Анализи

Падни-стани година за кабинетот на Заев

Привршува првата година со Заев на кормилото во Владата | Фото: Flickr на Влада на РМ

Нови проекти, но и колебања и тапкање во место, лоши кадровски решенија, но и големи реформи кои повторно ја внесоа Македонија на европскиот радар, ја следат работата на Владата последниве 10 месеци.

Најголемите критики по формирањето на кабинетот на Заев во мај минатата година почнаа во однос на преголемиот сектор за односи со јавност. И покрај враќањето на практиката за објавување на дневните редови и прес конференциите по седниците на Владата, термините „пи-арчење“ и „министерство за вистина“ и натаму се во оптек кај критичарите на власта.

Едно од првите бранувања беше именувањето на Дарко Лешоски, дел од пи-ар тимот на Владата, кој беше избран за член на Управниот одбор на Струшките вечери на поезијата. Социјалните мрежи буквално гореа од коментари поврзани со искуството, односно неискуството на Лешоски, како и за неговите ставови кон самиот фестивал за кој претходно пишувал.

Само неколку дена по поставувањето, Лешоски под притисокот на јавноста се повлече од оваа позиција и наеднаш, реакциите, но и интересот за овој фестивал стивнаа кога на оваа позиција беше поставена д-р Елизабета Шелева.

Жестоки критики и незадоволство одеа на адреса на власта и во зимскиот период заради загадувањето на воздухот, проблем кој наместо со конкретни владини политики, беше решен календарски со промена на времето.

На внатрешно политички план, владејачката коалиција постојано беше на работ на просто мнозинство. Меѓупартиските односи ги одбележаа неколку ситуации што оставија силни впечатоци во јавноста од тоа дека СДСМ и ДУИ функционираат како паралелни институции, па сѐ до тоа дека ДУИ ги влече конците, а СДСМ е под негова контрола.

По напуштањето на коалицијата од Алијансата за Албанците, мнозинството се одржува преку поддршката на пратеници што излегоа од опозициските пратенички групи, а веќе подолго време се најавува и окрупнување на мнозинството како процес што е тесно поврзан со најавите за реконструкција на Владата.

Подобра транспарентност и реформи во место

Значително на подобро беше променет угледот на Македонија | Фото: Flickr на Владата на РМ

Најголемите достигнувања, се чини дека се направени во делот на односите на Македонија со соседите и нејзините аспирации кон ЕУ и НАТО, иако во овој дел и во името на добрососедските односи се случи преименувањето на аеродромот и на централниот автопат. Се случи првата посета на македонски министер за надворешни работи на Атина, потпишан беше договорот со Бугарија и значително на подобро беше променет угледот на Македонија, која долго време важеше за држава во изолација, а сега на неа се гледа како на успешна приказна од регионот.

Министерството за труд и социјална политика го следеше скандалот со Домот „25 Мај“, кога се откри дека 13-годишна девојка абортирала откако забременила по сексуалното малтретирање на кое била изложена како штитеничка на државната институција.

Големи дебати се развија и околу Законот за пушење, особено поради фактот дека тоа беше еден од првите закони предложени од новото владејачко мнозинство, но сепак беа изгласани законските измени со кои е предвидено да биде дозволено пушење на тераси, бавчи и платформи надвор од угостителските објекти и кога тие се затворени поради временските услови.

Здравството и натаму го тресат скандали, особено во делот на превисоката смртност на новороденчињата. Во оваа сфера продолжува и загрижувачкиот тренд на иселување на медицинскиот персонал во странство и засега недостасуваат поконкретни мерки за да се запре оваа појава, и покрај предизборните најави за зголемување на платите на лекарите и на другите медицински работници.

Скандали се појавија и во полицијата, откако партиски донатор на СДСМ доби тендер за набавка на возила за МВР. На ова министерство сѐ уште му тежи нерешеното убиство на младиот фудбалер Мартин Јанушев, кое се случи минатото лето пред  кафуле во Аеродром пред голем број очевидци.

Владата покажа интерес за отвореност на информациите, па им овозможи на новинарите бесплатно користење на услугите од Централниот регистар и Катастарот, беше промовирана и базата на јавните набавки, како и базата на податоци која дава на увид  како функционерите ги трошат парите за угостителски услуги, превоз, хотелско сместување, мобилни телефони…

Отчетно, но непрецизно и со грешки | Фото: Flickr на Владата на РМ

Веднаш по обелоденувањето на таканаречената Алатка за отчетност, министерот за култура, Роберт Алаѓозовски, демантираше дека потрошил 9 илјади евра за ресторански услуги, тврдејќи дека тие пари биле трошоци за вода и кафе за сите кои не се вработени, а дошле како гости во Министерството, изјава која под знак прашалник ја стави веродостојноста на овие податоци, односно начинот на кој се евидентираат средствата во базата на податоци.

Ако треба еден момент да се одбележи како најдраматичен во досегашното владеење, тоа секако е донесувањето на Законот за употреба на јазиците, кој прво беше изгласан на 11 јануари, па вратен од претседателот Ѓорге Иванов, потоа блокиран со над 35 илјади амандмани од опозицијата, па повторно усвоен на 14 март, што предизвика реакции кај делови од јавноста и протести пред домови на пратеници.

