два дена, 21 и 22 септември годинава, како дел од неговата обиколка на македонските села. Телевизиите ги пренесувaа средбите со граѓаните, додека Груевски на самото место, преку телефон им ги средуваше поситните проблеми.

„Граѓаните му се заблагодарија на премиерот за вниманието и затоа што ги ислуша нивните проблеми“, пренесе репортерот на државната МИА.

Иако нема сомнежи дека премиерот ја стартуваше изборната кампања, опозицијата и аналитичарите блиски до неа, предвидуваат дека Груевски нема намера да престане со фрлањето лопати и откако на 15 декември ќе го отстапи премиерското столче. Велат дека планот му е како лидер на ВМРО-ДПМНЕ да се појави на секое официјално сечење ленти, а таа комоција му ја дава ребалансот на буџетот од август годинава.

Повеќе од 18 милиони евра се во игра

„Со ребалансот, Владата префрли многу пари во делот што е за општините, а и во буџетот за 2016 има многу пари за општините. Тоа се прави само со една цел. Со договорот од Пржино, на 15 декември Груевски треба да даде оставка и тој ќе нема можности како премиер да учествува на овие настани. Веројатно затоа голем дел од овие активности ќе се префрлат на општините за да може премиерот да го има во јавноста како лидер на ВМРО-ДПМНЕ“, вели пратеникот од СДСМ, Марјанчо Николов.

Николов се сомнева дека парите за локалните проекти, Владата предизборно ќе ги црпи од три буџетски ставки коишто значително ги зголеми со августовскиот ребаланс. Станува збор за вкупно нови 18,5 милиони евра коишто, според опозицијата, ќе се трошат „за сликање на премиерот“.

Така, на пример, ставката наречена „Проект за водоснабдување и одведување на отпадни води“ тежела речиси четири милиони евра, меѓутоа со ребалансот таа достигна преку десет милиони. Ова се буџетските пари наменети за канализации и за водоводи.

Побрзаа со ребалансот пред да се врати опозицијата во Собранието / ФОТО: МИ

Побрзаа со ребалансот пред да се врати опозицијата во Собранието / ФОТО: МИA

Во делот наречен „Помош при транзиција и институционална надградба“, Владата го зголемила буџетот од почетните три и пол, на повеќе од шест милиони евра. Парите од оваа буџетска смета се користат за локалните проекти кои се градат со финансиско учество на државата и со средства на Европската унија.

Сепак, според упатените, најнетранспарентно ќе се вадат парите од буџетскиот дел каде што имало и најголем прилив со ребалансот на буџетот. Имено, во ставката „Тековни резерви“ во буџетот за 2015 година било предвидено околу 800.000 евра, додека со августовската прераспределба на парите ставката сега тежи 10,4 милиони.

Станува збор за зголемување за повеќе од девет милиони евра, за што, иако беа прашани да дадат дополнителни аргументи, како и за целиот ребаланс, од Министерството за финансии немаа коментар.

Според Законот за буџет парите во тековната резерва се користат за непредвидени случаи за кои во буџетот не се планирани средства или одобрените пари се недоволни, како во случаи на елементарни неприлики.

„Делот за тековни резерви остава простор за дискрециони трошења од страна на министерството и на Владата. Тоа е една од таканаречените скриени ставки кои се без точно утврдена намена и овозможуваат користење за партиско промотивна активност на владејачката партија“, вели економскиот аналитичар и поранешен пратеник, Слободан Најдовски.

Постара практика

Точно десет дена пред да се врати опозицијата во Собранието, по договорот од Пржино, владејачкото мнозинство на чело со пратениците од ВМРО-ДПМНЕ го изгласаа ребалансот на буџетот. Министерот за финансии, Зоран Ставрески, на собраниската седница објасни дека за разлика од претходните години, кога парите во буџетот се прераспределувале поради недостаток на пари, годинава ребалансот е направен, бидејќи во првите осум месеци државата собрала повеќе пари од предвиденото.

Аналитичарот Најдовски смета дека ребалансот е во функција на изборите во април следната година.

„Дел од средствата веќе ги користат во местата кои ги посетува премиерот“, вели тој.

Според него, почнувајќи од 2007 година, Владата предводена од Груевски во случаите кога законски не може да ги користи парите од државниот буџет, практикувала да ги префрлува на сметките на општините во кои неговата партија има градоначалници.

„За Груевски и за ВМРО ДПМНЕ е практика да го изигруваат законот за буџет и државните пари да ги (зло)употребуваат за партиска промоција. За разлика од државниот буџет, во општините законски е дозволено да се пренесуваат пари од една во друга фискална година. Така Владата преку општините ги трошеше парите од државниот буџет од 2007. Остана неразјаснето како одредени пари кои со одлуката на Собранието беа префрлени на општините, сепак не се искористија за намената која беше посочена“, потсетува Најдовски.