Регион

Од масовната гробница во Кижевак, идентификувани уште две тела

Масовната гробница во рудникот Кижевак, Рашка. Фото: Марко Рисовиќ

Од Меѓународната комисија за исчезнати лица (МКИЛ) денеска за БИРН изјавија дека нивните експертите го потврдиле идентитетот на две лица, чии посмртни  останки беа пронајдени во масовната гробница во селото Кижевак, јужна Србија.

Примероци од парцијални останки на трето лице, пронајдени во оваа гробница, се совпаѓаат со примероци на посмртни останки, пронајдени пред неколку години во масовната гробница во Рудница, која се наоѓа недалеку од Кижевак, велат од МКИЛ.

Тие објаснуваат дека од осум постмортални примероци од ексхумацијата кај Кижевак што тие ги анализирале, „два … се нови идентитети, а еден е поврзан со случај од Рудница, кој е пронајден, од кој се земени примероци и кој е идентификуван со ДНК анализа во 2014 година“.

Масовната гробница во рудникот кај Кижевак, близу Рашка, беше откриена во ноември. Набргу потоа, започна и ексхумацијата, која беше привремено запрена на почетокот на декември, поради лошите временски услови.

Од Вишиот суд во Белград за БИРН изјавија дека „работата ќе продолжи во зависност од временските услови на теренот“.

Како што додадоа, досега се пронајдени останки од најмалку пет лица.

„Прелиминарните теренски, археолошки и антрополошки информации укажуваат дека досега биле забележани или откриени делови од најмалку пет лица, плус голем број на фрагментирани коски, за кои не може со сигурност да се тврди дека некому конкретно му припаѓаат“, објаснуваат од судот.

Премиерот на Косово, Албин Курти, вчера изјави дека добил информација оти останките ексхумирани во Кижевак, им припаѓаат на албански воени жртви.

Говорејќи на комеморацијата по повод годишнината од масакрите во косовските села Краљане и Резала, каде српските сили убија вкупно 185 косовски Албанци, Курти истакна дека досега се направени две нови идентификации со ДНК анализа.

„Масовната гробница во Кижевак во Србија, е поврзана со масовната гробница во Рудница, и ние очекуваме во Кижевак да бидат пронајдени и други луѓе, жртви на масакрот во Резала, кои се наоѓаат на списокот на исчезнати лица“, нагласи тој.

На 25 март, членовите на Европскиот парламент усвоија резолуција со која ја повикаа Србија да „спроведе истрага за посмртните останки на трите лица ексхумирани за време на претходните ископувања на масовната гробница во селото Кижевак“.

Пронајдената масовна гробница во Кижевак е петта таква пронајдена во Србија, од крајот на војната во Косово пред 22 години. Таа е лоцирана недалеку од рудникот Рудница, каде во 2013 година беше пронајдена масовна гробница, од која беа ексхумирани останки на 52 лица, сите Албанци од Косово.

Во 2014 година, Хашкиот трибунал го осуди поранешниот висок функционер на српската полиција, Властимир Ѓорѓевиќ, на 18 години затвор, меѓу другото и заради неговата улога во прикривањето на телата на убиените Албанци од Косово.

Повеќе од 900 тела се пронајдени во масовни гробници во Србија, но ниту еден српски суд досега не осуди никого за учество во прикривањето на злосторствата.