Начинот на кој власта го решава проблемот со над 1.600 вработени во администрацијата што не одат на работа, а земаат плата, исто така е предмет на критики. Со законски измени за дел од нив се најдоа места во различни институции, а на повеќето им е дадена можност два пати да бираат на која позиција ќе бидат.

Во делот на ингеренциите на министерот Дамјан Манчевски, како позитивен знак може да се стави и Законот за медиуми кој се наоѓа во собраниска процедура, иако за него, се чека практично од формирањето на Владата.

Изградбата на инфраструктурата забави откако во јавноста излегоа информациите од надзорните извештаи за големи пропусти во изведбата на автопатиштата, пред сè на делницата Кичево – Охрид. Премиерот, министерот за транспорт и директорот на ЈП за патишта пред неколку дена најавија нова офанзива во изградбата на патиштата.

Во животната средина најмногу пофалби добиваше в.д. директорот на Државниот инспекторат, кој ловеше загадувачи со дронови и ја казни „Дрисла“, но беше сменет поради партиски пазар со ДУИ. Изградбата на регионални депонии со кои треба да се надмине проблемот со отпадот е блокирана поради локални несогласувања меѓу општините.

ДУИ бранува и од надвор и од внатре | Фото: Flickr на Влада на РМ

Реформите во образованието засега застанаа на укинатото екстерно тестирање и напуштањето на програмата „Кембриџ“.

Министерката Рената Дескоска на ден пред гласањето интерпелација на Владата најави нови реформи – нема повеќе учење во сабота, нема повеќе пренатрупани одделенија, часовите за основните се ограничуваат според возраста, неработни денови за наставниците за време на зимскиот распуст се само дел од измените и дополнувањата кои се предвидуваат со новиот Закон за основото образование, кој од вчера е на јавна расправа.

Владата се пофали и дека го спасила статусот на Охрид како град на УНЕСКО, иако граѓанските организации се сомневаат во веродостојноста на оваа изјава. Работата на Министерството за култура, пак, беше затскриена зад скандалите поради годишната програма за култура.

Засега не се гледа ниту почетокот, а камоли крајот, на реформите во судството. Угледни професори се откажаа од учеството во Советот за реформи во судството што го формираше Владата, што фрли сомнеж врз нејзината искреност да ги подобри состојбите во оваа област, која редовно се обележува како една од најпроблематичните во државата.

Уште посилни беа реакциите на јавноста кога лично премиерот беше поставен на чело на ова тело, а Жарко Караџовски и Јово Вангеловски беа предложени за негови советници. Министерот за правда, Биљен Салији, поднесе оставка, посочувајќи го случајот со малиот Алмир како причина, иако неговиот ресор се споменува во меѓу партиските пазарења за формирање ново парламентарно мнозинство и за реконструкција на Владата.

Оставки и разрешувања преку социјалните мрежи

„Mедениот месец“ за Владата одамна е завршен | Фото: Роберт Атанасовски

Оставките и разрешувањата за оваа неполна година од новата власт покажуваат две работи – дека притисокот од јавноста што се врши на социјалните мрежи е огромен, но и дека власта прави почетнички грешки во кадровските решенија кои понатаму ги исправа преку разрешувања или поднесување оставки.

Социјалните мрежи кај новата Влада послужија и за да се соопштуваат разрешувања. Па така, првата информација дека е разрешен директорот на Агенцијата за туризам Александар Донев излезе на профилот на Твитер на портпаролот на Владата, Миле Бошњаковски. Разрешувањето на Донев се случи поради негово „невнимателно и несовесно работење“, а претходно, медиумите објавија дека за пат до Аргентина со бизнис-класа тој потрошил 220.000 денари буџетски пари за билет.

И директорот на Македонскиот народен театар, Драган Спасов Дац, поднесе оставка од својата функција откако во пијана состојба удри во 21-годишна девојка пешак со возилото „БМВ“ со кое управувал. Директорот на МНТ за оставката соопшти преку Фејсбук, а министерот за култура, Роберт Алаѓозовски, исто така преку социјалните мрежи информираше дека ја прифатил неговата оставка. 

Оставки поднесоа и членовите на ДИК, откако беше обелоденето дека тие зеле високи бонуси за последните изборни циклуси, а беше почната и интернет-петиција со која се бараат оставки од деветтемина членови на Државната изборна комисија, која ја потпишаа над 5.000 лица.

Функциите ги напуштија и петмина од вкупно седумте членови на Државната комисија за спречување на корупцијата, откако се дозна дека членовите земале пари за патни трошоци со лажни налози. Дел од нив дадоа оставки поради здравствени причини, а некои пак, во своите оставки напишаа дека ги даваат поради политички притисоци.

Јавноста, очекувано, по 10-годишното владеење на Никола Груевски, имаше огромни очекувања од новата власт, која пред себе имаше тешка задача од корен да ја започне новата ера за Македонија.

Очигледно е дека под влијание на критиката, Владата коригира дел од почетничките грешки, но уште поочигледно е дека „медениот месец“ за неа одамна е завршен и дека опсервацијата на јавноста сега е далеку покритичка, па оттаму под лупа се ставаат сите нејзини потези.