Анализи

Никој нема контингент албански гласови во џебот

Бројот на гласачи особено се намали во Арачиново под власт на СДСМ | Фото: БИРН

Гласачите Албанци би можеле да одиграат клучна улога во вториот круг од претседателските избори и да го одлучат победникот. Но, резултатите и реакциите од првиот круг покажаа дека никој нема контингент албански гласови во џебот, кој би можел да ги употреби во корист на едниот или на другиот кандидат.

Ниту СДСМ ја доби поддршката од Албанците што ја имаше во изминатите два изборни циклуси, ниту ДУИ испорача доволно гласови за да го „одлепи“ заедничкиот владин кандидат Стево Пендаровски од неговата соперничка Гордана Силјановска-Давкова.

Резултатот од тоа е – во 15-те општини со мнозинско албанско население на овие избори гласале 110 илјади помалку граѓани во споредба со локалните од 2017 година, односно 80 илјади помалку во однос на референдумот од минатиот септември.  За година и пол, бројот на луѓе што излегле на гласање во овие општини се намалил за 43 отсто.

Затоа, уште вечерта по изборите, двајцата кандидати што поминаа во вториот круг побараа поддршка од оние Албанци што веќе излегле во првиот, гласачите на професорот Блерим Река. Силјановска им порача дека тие како опозиционери треба да ја поддржат опозицијата против Зоран Заев. Заев и Пендаровски, пак, одговорија дека тие гласачи „треба да постапат правилно“ и „знаат што е најдобро“, а Артан Груби од ДУИ рече дека Силјановска не може да се надева на нив.

Река и партиите што го поддржаа, пак, беа јасни уште веднаш – нема да препорачаат поддршка за никого, секој сам да си одлучи дали и за кого ќе гласа во вториот круг.

Сето тоа е вовед во борба за секој поединечен глас. Без меѓупартиски пазарења и математики меѓу двата круга, двајцата кандидати и нивните табори ќе се обидат да ги привлечат оние што гласале за третиот, но и тие што не излегле да гласаат.

Излезноста некаде не стигна ни до 20 отсто

За поголемиот број тетовци неделата беше само обичен ден за прошетка | Фото: БИРН

Тетовскиот преведувач Арменд Нухиу е еден од оние што го искористија своето право да не гласаат. Познат како еден од најактивните коментатори на политичките случувања на социјалните мрежи и на дебатни телевизиски емисии, Нухиу важи за човек за кого не постојат етнички разлики, кога станува збор за политиката и за јавните работи. Овојпат реши својот политички став да го искаже на пасивен начин.

„Првпат во мојот живот не гласам на некои избори, и чувството е посебно и возвишено. Феноменално“, напиша тој на својот фејсбук-профил.

Како него постапиле 70 проценти од запишаните гласачи во неговата општина. Но, Тетово со 30 отсто излезност беше меѓу општините со најголем одѕив на гласачите во албанските средини.

Само Струга, Чаир и Кичево имаа ист или малку поголем процент, а Дебар има најголема излезност од 44 отсто. Од друга страна, во сдсмовското Арачиново излегле само 25 отсто гласачи, во Сарај 23, а во Липково 19 отсто.

На социјалните мрежи се појавија различни толкувања за причините што придонеле за најниската излезност на Албанците на избори во поново време. Се споменуваа повеќе фактори, од субјективните, како разочараноста и немањето подобра понуда, до објективните како иселувањето, поради кое луѓето се во овие општини само на избирачкиот список, а во реалноста се во Западна Европа.

За Арменд Нухиу, причините се едноставни.

„Излезноста кај Албанците е мала бидејќи Албанците, како и Македонците, очекуваа, покрај економското подобрување, и владеење на правото. Со коалицијата со ДУИ голем дел од Албанците што гласаа за СДСМ за да го казнат владеењето на ДУИ, останаа разочарани. Чашата се прелеа кога Заев ја зеде во коалиција ДПА на Тачи, која кај Албанците е синоним за деспотско владеење и братство со ДПМНЕ“, ни одговори тој.

Каде ќе отидат неалбанските гласови на Река?

Општината Чаир беше блиску до врвот со една третина излезени гласачи | Фото: БИРН

Политичкиот аналитичар Сефер Тахири идентификува три главни фактори за малата излезност кај Албанците. Главен, според него, е иселувањето, од кое последиците стануваат сѐ поочигледни. Вториот е недоволната мотивација да се гласа за кандидат-Македонец кога има и Албанец во трката, па апстинирањето се гледа како подобар избор. Третиот е апатијата и незадоволството поради потфрлањата на економски план, непотизмот, корупцијата и друго.

„Во вториот круг мислам дека ќе се надмине таа психолошка бариера и повеќе граѓани ќе излезат на гласање. Иако одреден дел гласачи се партиски контролирани, пред сѐ, клиентелистичките гласачи што се вработени во јавната администрација, мислам дека повеќето Албанци ќе направат избор што ќе биде независен од повиците на политичките партии. Очекувам тој избор да биде да се излезе во поголем број во вториот круг“, вели Тахири.

Но, во пресрет на тој круг нема да има борба само за Албанците што гласале за Блерим Река. Нема општина во земјава каде што кандидатот под реден број 1 не освоил барем неколку гласа. Низ општините во источните делови на земјата и во Пелагонија, каде што доминира македонското население, освоил околу 2.500 гласа. Него го заокружиле 11 избирачи во Зрновци, 58 во Берово, 60 во Кратово, по 167 во Струмица и во Кавадарци, сѐ до 369 во Прилеп. Тоа е мал број гласови, но во олку изедначена трка може да одиграат важна улога.

Според Тахири, иако можеби дел од овие гласови се протестни (гласање за кандидатот со најмалку шанси поради разочараноста од преостанатата понуда), повеќето од нив се искрени бидејќи и гласачите Македонци и избирачите од другите етнички заедници го препознале професорот Река како интелектуалец што може да се носи со претседателската функција. Затоа тој очекува тие да гласаат и во вториот круг за тој за кој веруваат дека е поблиску до нивните вредности.