Вести

Нобелова награда за мир: Во криза се создаваат лидерите

Алфред Нобел

Тешко може да се замисли понесоодветна атмосфера за доделување на Нобеловата награда за мир додека преку сириската граница се тркалаат гасениците на турските армиски тенкови. Преминувајќи преку сликите од најновата воена интервенција, кои се нижат на нишките на социјалните мрежи, јасно ни е што следи. Нова војна.

А почеток на октомври е. Тогаш, според традицијата, се објавува добитникот на високото признание. Норвешкиот Нобелов комитет денеска треба да објави кој е човекот или организацијата кои годинава најмногу придонеле за мирот и просперитетот на луѓето. Според правилата, целата официјална листа на номинираните се држи во тајност дури 50 години. Се знае дека за 2019 се поднесени 301 номинација.  Од нив 223 се индивидуи, а 78 се организации.

Правилата велат дека петчлениот комитет составен од истакнати норвешки интелектуалци назначени од страна на норвешкиот парламент ја има стеснето листата уште до крајот на март. До август е направена ревизија на процесот и за во септември и почетокот на октомври е оставено само едно. Комитетот треба да се одлучи за една од приказните на номинираните. Одлуката паѓа со гласање. Ако тројца се согласат за една номинација, таа победува. А тоа најверојатно не е лесно.

Во декада на судири, ѕверства, бегалски колони од Сирија, Северна Африка, Јемен, Мјанмар, па и Украина, кои ги следевме речиси во живо, меѓу номинираните сигурно има приказни и сведоштва за херојство

Во декада на судири, ѕверства, бегалски колони од Сирија, Северна Африка, Јемен, Мјанмар, па и Украина, кои ги следевме речиси во живо, меѓу номинираните сигурно има приказни и сведоштва за херојство. Вообичаено има и приказни за конфликти до кои не дошло и за нив не сме ни слушнале.

Тие се можеби и највредните. Зад нив обично има луѓе, кои со исклучителна посветеност, издржливост, храброст, мудрост, а често и среќа спречиле недоразбирања и конфликти да ја преминат црвената линија и луѓе и заедници да потонат во амбисот на насилството. Често нивните имиња и приказни ги дознаваме дури откако ќе добијат Нобелова награда.

Сепак, комитетот не ги спречува тие што номинираат да објават кого номинирале. Право да номинираат според правилата имаат: парламенти и влади, Меѓународниот суд на правдата во Хаг, Постојаниот арбитражен суд во Хаг, Меѓународниот институт за права, Меѓународната лига на жените за мир и слобода, универзитетски професори, директори на мировни институти и институти за меѓународна политика, личности кои веќе добиле Нобелова награда, актуелни и поранешни членови на норвешкиот Нобелов комитет и поранешни советници на Комитетот.

Меѓу номинираните Заев и Ципрас

Номинацијата ја достави Бушамауи од Тунис, добитничка на Нобеловата награда за мир во 2015 | Фото: Роберт Атанасовски

Познато е дека македонскиот премиер Зоран Заев и поранешниот грчки Алексис Ципрас се на листата поради потпишувањето на Преспанскиот договор. Номинацијата ја достави и објави Уидед Бушамауи од Тунис, добитничка на Нобеловата награда за мир во 2015. Зад неа стојат и водачите на три парламентарни групи од Европскиот парламент. Групата на социјалистите и демократите, на зелените и Обединетата европска левица – Нордиска левица.

Колку е силна нивната приказна? Можеби по првите години од прогласувањето на нашата незазвисност со јужните соседи не бевме баш на работ на некоја војна. Повеќе им ги посетувавме плажите и продавниците, а тие нам забарите и казината отколку што се плашевме од бомбардирање. Меѓутоа, атмосферата во повеќе од дваесетгодишниот спор знаеше да зоврие.

Имаше протести, национализам и говор на омраза. Спорот дефинитивно се покажа како клучна пречка до овој момент за нашето интегрирање во ЕУ. И ако се има предвид дека низ годините бевме почесто сведоци на спорови во светот кои еруптираа во војни, тогаш оваа номинација добива на вредност.

Навистина, ретки беа моментите кога држави и различни страни во спорови седнуваа да разговараат и да се договорат на цивилизиран и мирен начин. Примерите како последниот кога тенковски колони влегуваат „еднаш и засекогаш“ да разрешат проблем беа далеку почести, а обратни речиси и да немаше во изминатата година. Затоа примерот на сега Северна Македонија и Грција има вредност за Нобел, без разлика што во дел од јавностите во двете земји процесот е доживеан како предавство.

„Договорот што го постигнаа Заев и Ципрас е единствената добра вест што доаѓа од Европа во овие времиња. Тие ги оставија партиите на страна и склучија договор, кој решава многу прашања. Опозицијата на двете земји тврди дека Заев и Ципрас ја предале државата. Како е можно и двајцата лидери да се предавници? Со Договорот од Преспа се овозможува двете земји да гледаат напред“, рече Стелиос Колуглу, грчкиот пратеник во Европскиот парламент од партијата Сириза при објавувањето на номинацијата.

Силна конкуренција

Од оние номинации што досега беа објавени, извесно е дека Заев и Ципрас имаат силна конкуренција. И тоа е за очекување. Светот, кој е во криза по повеќе основи, произведува и храбри и инспиративни водачи.

Една од нив е Грета Тунберг, младата Швеѓанка, која со своето бегање од училиште секој петок за да протестира против пасивноста и инертноста во справувањето со климатските промени, поттикна светско движење на младите против климатските промени. Тунберг е номинирана од страна на пратеници на норвешките социјалисти.

„Ја предложивме Грета Тунберг поради тоа што ако не направиме ништо за да ги сопреме климатските промени, тие ќе бидат причина за војни, судири и бегалци. Таа почна масовно движење, кое јас го гледам како голем придонес кон мирот“, изјави пратеникот на социјалистите, Фреди Андре Овстегард.

Ако петнаесетгодишната Тунберг ја добие наградата, ќе стане најмладата добитничка на Нобел.

Ако Грета Тунберг ја добие наградата, ќе стане најмладата добитничка на Нобел

Познато е дека на листата е и Абиу Ахмед, премиер на Етиопија. Тој ги освои насловните страници на медиумите откако стави крај на 20-годишните судири со соседната земја Еритреја. Борбите почнаа во 1998 година, а од 2000 година во сила е тензичен мир на границата меѓу двете земји. Ахмед по освојувањето на власта во 2018 година ги ослободи политичките затвореници и потпиша мировен договор со еритрејскиот лидер Исаиас Афуерки, со кој конечно се признава границата што беше повод за судирите.

Номинирана е и Јацинда Ардерн, премиерка на Нов Зеланд. Таа веднаш по нападите врз две џамии во градот Крајстчрч, во кои беа убиени 51 лице, иницираше до парламентот закони со кои се воведе забрана за поседување автоматско и полуавтоматско оружје.

Според медиумите, на листата е и Раони Метуктире, поглавар на домороден народ, кој живее во бразилската амазонска прашума. Метуктире има 89 години и го минал поголемиот дел од својот живот во борба против уништувањето на прашумата. По огромните пожари во Амазон годинава, тој е еден од најгласните противници на бразилскиот претседател Џаир Болсонаро и политиката на експлоатација на прашумата во комерцијални цели.  

На листата е и Високиот комесар за бегалци на Обединетите нации, Филипо Гранди. Агенцијата и комесарот се номиниран поради нивната работа со бегалците.