Вести

Нови протести на студентите, ако не се повлече предлогот за екстерно

Синиша Јаков Марушиќ и Мери Јордановска

Деканите на неколку факултети што ги консултираше БИРН велат дека се подготвени на дебата и дискусија за воведување екстерно тестирање, но само кога ќе видат готов документ и предлог од Министерството за образование

Екстерното тестирање ќе го ограничи правото на образование, право кое е заштитено со член 44 од Уставот, му пишаа студентите на министерот за образование | Фото: Синиша Ј. Марушиќ

Екстерното тестирање ќе го ограничи правото на образование, право кое е заштитено со член 44 од Уставот, му пишаа студентите на министерот за образование | Фото: Синиша Ј. Марушиќ

Студентите се подготвени за нови протести доколку Министерството за образование не се откаже од идејата да воведе екстерно тестирање.

„Министерството треба да ја преиспита потребата за ваков испит, а не да дискутира за начините како тој да се воведе. Во спротивно ние сме спремни да излеземе повторно“, вели Дарко Малиновски, активист на движењето Студентски пленум.

Во понеделникот, студентскиот протестен марш низ улиците на Скопје го поддржаа повеќе од 2.000 студенти. Меѓу нив беа и дел од професорите на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“. Студентите побараа повлекување на најавените измени на Законот за високо образование и ги оценија како противуставни и против автономноста на универзитетите.

„Масовноста на протестот далеку ги надмина нашите очекувања. Но, ова покажува дека кај студентите и воoпшто, кај младите луѓе, постои критична маса за промени. Ако продолжиме да настапуваме обединети, како досега, сигурен сум дека министерот ќе мора да ги земе предвид нашите барања“, вели Малиновски за БИРН.

Македонија единствена во светот со екстерно тестирање?

Досега нема сретнато држава во која се применува екстерно тестирање, вели Дракулевски | Фото: Економски факултет

Досега нема сретнато држава во која се применува екстерно тестирање, вели Дракулевски | Фото: Економски факултет

Деканите на неколку факултети што ги консултираше БИРН велат дека се подготвени на дебата и дискусија за воведување екстерно тестирање, но само кога ќе видат готов документ и предлог од Министерството за образование.

„Не можам да поддржам нешто што не знам што е. Министерството за образование нема јасна политика што точно сака од високото образование“, вели Љубомир Дракулевски, декан на Економскиот факултет.

Тој вели дека досега нема сретнато држава во која се применува оваа мерка.

„Ние соработуваме со голем број факултети и никогаш досега не сме сретнале држава во која се применува екстерно тестирање. Затоа не можам да коментирам за нешто што реално не знам што е. Чекаме да видиме предлог, па се надеваме на дебата, да се отвори дискусија како да се подобри квалитетот на високото образование“, вели Дракуловски и додава дека во целиот овој процес најважно е товарот да не падне на грбот на студентите.

И Горан Ајдински, декан на Филозофскиот факултет чека допис од Министерството пред да се изјасни за екстерното тестирање.

„Сите го чекаме дописот од Министерството за образование, за да може да се разреши оваа ситуација. Сакаме да најдеме најдобро решение и во корист на високото образование и пред сѐ, во корист на студентите. Во постојана комуникација и координација сме и со ректоратот и со студентите, а пред сѐ сакаме да се отвори дебата на оваа тема“, вели Ајдински.

БИРН стапи во контакт и со декани на уште три факултети, но тие не сакаа јавно да говорат.

„Решивме да не даваме изјави без дозвола од Ректоратот. Целата комуникација со медиумите најдобро е да се одвива преку ректорот на Универзитетот ‘Св. Кирил и Методиј’“, ни рекоа тие.

Адеми ја омекнува реториката

Министерот Адеми вели дека ќе ги земат предвид и мислењата на универзитетите и на студентите, но и дека одлуката ќе зависи и од владините политики | Фото: Министерство за образование

Министерот Адеми вели дека ќе ги земат предвид и мислењата на универзитетите и на студентите, но и дека одлуката ќе зависи и од владините политики | Фото: Министерство за образование

Предложените законски измени предвидуваат воведување на таканаречен „државен испит“ за сите студенти. Испитот би бил спроведуван од страна на државата, а не од универзитетите. Премиерот Никола Груевски претходно изјави дека „овој потег е неопходен со цел да се подобри квалитетот на образованието“.

Предложените измени исто така предвидуваат губење на правото за понатамошни студии доколку студентот два пати не успее да го положи овој испит.

„Ова ќе го ограничи правото на образование, право кое е заштитено со член 44 од Уставот“, му напишаа студентите на министерот за образование Абдулаким Адеми.

Тие понатаму велат дека „се врши директен упад во автономијата на универзитетот“ со тоа што „се одзема моќта и се дискредитира способноста на образовните институции сами да утврдат соодветна методологија на оценување“.

„Лично, повеќе сум наклонет да има екстерно тестирање, но не зависи само од мене“ изјави завчера Адеми. Тој рече дека ќе ги земат предвид и мислењата на универзитетите и на студентите, но и дека одлуката ќе зависи и од владините политики.

„Ако се одлучиме да има, тоа мора да биде без да се нарушува автономијата на универзитетите, без да се загрози Болоњскиот процес и без да има дополнителен товар и за универзитетите и за студентите”, рече Адеми.

Претходно, пак, министерот беше многу построг во своите ставови. Тој се сомневаше во автентичноста на студентското движење велејќи дека опозицијата стои зад протестите.

„Ние сме целосно автентично движење кое произлезе токму од пасивноста на студентските организации кои веќе долго време се во рацете на политиката. Поддршката од сите страни ни е добредојдена, но еден од условите за да се биде координатор во Студентскиот пленум е да се биде партиски неактивен“, изјави за БИРН активистот Владимир Делов.