Регион

Од обвиненија за воени злосторства ослободени 60 Срби, соопшти Судот на БиХ

По критиките што дојдоа од Република Српска (РС) за наводна пристрасност на Судот на Босна и Херцеговина, а по пресудата со која што беше ослободен бившиот командант на босанската армија за Сребреница, Насер Ориќ, Судот на БиХ соопшти дека досега се ослободени 60 поранешни припадници на војската и на полицијата на РС, како и функционери и лица кои што во војната биле стражари во логорите.

Ерна Мачкиќ, Сараево

Судот на БиХ. Фото: БИРН.

Како одговор на наводите од РС дека е пристрасен, а по донесената одлука за ослободување на Насер Ориќ, Судот на БиХ, во вторник, соопшти дека од своето основање до денес, ослободил 60 босански Срби, од обвиненијата за воени злосторства или геноцид.

Од 60 ослободени лица, над 50 се поранешни припадници на Војската на Република Српска (ВРС) и припадници на Министерството за внатрешни работи на РС, но има и некогашни раководители на цивилните структури, на паравојската или стражари во логорите.

Во повеќе предмети, во врска со геноцидот и воените злосторства извршени во Сребреница, Судот на БиХ изрекол ослободителни пресуди.

Меѓу оние кои се ослободени се: Милош Ступар, Александар Цветковиќ, Момир Пелемиш, Здравко Божиќ, Жељко Зариќ, Зоран Живановиќ, Драган Нешковиќ, Зоран Илиќ, Миладин Стевановиќ, Зоран Томиќ, Неџо Икониќ, Милован Матиќ, Драгиша Живановиќ и Велибор Максимовиќ.

Судот ги ослободил и високите државни и полициски службеници Горан Сариќ, Момчило Мандиќ и Гојко Кличковиќ.

Ослободителната пресуда која што судот му ја изрече на Насер Ориќ, кој што беше обвинет за воени злосторства во Сребреница и во Братунац, предизвика остри реакции на политичките лидери на Република Српска и на Србија.

Претседателот на РС, Милорад Додик, изјави дека судот е пристрасен бидејќи судијата што го водел предметот бил Бошњак.

„Доволно е муслиман да му суди на муслиман и да биде ослободен”, рече тој.

Додик се закани и со оживување на идејата за одржување на референдум, на кој ќе бидат оспорени надлежностите на Судот и на Обвинителството на БиХ.

Српскиот претседател, Александар Вучиќ, изјави дека ослободителната пресуда е доказ дека животот на српските цивили не е „вреден колку и животот на другите”.

Од друга страна, претседателот на Судот на Босна и Херцеговина, Ранко Дебевец, негираше дека оваа институција е пристрасна.

„Судот на БиХ работи професионално, во согласност со доказите дадени од обвинителството, а не врз основа на политички и медиумски шпекулации и притисок”, рече тој.

Државниот суд е основана во 2003 година, а првата пресуда за воени злосторства ја изрече во 2007 година.